
Интервју со сликарот Сергеј Андреевски, еден од основачите на „Арт поинт – Гумно“: Семеен центар со надреални инспирации
Сликарот Сергеј Андреевски е еден од основачите и куратор на меѓународната уметничка колонија „Арт поинт – Гумно“ што секоја година се одржува во селото Слоештица, родното место на книжевниот великан Петре М. Андреевски.
Препорачано
Отвореното студио на Меѓународниот центар за уметност и одржлив развој „Арт поинт – Гумно“ во с. Слоештица, Демир Хисар, во периодот од 15 до 30 јуни, беше дом на десет уметници од Македонија, Грција, Чешка и Србија, кои создаваа скулптури, слики, фотографии и видеа што ја отсликуваат надреалната иконографија на горно демирхисарските простори, непресушната инспирација и на писателот и поет Петре М. Андреевски.
Темата што ги инспирираше уметниците коишто годинава гостуваа на меѓународната уметничка колонија „Арт поинт – Гумно“ беше со наслов „Слоештица – име за цел еден свет“. Преку темата на оваа колонија, всушност и „Арт поинт – Гумно“ ја чествуваше 90-годишнината од раѓањето на книжевниот великан Петре М. Андреевски (25 јуни 1934 – 25 септември 2006).
Годинава на креативното гумно твореа македонскиот скулптор Никола Пијанманов и скулпторот и копаничар Драган Докоски; професорот на ликовната академија во Ниш, Србија – Мирослав Живковиќ; Харис Савидес, архитект и фотограф и сликарката Снежана Восу од Грција; како и чешката фотографка Јана Хунтерова.
Гости на колонијата беа и поетот, музичар и сликар Владимир Мартиновски и неговиот син Филип, студент на ФЛУ во Скопје. На уметничката екипа им се придружија и домаќините, Воскресија и Сергеј Андреевски.
Новото издание на меѓународната ликовна колонија „Арт поинт – Гумно“ од 15 до 30 јуни се одржа во селото Слоештица. Какви се резултатите од годинашното издание?
– Годинава се навршуваат 21 година откако организираме не само културни, но и настани за заштита на културното наследство, биодиверзитетот и животната средина. Уметничките резиденции и колонии ги организираме со голема посветеност, со однапред обмислена тема и исклучителни автори од светот и од кај нас. Приоритет ни е квалитетот, никогаш квантитетот, и на учесниците и на делата.
Годинава, кај нас гостуваа шест уметници – скулптори, сликари и фотографи од Грција, Чешка, Србија и од Македонија. Освен официјалните гости, учество зедоа и поетот и музичар, овој пат како сликар – Владимир Мартиновски и неговиот син Филип, студент на ФЛУ во Скопје, а бројката од 10 ја дополнивме јас и ќерката Воскресија.

Каков предизвик за работа на уметниците беше селото Слоештица, имајќи предвид дека и темата беше во таа насока „Слоештица – име за цел еден свет“?
– Темата е, всушност, позајмена од насловот на беседата на академик Влада Урошевиќ за Петре М. Андреевски. Слоештица е вечната инспирација на татко ми, па годинава, преку темата на оваа колонија, всушност и ние со уметниците се вклучивме во чествувањето на 90-годишнината од раѓањето на Великанот.
Овде воопшто не е тешко да се нурнеш и да ги истражуваш тајните на надреалното, сѐ е околу тебе. Никола Пијанманов и Драган Докоски создаваа инспирирани од безвременската збирка „Дениција“, Мирослав Живковиќ беше фасциниран од моќта и трепетот на зелената боја на ливадите околу Слоештица, Јана Хунтерова и Харис Савидес ги истражуваа приказните за кои сведочат старите градби, а Жана Восу се врати во времето на нејзините предци што потекнувале токму од овие простори. Таткото и синот Мартиновски, исто така, беа испровоцирани од енергијата на целиот тој свет што се наоѓа во и околу Слоештица.
Селото Слоештица е родното место на книжевниот великан Петре М. Андреевски, а годинава се навршија 90 години од неговото раѓање. На кој начин беше одбележан датумот на неговото раѓање?
– Годинава се случија безброј настани поврзани со чествувањето на јубилејот. Татко ми велеше: „Овдека се сите луѓе, сите пејзажи, сите простори што влегле во мојата поезија и без кои не знам за што би пишувал. Јас ништо не сум напишал што не било барем делумно на овие простори организирано, ниеден збор не ме повлекол подалеку од овие терени, од овој живот овдека…“
Оттука, со задоволство ја прифативме иницијативата на Македонското научно друштво и Педагошкиот факултет од Битола да се вклучиме во прославата на роденденот токму во неговата и наша Слоештица. Настанот заврши кај нас на гумното со свечено откривање на скулптурата што во чест на „Дениција“ ја изработи Никола Пијанманов.

На 25 јуни во Слоештица беше присутен и евроамбасадорот Дејвид Гир. Какви беа неговите импресии од селото и од амбиентот на колонијата?
– Евроамбасадорот Гир не е првиот дипломат што нѐ посетил и што ни оддал признание за сите наши заложби. Тој едноставно остана без зборови. На настанот беше присутен и битолскиот градоначалник, Тони Коњановски. Видно возбуден, тој изјави: „Јас првпат доаѓам во Слоештица, но овде треба да се биде почесто!“
Каква поддршка добивте за реновирањето на Задружниот дом во Слоештица?
– Задружниот дом во селото е реновиран со средства од европските граѓани и делумно учество од општината. Општината беше носител во проектот за прекугранична соработка со албанската општина Клос. Ние, како „Арт поинт – Гумно“ бевме локален партнер и, меѓу другото, бевме директно одговорни за концептот и реализацијата на меморијалната поставка посветена на животот и делото на Петре М. Андреевски.

Каде ја сместивте скулптурата „Дениција“ од авторот Никола Пијанманов?
– „Дениција“ е поставена токму на гумното во нашиот уметнички центар. Таа ги пречекува и ги отпоздравува сите што доаѓаат да се восхитуваат на уникатната интернационална уметност што ја поседуваме.
Во работата на колонијата сте вклучени со своето семејство, сопругата Ирена и ќерката Воскресија. Со каква мотивација ја реализирате колонијата и каква е поделбата на работите меѓу вас во семејството?
– Точно, станува збор за семеен центар во кој сите се вклучени во работата, и сопругата Ирена и синот Меглен и ќерката Воскресија. Сите се дел од работата и од просторот, и физички и духовно, и кога не се во селото. Јас и Воскресија сме задолжени за изборот на уметниците, обезбедувањето материјали за работа, организирањето на просторот, Воскресија особено и за дизајнот на публикуваните материјали. Ирена е шеф на кујната и е одговорна и за бирократските работи. Синот Меглен има обврска да ги ажурира податоците на нашиот профил, а кога е присутен на гумното со задоволство произведува врвно домашно пиво.
За нас, секоја колонија е празник, не случајно велиме дека сме расадник на културни амбасадори за Македонија. Целосно се вградуваме во проектот, секогаш со заложба да ја претставиме нашата земја на најавтентичен начин – да ја допрат, да ја видат, да ја вкусат, да ја слушнат… па да ја пренесат во своите дела.

Скулптура „Дениција“: Возвишена метаморфоза
Домаќините на колонијата, Ирена, Воскресија и Сергеј Андреевски, особено се горди на скулптурата што по повод 90-годишнината од раѓањето на Петре М. Андреевски ја создаде македонскиот уметник Никола Пијанманов, а е инспирирана од култната поетска збирка „Дениција“ на Петре М. Андреевски.
– Скулптурата е материјализација на поетската збирка „Дениција“. За нејзиното остварување размислувам со години, но мигот на реализација се случи сега, во склоп на уметничката колонија „Арт поинт – Гумно“, во Слоештица. Скулптурата самата по себе е контраст: нежност, поезија, лирика и структура од најсуровиот материјал, железо. На подлогата е изгравиран стихот: „За таа топола меѓу две пустини, меѓу две планини“. Таа е девојка, муза која како и митолошкиот лик Дафне, се преобразува во дрво, токму во мигот кога требало целосно да му се предаде на поетот, на оној што ја љуби. Музата доживува целосна метаморфоза. Телото станува стебло на топола, а во рацете-гранки носи еден лист, како акцент на вертикалната композиција на постоењето.
„Дениција“ е возвишено/трагична љубов која се трансформира во надземна состојба, како симфонија на сакањето, творењето, себежртвувањето, смислата на љубовта и смртта. Благодарен сум што овој споменик на поезијата на Петре М. Андреевски си го најде вистинското место во Слоештица, духовниот и физички дом на Петре, местото во кое се родила најмагичната книга „Дениција“ – истакнува Никола Пијанманов.

Автентичност: Нефилтрирана суштина на животот
Грчкиот архитект и фотограф Харис Савидес е воодушевен и истовремено збунет од силните траги на минатото што се втиснати на секоја педа од Слоештица, на секоја куќа или урнатина, во секој сокак или парче земја.
– За мене, како архитект и како фотограф, патувањето во овој уникатен регион беше неспоредливо искуство. Слоештица не е некое митско царство; тоа е мало планинско село кое раскажува приказна за едно минато време. Ова место открива реалност потопена во минатото и надреален, црно-бел поглед во иднината засенета од распаѓањето. Овде, урнатините зборуваат за некогашната животна динамика, а преостанатите жители се трудат да го зачуваат своето родно место среде немилосрдните барања на модерното живеење.
Она што ме направи толку среќен беше мојата способност да се потопам во ова минато, како да влегувам во сцени од италијански неореалистичен филм. Улиците и пејзажите на селото резонираа со потресна автентичност, доловувајќи ја суровата нефилтрирана суштина на животот, онаков каков што бил некогаш. Оваа длабока врска со историјата на Слоештица, сепак, со себе носи и длабока тага. Се плашам дека би можел да бидам меѓу последните што ќе сведочи и ќе го цени овој идеалистички спој на реализам и самракот на една ера. Навлегувањето на времето и модерното се заканува да го засени овој уникатен начин на живот, оставајќи само ехо за идните генерации.
Сепак, се надевам дека повторно ќе ги пронајдам храброста и трпението отелотворени од парот како Сергеј и Ирена. Нивната непоколеблива посветеност на нивната земја и наследство е светилник на надеж. Јас копнеам да ја видам истата таа надеж рефлектирана во очите на другите, да го зачуваат овој неверојатен свет не како мошти од минатото, туку како одржлива и вредна уметност на животот. Ова место заслужува да биде откриено, заштитено и пренесено во иднината, живо со истата живост и издржливост како што отсекогаш памети – изјави Харис Савидес.
(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 238, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 6-7.7.2024)