
Интервју со Павле Камиловски, пејач: Со Лена и Јосиф е неописливо убаво и понекогаш неиздржливо тешко
Во интервјуто за „Слободен печат“ разговараме со пејачот Павле Камиловски, кој неодамна повторно стана татко. Покрај синот, со планинарката Ирина ја имаат и ќерката Лена. За љубовта и бракот со Ирина, како им е дома откако се четворица, колку ужива во готвењето, а колку во планинарењето низ разговорот во интервјуто.
Препорачано
Неодамна во семејството пристигна и Лена, па прво што ќе те прашам е, како сте дома и како сега излегувате на крај со две деца?
– Неописливо убаво и понекогаш неиздржливо тешко, особено дека Јосиф и Лена се мала разлика во години. Има денови кога се магични и понекогаш имам чувство како времето да застанало и сакам да ја впијам секоја секунда помината со нив, додека има денови кои ми се чинат дека никогаш нема да завршат, прашувајќи се дали сум доволно добар како родител, дали доволно посветувам внимание и слично. Така што со секој предизвик со кој се соочуваме во текот на секојдневието заедно со Ирина, паѓа во вода, кога ќе те разбуди чувството на комплетност, топлина и самиот момент дека сме веќе четиричлено семејство. За мене, непроценливо.

Интересно беше да се види на Инстаграм, моментот кога со двете твои сестри пред болницата наздравивте со шампањ, додека чекавте да се роди Лена? Каков беше тој момент на среќа и исчекување?
– Топлината, љубовта и близината што ја имам со моите сестри за мене се еден од најголемиот благодат, се имаме еден со друг, народно кажано. Така што, секој момент на среќа кога го споделуваш со твои луѓе се мултиплицира. Додека чекањето и дочекувањето на Лена за мене беа неописливо убави. Секој родител знае токму за што зборувам.
Лена е убаво старо македонско име… чија беше желбата?
– Се разбира дека желбата беше заедничка. Покрај тоа што самото име е убаво, името кое го носи Лена е по името на мојата мајка Елена.

Како Јосиф реагира на бебето?
– Како и секое дете кога во домот доаѓа нов член, така и Јосиф покажа една мала доза на љубомора првата недела. Но, со многу трпение и постојано зборување и објаснување на новонастанатата ситуација во домот, успеавме да ја елиминираме таа негова љубомора и да ја преточиме во љубов и нежност кон својата помала сестричка.
Колку сега успеваш да ги усогласиш обврските околу домот и кариерата?
– Верувам деке клучот е во балансот, кој се трудам и настојувам да го воспоставам. Семејството ми е секогаш на прво место, но тоа не значи дека треба да се запостави кариерата. Напротив, сега мотивот е поголем за градење и создавање откако ги имам нив, додека одговорноста е многу поголема. Бидејќи во иднина сакам да им послужам како пример на моите деца за тоа како со многу труд и работа се успева во зацртаните цели.

Кога сме кај музиката, зад себе имаш многу настапи, нови песни… Како одат работите на овој план и што да очекуваме ново?
– Благодарам, сè е како што треба да биде. Покрај честите настапи, работам и на нов проект кој верувам дека ќе успеам да го објавам наскоро.
Сè почесто те гледаме на планинарење со Јосиф, ти влезе ли под кожа оваа работа?
– Многу често луѓето знаат да направат шега на моја сметка во однос на искачувањето на Водно, дека пред да влезе Ирина во мојот живот не знаев каде е Водно хахаха… Вистината е дека сум цел живот физички активен, дали во теретана, пливање или во искачување на Водно. Така што, би можел да кажам дека планинарењето не ми е влезено под кожа, но сè додека има потреба да се вклучам во такви активности за да може моите деца да поминат дел од денот на почист воздух на планина, секогаш сум согласен.

Колку време имате сега со Ирина да си посветите внимание еден на друг?
– Покрај обврските што ни ги налага секојдневието, тој момент не треба никогаш да исчезне.
Секогаш наоѓаме начин да си посветиме внимание еден на друг. Додека времето што го поминуваме заедно е квалитетно поминато време, без разлика дали го искачуваме Водно, заедно готвиме, гледаме филм или сме излезени на кафе или во некој ресторан. Така што настојуваме секојдневно да си ја негуваме љубовта.
Сè почесто те гледаме и во модни едиторијали, колку и ова те исполнува? Ја сакаш ли модата и колку внимаваш на стилот?
– Стилот не е само костумот кај човекот, тоа е една целокупна приказна во неговиот живот. За себе сметам дека веќе имам изградено свој стил, но би додал дека уживам да ги носам костумите на „Сињори“. Соработката со нив трае веќе една деценија. Тие беа меѓу првите кои ми подадоа рака на почетокот од мојата музичка кариера и тие моменти не се забораваат. Така што секој моден едиторијал што сте го погледнале од мене досега се однесувал на нив, претставувајќи ги со гордост и задоволство.

Интересно е за тебе дека убаво готвиш. Од каде љубовта кон ова и колку години добро се снаоѓаш во кујната? Што ти е омилено, кога сме кај менито?
– Јас сум вљубеник во животот, да не речам хедонист. Сакам убава храна, убаво вино и сето тоа кога се споделува со убави луѓе, се случува магија. Па и за тие моменти живееме понекогаш, нели? Љубовта кон готвењето ја имам од моја најрана возраст, можам да кажам дека сигурно 20 години добро се снаоѓам во кујната. Веќе знаете дека потекнувам од угостителско семејство, сестрите и мајка ми се исклучителни готвачи, и некако природно се наместиле работите да станам и јас вешт во кујна. Кога сме кај менито, омилена кујна ми е медитеранската.
За крај, како татко на две деца, те фаќаат ли стравови, како и секој родител, околу посветеноста на децата и тоа да ги насочиш на вистинскиот пат?
Мислам дека не постои родител кој не ги дели овие стравови. Можеби токму ова е најтешката задача за секој еден родител. За себе сметам дека сум високо етична личност, што сигурно ќе им биде пренесена на моите деца.
Но сепак, ќе напоменам повторно, дека ние сме најдобрите примери за нашите чеда. Па токму затоа треба да настојуваме да бидеме најдобра верзија од самите себеси, така ќе успееме половина од работата да ја завршиме. Другата половина е на самите нив, кои низ текот на годините ќе мора да научат да се справат и изборат за нивниот живот.
