
Интервју со Никола Гелевски, еден од авторите на новата психолошка друштвена игра: Целта на играта „Добро прашање“ не е да се победи, туку да се постигне блискост меѓу играчите
„Во ненатпреварувачка атмосфера, градејќи поотворени и поискрени односи, играва придонесува за делумно надминување на инхибициите и стравовите, и за проширување на способноста за отвореност кон себе и другите“, вели Гелевски.
Отуѓувањето меѓу луѓето е честа последица од современиот начин на живот. Потребата за повторно поврзување, споделување и емпатија го поттикнува човекот да бара различни форми на интеракција, со цел да ја одржи својата суштина. Психолошките друштвени игри се една од формите кои се одличен начин за поврзување со себе, но и со другите преку искреност и емоционално отворање.
Препорачано
Никола Гелевски, уредник и автор на книги повеќе од 30 години, е еден од авторите на новата психолошка друштвена игра „Добро прашање“, која од неодамна беше претставена пред македонската јавност.
Во интервју за „Слободен печат“ со него разговараме за содржината, начинот на играње, но пред сѐ, за целта на оваа несекојдневна друштвена игра.
„Добро прашање“ е несекојдневена психолошка друштвена игра. Што Ве поттикна да го создадете овој креативен производ? И која е целта што сакате да ја постигнете со играта?
– Уредувам и пишувам книги 35 години. Психолошките карти за играње ми беа предизвик во секоја смисла: сакам и читам психологија од младоста; сакам игри; и опседнат сум, на некој начин, од јазикот, од прецизната употреба на јазикот, иако, како човек од книжевноста, многу добро ја знам повеќедимензионалноста на јазикот и неговата суштински лажлива природа.
Една од целите на играта што ја направивме е и откривање на интересните приказни во обичните луѓе. Тие приказни, понекогаш моќни, фантастични, скандалозни, потресни, чекаат да бидат отворени и слушнати, за да добијат нова смисла низ соочувањата и дружењата кои создаваат еха и одблесоци.
Со играта, значи, сакаме да поттикнеме креативни разговори и поврзувања меѓу играчите. Низ осмислено дружење, во атмосфера на искреност и доверба, без оглед дали играчите се стари пријатели или нови познаници, сакаме да откриваме важни работи за себе и за другите, отаде површните муабети.

Неодамна имавте промоции со кои ја претставивте друштвената игра пред јавноста. Какви се Вашите импресии и како реагираше публиката?
– Имавме две промоции, слични, на кои актерки, писатели, психолози, ја играа играта пред публика. Се разбира, играта не е наменета за јавно играње туку бара интимност, затворен простор. Но сакавме да си поиграме со концептот за промоција, да ја тестираме играта од неочекуван агол, за да ја популаризираме. И беше многу забавно. Публиката уживаше толку што неколку кругови од играта свртеа доброволци од публиката. Деликатно е јавното изведување, но со добар модератор и искусни играчи можат да се избегнат опасностите од пресоголено јавно изложување.
Зад „Добро прашање“ стои тим. Кој беше вклучен во создавањето на оваа друштвена игра?
– Јас, Емилија Георгиевска Наневска (психолог и терапевтка) и Љупка Евроска (лекторка) ги создадовме прашањата, а студиото за графички дизајн КОМА ги дизајнира сите кутии и карти.

Играта се состои од три различни сета – „Пријатели“, „Фамилија“ и „Парови“ . Можете да ни откриете дел од нивната содржина? Колку учесници се потребни за играта и за кого е наменета?
– „Пријатели“ и „Фамилија“ се веќе во продажба низ скопските книжарници, а „Паровите“ ќе ги промовираме во октомври. Трите вкупно содржат 540 различни карти/прашања, секој сет по 180 карти, по 60 во 3 посебни кутии. Прашањата во првото ниво се малку позабавни и поопуштени, а во третото се поделикатни и попровокативни. Првите нивоа во „Пријатели“ и „Фамилија“ можат да ги играат и тинејџери. Во секој сет се наоѓа и книжуле со препораки или упатства како да се игра.
Обично играат три до шест играчи. Можат да играат и двајца, а и повеќе луѓе. На почетокот групата избира модератор, кој ја води играта. Еден круг е завршен кога сите играчи ќе одговорат на по едно прашање. Бројот на кругови се договара. За одговарање на едно прашање, и за евентуалните коментари, во просек се потребни три до пет минути.
Целта на играта не е да се победи, туку да се постигне блискост меѓу играчите. Играат партнери, пријатели, семејство, понекогаш луѓе кои не ги познаваме добро, но кои сакаат да се поврзат на посебен начин. Искреноста и отвореноста се идеалот кон кој стремиме, но свесни сме дека човечката природа е полна со тајни, отпори, недоверби, нејаснотии, збунетост… Не секогаш го кажуваме она што го мислиме. Често одиме по линијата на помал отпор и го зборуваме она што се очекува од нас. Во ненатпреварувачка атмосфера, градејќи поотворени и поискрени односи, играва придонесува за делумно надминување на инхибициите и стравовите, и за проширување на способноста за отвореност кон себе и другите.