
Интервју со Милена Антовска-Станковска, ТВ-водителка: Со три женски дома на Гордан не му е лесно
Со водителката Милена Антовска-Станковска, која долги години е дел од утринската програма на Канал 5, разговараме во интервју за „Слободен печат“, за љубовта кон камерите, бракот, семејството, убавината…
Препорачано
Јавноста те знае како дел од екипата на утринската на Канал 5, но каква е Милена приватно, кога ќе се исклучат камерите?
– Да, јавноста така ме знае и мислам дека и кога еден ден нема да го работам ова, сè уште ќе ме викаат Милена утринска. Каква сум приватно… хм, па тоа веројатно треба домашниве да ги прашате. Она што можам да го кажам за себе е дека сум една позитивна личност, која сака да помогне на секој доколку може. Посветена сум и лојална и многу организирана. Емотивна и нервозна кога не сум наспана.

Речиси 15 години си дел од телевизијата, како почна твојата приказна?
– Во март правам 16 години во Канал 5. Новинар сум по професија, така и почнав веднаш по факултет како новинар во информативната редакција, за подоцна да се вљубам во водителството и да останам да „пливам“ во тие води.
Се сеќаваш ли на првото појавување пред камерите, имаше ли трема и дали очекуваше дека толку време ќе го работиш ова?
– Се сеќавам многу добро. Имав многу трема и бев премногу возбудена, но мислам дека добро поминав. Искрено, не очекував дека толку години ќе поминат од тој момент во 2009 година, кога првпат застанав пред камерите.

Верувам дека не е лесно да се работи на утринска програма. Тешко ли е станувањето наутро, особено во зимскиот период и дали се случило да не го слушнеш будилникот?
– Станувањето рано за мене не било проблем никогаш, уште како мала бев ранобудник. Но, секако во зима е многу тешко, кога треба да се стане во 5:30 часот, а надвор е темно и многу студено. Во сите овие години само еднаш сум се успала.
Мајка си на две ќерки. Колкава е разликата во години меѓу нив, успеваш ли сè да доведеш дома во ред и дали си строга мајка?
– Да, имам среќа да сум мајка на две прекрасни ќерки Лана Марија и Јоана. Благослов е за мене да бидам мајка и на среќата ѝ немаше крај кога се остварив во таа улога. Разликата меѓу нив е четири и пол години. Да доведеш сè во ред дома со две мали деца, мислам дека не е можно, а веќе и не се обидувам. Ќе пораснат, па сè ќе биде средено, сега се деца, нека уживаат. Не знам дали сум строга, искрено, јас мислам дека сум, но кога ќе слушнам и видам други родители, си велам, изгледа многу им попуштам.

Колкава поддршка имаш од сопругот Гордан, колку време сте заедно и како почна вашата љубовна приказна?
– Со сопругот сме заедно речиси осум години, си помагаме еден на друг околу сè колку можеме и ги делиме обврските колку што ни овозможуваат професиите. Нашето запознавање е одамна, а се знаевме од град, што би рекле. Почнавме комуникација и другото веќе натаму нè донесе до ова што сме денес.
Колку често имате време за вас двајца и колку ве променија децата?
– Децата дефинитивно ги менуваат сите, па така и нас. Кога стануваш родител, ти се менуваат приоритетите, одговорноста е голема, но исто така и љубовта кон нив. Факт е дека немаме толку време да бидеме сами, но затоа поминуваме време со нив, а тоа е непроценливо богатство. Мене лично децата многу ме променија. Размислувањата ми се променети и насочени првенствено кон нив, па потоа кон сè друго. Ако петок порано било ден за излегување, сега е ден за нив и порано легнување, за викендот да биде една нова авантура со нив.

Како му е на Гордан дома со три женски?
– А како му е на Гордан дома со три женски од кои две Јарци во хороскоп, само тој си знае… Но, јас едно знам, дека татко и ќерка е посебна љубов.
И по втората бременост, брзо се врати во врвна форма. Како го одржуваш телото и убавината?
– Благодарам за комплиментот, но, јас искрено не мислам дека сум вратена во формата што јас ја сакам. По второто породување малку потешко ми оди, можеби има врска и тоа што со Јоана се породив со царски рез. За жал, во моментот не вежбам, но планирам да почнам. Околу другите ритуали за убавина, на лицето внимавам како и секогаш со одредени природни третмани и соодветна козметика.

Што те прави среќна, а што те вади од такт?
– Ме прави среќна тоа што сите ми се на број и се здрави. Ме прават среќни моите деца и секој момент поминат со нив.
За крај, има ли нешто карактеристично за тебе што не го знаеме, а сакаш да го споделиш?
– Мислам дека знаете многу работи за мене, но еве можеби не знаете дека сум опседната со благо иако може не личам така.
