
Интервју со Миа Костова: Ми фали Скопје од моето време, кога за празниците едвај чекав да купам нешто од тезгите на плоштад
Скопје не било никогаш потажно и со помалку празничен дух. Од тоа како изгледа градот до тоа дека некако повеќето слават по дома. Комплетно сменет од „мое време“, за жал. Искрено се надевам дека некој некогаш нешто ќе смени, вели Миа.
Во претпразнично интервју за „Слободен печат“ разговараме со Миа Костова, поранешна водителка и инфлуенсерка. Што ѝ ја одбележа годината, како и каде ќе ги помине новогодишните празници и уште многу други теми…
Препорачано
На прагот на Новата 2025, по што ќе ја паметиш годинава што измина? Што конкретно тебе ти ја одбележа?
– Само по убави нешта, година во која многу вложив во себе, и физички и психички сум далеку подобра верзија од изминатата година, по многу патувања и по преселбата во нов стан. Благодарна што и годинава ми се сите на број. Од секоја следна не барам ништо повеќе.

Оваа година наполни 40 години и сега кога ќе е вратиш назад, ти недостасува ли приказната за Дедо Мраз? Веруваше ли во него како мала? И колку како родител си се трудела таа приказна да му ја донесеш дома и на Андрија?
– Моите се мошне директни, па така и од мала знаев дека Дедо Мраз е мајка ми, а оној на плоштад е некој што го глуми. Не сум се разочарала кога сум сфатила дека не постои, но до ден-денес му ја сакам приказната. Андрија кратко веруваше во Дедо Мраз, но никогаш не сум го уценувала да биде добар за Дедо Мраз да му купи подарок.
Накитивте ли дома? И колку уживаш во оваа работа?
– Дааа, уживам во китење, иако сакам да е суптилно и задолжително мора да имаме елка. Годинава накитивме природна и баш уживам во тоа како излезе. Ќе ја посадиме во двор кога ќе ја раскитиме.
Што најмногу ти останало во сеќавање за новогодишните празници кога си била дете?
– Полна трпеза, на мајка ми специјалитетите, тезгите на плоштад од кои едвај чекав да си купам нешто, китењето на елката во недела пред Св. Никола… секогаш имам убави чувства кога ќе помислам на празниците околу Нова година.
Постои ли некоја Нова година што секогаш ќе ја паметиш?
– Некоја спектакуларна баш и не памтам, секогаш повеќе сум се радувала на дочек со блиски – по дома. Имам една луда Нова година во Амстердам пред 20 години, ете можеби таа, иако пак би одбрала домашна атмосфера.

Мислиш ли дека ја изгубивме магијата околу празниците, конкретно во Скопје? Имам чувство дека сè помалку се зборува за дочеци и прослави… Те вознемирува ли тоа што градот не пулсира како некогаш?
– Скопје не било никогаш потажно и со помалку празничен дух. Од тоа како изгледа градот до тоа дека некако повеќето слават по дома. Комплетно сменет од „мое време“, за жал. Искрено се надевам дека некој некогаш нешто ќе смени.
Што тебе лично ти недостасува?
– Сè! Атмосферата на плоштад која е мртва со години, изборот на фини места за забава, па дури и расположението на луѓето…
Овие денови се врзани и за божиќните филмови, дали си и ти од оние што уживаат во овие филмови и имаш ли некој омилен?
– Сакам да гледам филмови во домашна атмосфера, заедно со Андрија го гледавме „Гринч“ пред некој ден и баш уживавме.

Каде за Нова година?
– Мислам дека е очигледно по одговориве. Дома. Можеби ќе свртиме некој локал преку ден, но немам некои големи планови.
Ќе има ли руска и кифли и кај тебе дома за празниците?
– Јас веќе почнав со новогодишни колачи и спремање. Кај мене ќе има сè, секогаш спремам со задоволство. Но, јас ќе се задржам на месо и салата.
Имаш ли некоја желба или порака што сакаш да ја споделиш во пресрет на Новата година?
– Онаа најбазичната. Живи здрави и сите на број. Помалку завидни луѓе, повеќе труд за да бидеме подобри луѓе секој ден.
