Фото: Принтскрин Инстаграм

Интервју со Мери Амбросова: На пет години престанав да зборувам поради стрес

На Инстаграм е позната како „Моја фитнес мама“ и ја следат повеќе од 19 илјади жени што сакаат да се вратат во добра форма по породувањето. Мери Амбросова е дипломиран економист, спортист од мали нозе, фитнес инструктор по постпородилно вежбање, енергопрактичар, тренер по личен развој, а работи и со алтернативни масажи.

На јавноста ѝ стана позната кога на почетокот од војната во Украина се вклучи во живо на својот инстаграм-профил во моментот кога си заминуваше од земјата во која пет години живееше, заедно со својата ќерка.

Фото: Принтскрин Инстаграм

Мери беше мажена за Украинец, сега е самохрана мајка и живее во Скопје со петгодишната ќеркичка Марта која е целиот нејзин свет. Таа е „мултитаскинг“ личност која ве освојува од прва, исклучително позитивна, искрена и храбра. Нејзината говорна мана, пелтечењето, која е предизвикана од стрес во детството не ја попречи да го отвори инстаграм профилот, и да им дава совети на дамите кои ѝ веруваат. Мери има „филмска“ животна приказна која на интересен начин ја сподели за „Слободен печат“.

На Инстаграм си позната како „Моја фитнес мама“, твоите совети за здрав живот ги следат доста жени. Кога реши да го отвориш овој профил, што ти беше инспирација?

– Да, тоа име ми остана, иако профилот фати друг правец, но како што минува времето, се менувам јас, а со тоа и профилот. Првично профилот беше наменет исклучиво за продавање и за презентација на моите фитнес програми. Бидејќи живеев во Украина, не можев да бидам физички присутна во Македонија, а програмата ми беше за мајки што се породиле, решив дека единствен начин да дојдам до нив е да отворам инстаграм-профил. Зборувам за 2018 година, кога ретко кој имаше профил и сето тоа беше чудно.

Постоеше ли момент кога поради твојата говорна мана пелтечењето, се двоумеше дали да отвориш профил со оглед на тоа што повеќето објави ти се видеа, а имаш и доста вклучувања во живо?

– Искрено не. (се смее) Дотогаш го имав преработено тој проблем и веќе не ни обрнував внимание на тоа. По некое време, откако го водев профилот, некој ми кажа дека сум го подобрила говорот на „сторињата“. И тогаш малку се освестив. Во времето кога го отворав профилот, најпрво мислев да правам само објави, потоа кога почнав со „сториња“ некако дојде спонтано, не беше планирано или посебно подготвувано. Најмногу бев насочена на тоа како најдобро да ги презентирам програмите и како да дојдат до мајките што се борат со вишок килограми по бременоста.

Дали имаш говорна мана од своето раѓање, си се соочила ли со пречки во работата или со потсмев кога си била дете?

– Не, родена сум со нормален говор и нормално прозборев. Во 5-тата година при огромен стрес во градинка го загубив говорот. И воопшто не зборував. Од соучениците навистина немав лошо искуство. Но, кога дојде време да барам работа по професија, се соочив со „проблем“. Иако имаше и неколку работодавачи што ми дадоа шанса.

Фото: Принтскрин Инстаграм

Наспроти ова, колку јавните обраќања на „Инстаграм“ ти помогнаа да се охрабриш, повеќе да се сакаш себеси, повеќе да веруваш во себе и во другите?

-Јас си велам: „Си работела на себе?! Е, сега отвори инстаграм профил, и почни да искажуваш мислење, да го споделуваш твоето секојдневие и да видиме како ќе се носиш со тоа“. Со еден збор, инстаграмот доста ме исчеличи. Преку него многу научив, созреав, се соочив со различен вид на луѓе. Научив да ставам граници. Кога го немав профилот, мислев дека сите луѓе се како мене, но ја спознав и негативната страна на човечките особини.

Јас сум ѝ многу благодарна на оваа платформа, на профилот, на моите следбеници кои ме сакаат и на оние кои ме сакаат но уште не го осознале тоа. Хаха, се шегувам. Благодарна сум им и на оние преку кои одеа животните лекции. Јас имам „најсветла“ публика ако така може да се каже. Толку многу луѓе има кои се отворени за нови знаења и искуства, за духовност и развој, скромност, за дружба и помагање.

Какви фитнес и какви програми на исхрана нудиш, дали и ти самата се придржуваш?

– Имам програми за постпородилно вежбање „Мајки херојки“, „Маратон табата“ што е продолжение и „Маратон со бебе“. Сите три се спакувани во една програма за мајки, која трае 3 месеци и има 54 различни тренизни и мени од нутриционистката Слаѓана Јарчевски. Таа е одговорна за исхраната на доилките и на мајките што не дојат. Последните години малку фатив друг правец и не можам да кажам дека се придржувам до исхраната. Но, гледам да сум физички активна колку што ми дозволува времето, откако ќе ги завршам останатите приоритети.

Освен што си фитнес инструктор ти си и тренер за личер развој. Неодамна имаше курс за женска енергија. Што точно подразбира овој курс, зошто мислиш дека на жените им недостасува женска енергија?

-Со самото селење во Украина, првото нешто што ми падна во очи беа жените. И ми беше чудно како се постојано средени, насмеани, и кај нив не се зборува за депресија, аксиозност и панични напади. После две години дојдов во Македонија и пак ми паднаа во очи жените. Тогаш се решив да посетувам тренинзи за жени, семинари , курсеви и така на крај духовноста ја поврзав со женската психологија. На курсот „Женска енергија“, најпрво имаме енергетско чистење на домот и просторот, потоа раскинување на сексуални врски, преку кое оди огромно оддавање на енергија кај сите мажи со кои сме спиеле, без оглед дали сме ги посакувале или не. Жената си ја враќа сопствената енергија. Потоа има практики за разрешување на конфликтите со родителите. И потоа следи енергетско полнење со практики, инфромации за тоа како жената живеела во минатото и од каде целиот сегашен гнев кон спротивниот пол.

Како да живее во новото време, кое е навистина предизвик за секоја жена. Како да комуницира со партнерот, како да ја покаже својата мудрост, а не рамоправност, бидејќи кога сме рамноправни се спуштаме едно скалило поддолу од нашиот потенцијал. Дојде времето на ЖЕНАТА, ЕРАТА НА ЖЕНАТА, која треба само да научи да остане во сопствената енергија, мудрост и преку љубов да почне да го менува општеството, а не преку борба, да не заборава која е. Целта е жената да е исполнета и среќна во своето секојдневие, да научи да прави избори во животот кои ќе ја прават среќна, мирна, спокојна. Да раководи со своето секојдневие и да не се плаши од промени, да живее во сопствено темпо, а не во темпо на модерното време.

На јавноста ѝ стана позната кога во живо се вкучи на Инстаграм кога со ќерка ти се враќавте од Украина на почетокот од војната. Како го преживеавте тој период на неизвесност и страв?

– Страв немав, дефинитивно, некако си одев во земја каде што пораснав, публика со која работев веќе 4 години и тогаш имав голем број следбеници што ме поддржуваа и ме следеа. Некако на почетокот имав некаков енергетски недостиг за работите што не ги земав со себе, но откако ги донесов во Македонија, се исполнив, се смирив.

Колку време живееше во Украина, од кои причини беше токму во оваа земја, по кои убави нешта ќе ја паметиш?

Пет години живеев таму, се омажив за Украинец. Украина ќе ја паметам по водната површина што ја има, по природата и убавите цркви, по убавите цвеќиња, по убавите жени, по луѓето што не се жалат и не зимаат кредити и чуваат пари дома.

Сега си самохрана мајка што живее во Скопје, колку те исплаши овој предизвик, кој ти помага околу Марта кога имаш обврски?

– Сега ги разбирам жените што ќе останат да живеат под ист покрив со сопругот поради финансии – само да не е алкохоличар, да не е физички и психолошки насилен. Уште едно искуство што требаше да се доживее, затоа сега имам повеќе теорија која е претворена во практика за да можам да поддржам многу жени што се соочуваат со разни предизвици. Кога ќе се најдеш во таа ситуација, немаш многу време за мислење, освен да се фатиш и да работиш. Помош имам од моето потесно и пошироко семејство. Мајка ми ми помага околу чувањето на Марта.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот