Мартин Џорлев, иницијатор на колективот „Гола планина“ / Фотографија: Александар Сандревски - Марсо

Интервју со Мартин Џорлев за активностите на „Гола планина“: Колективот е дом за секој искрен и слободен дух

Цела заедница млади, креативни и талентирани луѓе гравитира околу колективот „Гола планина“ во потрага по можност да ги остварат своите идеи, а сѐ што сакаат е само да се слушне нивниот глас.

Колективот „Гола планина“ е основан во 2021 година, од идеја на Мартин Џорлев за заемна поддршка меѓу бендовите. Почетоците главно се поврзани со заеднички настап во јавноста на неколку млади музички бендови. Пет години потоа веќе е оформена, вообличена и профилирана нова и млада надоаѓачка сила на независната културна, и особено алтернативна музичка сцена. По освојувањето на домашниот простор, нивниот глас веќе допира во регионот и пошироко.

Во обид да го пронајдат своето место под сонцето, колективот индиректно се бори со неправдите во културниот сектор и воопшто, во државата. Името „Гола планина“ го избираат спонтано, без никаква позадина во почетокот, само затоа што им звучело интересно. Но, „Гола планина“ може да се разбере и саркастично, како народското „кај нас нема ништо“ и како перцепција на домашната културна сцена како „неактивна“ и „неквалитетна“. Со улога на гласноговорник на „Гола планина“, музичарот Мартин Џорлев објаснува што има и што е направено до сега.

Името на колективот „Гола планина“ силно одекна во јавноста со организацијата на протестниот настан „Сите за МКЦ“ на почетокот на 2023 година, но иницијативата беше создадена многу порано. Со каква идеја беше инициран колективот?

– Од една страна, голем дел од нас сме пораснати со приказни за огорчените распаѓања на нашите омилени домашни бендови, со расправии, лутење, меѓусебно неподдржување и слично. Како да имал некое проклетство тукашниот рокенрол. Од друга страна, пак, голем дел од нас сме пораснати и под закрилото на нашата поранешна хардкор и метал-сцена, во која таа љубов и солидарност живееја држејќи се силно. Тие беа едни од нејзините главни одлики. Другарство, поддршка, самостојни концерти и фестивали (DIY – Do It Yourself, направи го сам!).

Колективот беше инициран со идејата да го ослободиме нашиот рокенрол од таквата стигма, да сме заедно од почетокот. Почна со шесте најсвежи бендови во тој момент („Cut Your Nipple“, „Хајка“, „Луфтанза“, „Corrosion“, „Basement Cult“ и „Stoned Hedge“), од кои голем дел бевме и другари (или потоа станавме), во обид да се создаде некакво искрено заедништво, да се даде име и да се стави печат на новиот бран алтернативна музика. Сега колективот е дом за секој искрен и слободен дух.

Иницијатори, основачи и активисти на колективот „Гола планина“

Колективот е активен веќе четири години. Каков багаж оставивте зад себе овие години?

– Соработки со разни луѓе, колективи, драги, многу драги. „Партизан принт“, „Канал103“, Радио МОФ, МКЦ. Акцијата за МКЦ, насловена „Сите за МКЦ“ беше првпат да се ангажираме да направиме некаков поголем настан, склопен итно во три-четири дена, револтирани од опасноста МКЦ да го изгуби својот буџет. Сѐ повеќе пропаѓа и жал ни е на сите нас. Нашите другари од „Хајка“ го правеа и „Кикфлип фестивал“, исто така драг фестивал за нас.

Имаме вдомено многу бендови од низ цела Европа, особено од Балканот, за новата алтернативна сцена на нашите соседи и пошироко да живее и во Македонија. Сме изработиле и многу свирки, промоции на албуми и соло концерти на наши и странски изведувачи. Сме помагале и во уредувањето на програмата на други фестивали, како ПИН-шоукејс и „Здраво Млади!“.

Најзначителен настан што сме го работеле до сега е фестивалот „Сепак се врти“, кој го организиравме двапати до сега. Првиот пат беше во Скопје, во 2024-та година, на „Лепеза“ во Градскиот парк, со 12 домашни артисти во еден ден, на едно место, на една сцена.

Вториот, пак, беше годинава, во мај, во шест градови (Битола, Прилеп, Гостивар, Струмица, Куманово, Скопје), со 27 домашни артисти распространети низ цела Македонија. Идејата беше да се вклучиме во децентрализирањето на културата, да организираме искрени, поголеми алтернативни настани и надвор Скопје, бидејќи и таму има луѓе и организации кои премногу се залагаат за културата во земјава.

Особено сме среќни, бидејќи се покажа (како што се надевавме и верувавме) дека има прекрасни луѓе и прекрасна публика насекаде низ Македонија, дека не само што се почитува алтернативата, туку таа е и потребна, неопходна за една заедница да развива сочувство, уметност и прогресивна мисла.

Група „Луфтанза“ со концерт во Прилеп / Фотографија: Сара Богоева

Колективот е динамична заедница во која некои си заминуваат, а некои нови лица доаѓаат. Кои уметници и групи сега се дел од колективот?

– Има многу бендови и артисти што се идентификувале низ годините со името „Гола планина“, но не постои некое членство или некаков договор. Заедништвото е основано некако на чувство и на другарство. Досега немало момент кога некој рекол дека си заминал. Бендови и артисти што досега се идентификувале со името на колективот се: „Луфтанза“, „Cut Your Nipple“, „Corrosion“, „Стој, После!“, „Харакири“, КЕМ, „Peach Vice“, „Хајка“, „Алембик“, АТА, „Дивоградба“, „Корпорација вагина“, „Занаду“, „Кенопсија“, Димиш, „Кокиче“, „Conspiracy“, „Basement Cult“, „Pondskull“. Има и многу други, наши другари, кои се дел од оваа приказна – свежи бендови како „Големата вода“ и „Корка“ – кои со сето срце ги поддржуваме во нивната битка.

Со каква намена ја основавте дискографската куќа „Мртов коњ“?

– Чувствувавме дека ни е потребно музичко издаваштво во Македонија, кое ќе може (а најважно ќе сака!) да ја поддржи, промовира и архивира новата алтернативна сцена. Во моментов има огромно отсуство на каква било поддршка на оваа сцена, издавање на музички записи во физичка и електронска форма, организирање на концерти, вршење промоција и слично. Затоа решивме да ја преземеме таа работа. Институциите, радијата, медиумите, организаторите на настани, нашите (не)драги политичари, треба да се разбудите! Или подобро, да се одземете. Борбата за култура (што воопшто е таа? знаете?) не се води во собраниските сали, во кич-одела во кич-згради поддржани од кич-столбови… нема содржина во разговорите на гниди во ленени камуфлажи. Таа борба се води надвор, во парковите, во концертните сали, во ателјеата, на читанки. Меѓу нас младите, со гнев и љубов. Со години културата опаѓа. Растеме тажни и гневни. Виновни за овој пад, за постојаната купопродажба на нашиот интегритет, душа и интелектуални способности, се баш оние во светкавите костуми. Подобрете се или одземете се. Во меѓувреме, ние ќе ја исполнуваме нашата намена.

Колку албуми и во кој формат ги објавивте досега?

– До сега имаме објавено или реобјавено 20-ина изданија (албуми, EP-а, синглови) дигитално како „Мртов коњ“ и „Гола планина“, а неколку од тие албуми и на компакт-диск и на касета („Луфтанза“, „Харакири“, „Корпорација вагина“, „Conspiracy“, „Корка“). Издадовме и две компилации „Гола планина“ на компакт-диск со песни на бендовите под нашето закрило. Би издвоиле дека имаме и интернационални соработки, со бендовите „Klotljudi“ (од Србија) и „Klaustro/fonija“ (од Хрватска), со кои издадовме албуми дигитално и на компакт-диск. Се подготвуваат и многу нови изданија. Нѐ има насекаде, само погледнете, истражете. Гола планина. Мртов коњ.

Група „Корка“ со концерт на фестивалот „Сепак се врти“ во Скопје / Фотографија: Сара Богоева

Фестивалот „Сепак се врти“ е можност дел од групите да се слушнат на концертен настап. Освен во Скопје, како успеавте да го организирате фестивалот и во други градови?

– Голем поздрав до „Ponder“ (од Битола), „Goongula“ (од Прилеп), „Boiling Point“ (од Куманово), „Excess“ (од Струмица) и „Дона“ (од Гостивар), без кои ќе беше невозможно организирањето на фестивалот. Тие се доказ дека алтернативната сцена живее во цела Македонија, а не само во Скопје (понекогаш и повеќе надвор од Скопје).

Некои од групите што членуваат во „Гола планина“, како „Луфтанза“, успеаја да направат и европска турнеја со својата музика. До каде досегнува влијанието на колективот надвор од државата?

– Имаме следбеници, поддржувачи и слушатели низ целиот свет. Физички сме биле низ цела Европа, од Франција („Алембик“), до Холандија и Естонија („Луфтанза“). Би рекол дека најмногу влијание имаме на Балканот, особено Србија и во Словенија, во кои сме домашни и имаме редовна публика.

Настап на групата „Корпорација вагина“ во Куманово / Фотографија: Сара Богоева

Што е мисла-водилка на колективот и како ги договарате следните настани?

– Мисла-водилка на колективот е да живее слободната мисла и слободната уметност, да се закопа во земја шундот, наместо невини деца. Имаме полно креативци во нашата земја, па следните настани ги договараме според идеите кои ни доаѓаат на ред, а и според оние што нѐ бараат, и тука и од странство.

Некогаш си хиперактивен, со настапи речиси секоја вечер. Овие денови настапи и на „Звукот на Скопје“. Од каде ја влечеш енергијата и за уметничка креација и за физичка организација на настаните?

– Можеме да бидеме толку добар народ ако сакаме. Судбината често не е на наша страна, бидејќи во нас држиме толку огорченост, злоба, желба за користољубие, подаништво. Но, имаме и љубов. Таа е мојата енергија.

Мисла-водилка на колективот „Гола планина“ е да живее слободната мисла и слободната уметност, да се закопа во земја шундот, наместо невини деца

Каков фидбек од публиката добивате за ангажманите поврзани со „Гола планина“?

– Луѓето препознаваат искреност. Имаме многу љубов и поддршка. Тоа сѐ повеќе го сфаќаме. Многумина го слушаат, гледаат, пијат, јадат, пушат и, воопшто, консумираат она што им е сервирано, рекламирано. Не дека сме глупави. Само некој одлучува дека луѓето тука се глупави и си го потврдува тој став со тоа што ги расте како такви, им прикажува и продава неверојатно малоумни содржини. Да ги направи тапи, за да може да ги користи. Но, сепак, не се даваме. Планината е гола, но садиме семиња. Секое семе – нова надеж.

 (Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 289, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 12-13.7.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот