Фото: Приватна архива

Интервју со м-р Бојан Богдановски, клинички логопед специјалист: Логопедскиот третман на децата со аутизам е сложен, но и поддршката од родителите е важна

„Овие деца најчесто посетуваат логопедски и дефектолошки третмани два до три пати неделно, во времетраење од 45 минути на еден третман. Но, во зависност од тежината на самата состојба, потребно е третманот да го спроведуваат родителите во домашни услови. Затоа велиме дека родителот е котерапевт во овие третмани“, вели Богдановски.

Комуникацијата е основата на човечките односи, но за многу деца со аутизам, развојот на говорот е пат полн со пречки и предизвици. За нив и нивните семејства, секој нов збор или гест е победа што носи надеж и сила за понатаму. Овој процес бара многу трпение, љубов и поддршка од стручни лица, кои се свесни дека секое дете е уникатно.

Во разговор за „Слободен печат“, м-р Бојан Богдановски, клинички логопед специјалист, објаснува како правилната терапија и соработката со семејството можат да направат значителна разлика кај овие деца.

Кои се најчестите говорни нарушувања со кои се соочуваат децата со аутистичен спектар на нарушувања?

– Самиот збор „спектар“ во терминот „аутистичниот спектар на нарушувања“ укажува на тоа дека не станува збор само за едно говорно-јазично нарушување, туку за повеќе различни, говорно-јазични нарушувања, кои се јавуваат во различни форми кај различни деца. Со други зборови, оние говорно-јазични нарушувања што се јавуваат кај едно дете со аутистичен спектар на нарушувања, не значи дека ќе се јават во иста форма и кај друго дете со истата состојба. Но, главно, кога зборуваме за говорно-јазични нарушувања кај деца со аутистичен спектар на нарушувања, тука набројуваме: оштетување на рецептивниот и на експресивниот говор, односно оштетување на разбирањето и на изразувањето, застапено во сите облици на комуницирање, оскудна вокализација, ехолалија (моментално или одложено повторување на поединечни зборови и фрази што се веќе слушнати од околината), идеоглосен говор (неразбирлив говор за околината, освен можеби дел за мајката), монотон говор со нарушен ритам, нарушување на гласот и на говорната фонација во интензитет, висина и боја на гласот, генерално нарушување на прозодијата, прагматски дефицити, идиосинкратична употреба на јазикот, проблеми со јачина на гласот, нарушувања на артикулацијата на гласовите, фонолошки нарушувања, појава на неологизми, несоодветна употреба на заменките, тешкотии во совладувањето на личното „Јас“, аграматизам, неразвиено или недоволно развиено внатрешно предвидување, недостаток или нарушен конверзациски говор, недостаток на спонтано говорно изразување, тешкотии во читањето и пишувањето и друго.

Фото: Profimedia

Како логопедската терапија може да помогне при надминување на тешкотиите во комуникацијата кај децата со аутистичен спектар на нарушувања?

– Целта на логопедските третмани е говорно-јазична стимулација и рехабилитација, не само кај деца со аутистичен спектар на нарушувања, туку кај сите возрасти со оваа состојба. Логопедско-рехабилитацискиот третман кај децата со аутистичен спектар на нарушувања е исклучиво сложен и долготраен процес, кој е строго индивидуален и се насочува кон состојбата и потребите на пациентот. Тука се подразбира примена на третман составен од методи, техники и вежби, за развој на експресивниот и рецептивниот говор, како и за третирање на целокупната патологија во вербалната комуникација.

Како изгледа една сесија со логопед и какви техники и вежби може да се применат за подобрување на говорот кај децата со аутистичен спектар на нарушувања?

– Како што веќе спомнавме, планот и програмата за логопедски третман е строго индивидуален и зависи од состојбата на пациентот. Кога зборуваме генерално за овој вид третман, можеме да кажеме дека тој е составен од: вежби низ игра, вежби за визуелно и аудитивно привлекување на вниманието (визуелна и аудитивна перцепција), вежби за задржување на фокусот, вежби за фина моторика, вежби за визиомоторна координација, запознавање на лицевата и на телесната шемa, мелодискo-интонациона терапија со пеење, терапија со цртање, вежби за разбирање на налогот „НЕ“, вербална стимулација, вежби за координација и латерализација, развој на системите зборови (именки, глаголи, придавки, заменки, прилози, предлози…), вежби за развивање на гестот, вежби за развивање на симболичната комуникација, вежби за развивање на прагматичните аспекти на јазикот, воведување алтернативна и аугментативна комуникација поврзување на зборовите во поголеми целини, вежби за запознавање и именување на емоциите, вежби за аграматизам, вежби за усвојување на броевите и буквите, вежби за развивање на пишувањето, читањето, сметањето со математички операции и цртањето, вежби за развивање на конверзациски говор, други вежби.
Важно е да се напомене дека третманот кај овие лица е мултидисциплинарен, и тој исто како при дијагностиката, треба да вклучува логопед, дефектолог, психијатар, невролог, педијатар, психолог, како и други стручни лица.

Фото: Приватна архива

На која возраст родителите треба да почнат да размислуваат за логопедска терапија за своето дете со аутистичен спектар на нарушувања и како раната интервенција влијае врз резултатите?

– Честопати слушам како се причекува детето да наполни три, четири и повеќе години, или се вели дека е рано за логопедски третман, што е сосема погрешно. Јас секогаш апелирам дека време за логопедски преглед е оној момент кога родителите и околината (поширокото семејство, учителките и другиот кадар во градинките…) се посомневаат во развојот на детето. Најчесто кај овие деца, развојот до 18 до 24 месечна возраст изгледа сосема уредно, а потоа како сè да уназадува.

Поддршката на родителите на овие деца е од големо значење, затоа јас учествував во креирањето на „Прирачник за поддршка на родители на деца со пречки во развојот“, каде што сум еден од авторите и каде што заедно со другите автори опишуваме кога треба еден родител да се посомнева во развојот на своето дете.

Во однос на програмите за рана интервенција, можам да кажам дека важи истото правило како и за сите болести и состојби, односно колку побрзо се изврши дијагностика и се започне со третман, толку побрзо ќе се сузбие или контролира една болест или состојба.

Дали и како доцнењето на говорот кај децата со аутистичен спектар на нарушувања се разликува од онa кај децата без оваа состојба?

– Добрата дијагностика и добрата диференцијална дијагноза се клучот за носење точна дијагноза и правилен третман, затоа што развојните нарушувања, честопати на почетокот имаат иста симптоматологија, што придонесува до носење погрешна дијагноза и примена на несоодветен третман, што претставува блокада за постигнување позитивни резултати. Така, на пример, не можеме да кажеме дека едно дете строго ја има состојбата аутизам, затоа што аутистичниот спектар на нарушувања со себе носи повеќе состојби како Аспергер синдром, Реттов синдром итн. Или, пак, на почетокот на појавата на симптомите, аутистичниот спектар на нарушувања и рецептивната развојна дисфазија имаат премногу слична клиничка слика, но разликата е во тоа што кај децата со аутистичен спектар на нарушувања постои изостанување на невербалниот контакт, не постои интерес за социјализација, играта не е адекватна, исполнета е со стереотипи, репетативни активности, специфични интереси и активности, расфрлање и уништување на играчките и на предметите, не ги извршуваат налозите, ниту со поддршка на гест, додека децата со развојна дисфазија остваруваат невербален контакт, имаат виден интерес за социјалната средина, играта е имагинативна, смислена и одговара за возраста, адекватно ги извршуваат едноставните налози, а при нарушување на разбирањето се потпираат на гест. Тука би спомнал дека кај децата со аутистичен спектар се јавуваат и многу коморбидитети, што ја отежнува дијагностиката.

Каква улога играат родителите, односно старателите, во поддршката на развојот на говорот надвор од тераписките сесии?

– Овие деца најчесто посетуваат логопедски и дефектолошки третмани два до три пати неделно, во времетраење од 45 минути на еден третман. Но, во зависност од тежината на самата состојба, потребно е третманот да го спроведуваат родителите во домашни услови. Затоа велиме дека родителот е котерапевт во овие третмани.

Од друга страна, честопати родителите велат дека не знаат што да вежбаат дома со своето дете, што е грешка што припаѓа на логопедите и дефектолозите. Секој родител треба од страна на логопедот или дефектологот, добро да биде едуциран за тоа што носи состојбата со која се соочува нивното дете, каков е третманот, која е целта на самиот третман, каква е прогнозата (која некогаш е тешко да се одреди во моментот) и како да го применува третманот во домашни услови. Родителот, по секој третман, задолжително е да добие вежби и насоки во пишана форма, од логопедот и од дефектологот, кои родителот треба да ги применува во домашни услови.

Фото: Приватна архива

Дали логопедијата може да помогне и во вештините за социјална комуникација кај децата со аутистичен спектар на нарушувања? Ако е така, како?

– Апсолутно, да. Логопедијата покрај проучувањето и спроведувањето на рехабилитација на патологијата во вербалната комуникација, ја проучува и ја рехабилитира патологијата во социјалната комуникација, на тој начин што применува методи и вежби за поддршка на комуникацијата во различни услови како што е училиштето, врсниците, работното место итн. Кај невербалните деца со аутистичен спектар на нарушувања, во зависност од тежината на нивната состојба, се применува и алтернативна и аугментативна комуникација, која е начин за социјално комуницирање со лицата во одредена околина.

Каков совет би им дале на родителите што се загрижени за развојот на говорот на нивното дете, но не се сигурни дали тоа е поврзано со аутистичен спектар на нарушувања?

– Мојот одговор на ова прашање би бил многу краток. Секогаш кога се сомневаме во развојот на нашето дете, да побараме процена и консултација од стручно лице кое професионално ја врши својата работа, а не да оставаме временски простор на исчекување и случајност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот