
Интервју со Лејла Рамковска, инструкторка по јога: Понекогаш е тешко, но и благослов да си ќерка на Велија
Лејла не е само инструкторка по јога, таа е жена, мајка, ќерка и пријател што инспирира многумина преку својот личен пример за рамнотежа, здравје и внатрешен мир.
Кога ќе се спомене името Лејла Рамковска, првата асоцијација секогаш е јогата, без која таа не може да го замисли денот. Но Лејла не е само инструкторка по јога, таа е жена, мајка, ќерка и пријател што инспирира многумина преку својот личен пример за рамнотежа, здравје и внатрешен мир.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Во интервјуто за „Слободен печат“, Лејла зборува за јогата како начин на живот, за секојдневието, за предизвиците…
Како си и како го помина летото? Имаш ли омилено место за одмор?
– Добра, одморена… Летово си дадов еден подолг одмор од сè, да ѝ се вратам на есента со свежа енергија. Немам омилено, секогаш сакам да видам нови места и да ги истражувам детално.
Кога ќе се спомене твоето име, првата асоцијација е јогата. Како почна оваа приказна?
– Приказната почна многу одамна, поточно по многу обиди. Променив различни учители и стилови на јога, но никако не беше редовно… додека стана неопходно. Како што поминуваат годините, телото станува сè повкочането, а следат и здравствени проблеми. Јас имав вертиго поврзано со проблеми на вратот и на ‘рбетот. По терапии ми беше препорачано да продолжам со јога. Искрено, не би била здрава, болките би се вратиле ако не вежбам јога, а тоа најдобро го сфаќам макар и ако две-три недели направам пауза.

Колку јогата ти дава мир и инспирација, а колку е важна за телото? И како инструкторка по јога, што најчесто советуваш?
– Јогата е враќање дома, кон себе. Честопати решението за нашите проблеми и внатрешна состојба го бараме надвор од себе, а тоа е слепа улица. Мирот доаѓа однатре и никој друг не може да ти го даде. Советувам мали цели, да се вежба умерено. Разбирам дека енергија и време најчесто се нема, затоа и ја создадов програмата „Gley и движи“, која е достапна и бесплатна за сите. Сакам секој да ги почувствува придобивките од 15 до 20-минутно раздвижување во денот.
Како мајка, пак, како изгледа еден обичен ден дома?
– Наутро ги будам моите деца за на училиште, потоа пешачам или практикувам јога. Завршувам обврски што ги имам тој ден и претежно спремам ручек. Имам двајца тинејџери дома. Ги учам на своите обврски, но сепак јас средувам по нив. Секој ден споделуваме по нешто – како ни поминал. Потоа секој со своето хоби си го завршува денот.
Дали си повеќе строга мајка или пријател на своите деца?
Пријател сум, сакам да можат да ми кажат нешто и кога ќе згрешат или се двоумат. Сега се во критични години, сè е достапно, а кај нас сè уште правилата и законите се само во теорија. Искрено, многу е тешко да се воспитува дете во вакво време, да се одржи на прав пат. Како родители, треба многу будно да ги следиме сите нивни промени.
Како жена, колку време поминуваш во кујната и кој е омилениот рецепт што најчесто го подготвуваш за семејството?
– Не сум добар готвач, но се трудам. Во денот не ми одзема повеќе од два часа. Многу едноставни и традиционални рецепти што сум ги научила од мајка ми.
Неизбежно да те прашам, кои се убавите, а кои тешките моменти како ќерка на Велија Рамковски?
– Уште кога станав „позната“ преку јогата, насловот секогаш беше „ќерката на Велија“… и тоа сè уште е така, дури и по 10 години. Е сега, дали тоа ќе го доживееш позитивно или негативно, зависи од тебе. Јас се фокусирам на позитивната страна.
Не е животот ни едноставен ни лесен да си ќерка на Велија. Но тој е тој што секогаш ме крева, покрај мојата природа да бидам страшно самокритична и незадоволна понекогаш. Тој ми ја враќа вербата. Ги носам неговите гени на силен карактер, за некого тежок, за некого благослов. Скромноста, но и способноста на адаптација и напредување во секоја можна ситуација е нешто што го носам не само од татко ми, туку и од мајка ми.

Зад себе имаш еден брак. Во какви односи сте со поранешниот сопруг? Дали веруваш во љубовта и дали пак би ѝ дала шанса?
– Имаме две деца и неопходно е да се има коректни односи. Нивните интереси се најважни и мора да се најде начин на функционирање, тоа и го правиме. Секогаш. Љубовта не е нешто што се троши.
Дали имаш некој „мал луксуз“ или хоби што те прави среќна, а не го знаат многу луѓе? И што најчесто те вади од такт?
– Луксуз ми е да не комуницирам некои денови, да се исклучам, да си гледам филмови и серии, домашна нега на кожата и косата… Значи 100 отсто време со себе. Иако сум навистина смирена, може понекогаш да ме извадат од такт луѓе што не се добронамерни, кои својата фрустрација ја пренесуваат на други на најслучајни места, како во сообраќај, на каса, итн… Сите си имаме свои борби и најмалку што можеме да направиме е да сме со разбирање и културни со луѓето што ги среќаваме.

За крај… убавината е дел од секоја жена. Како ја одржуваш, колку тоа е важно за самодовербата и дали те плашат годините?
– Околу 40-тата година сфаќаш дека нема да останеш вечно млада и тука имаме мало прекршување. Можно е да бидеш убава во секој период од животот, но важно е да се негуваш, пред сè, умот и душата. Читање, вежбање, природа, лимитиран пристап на токсични луѓе е она што ме одржува да се чувствувам младо, витално и самоуверено.