
Интервју со Јасминка Намичева: Имав голема среќа и привилегија да се среќавам со големи уметници
Кустосот-советник Јасминка Намичева е иницијатор на изложбата „Сите деца на Родољуб Анастасов“, која е поставена во Музејот на град Скопје, а во чија организација ги вложи своето професионално и животно искуство.
Препорачано
Огромен интерес кај јавноста предизвика изложбата „Сите деца на Родољуб Анастасов“, поставена во Музејот на град Скопје во чест на 90-иот роденден на доајенот на македонското сликарство Родољуб Анастасов. На отворањето на изложбата беа присутни голем број ученици и студенти на Анастасов, но и многубројни почитувачи на неговото дело и љубители на ликовната уметност.
Изложбата е во организација на здружението „Архифакт“, каде главен идеен и организациски двигател е кустосот-советник Јасминка Намичева.
Од каде се појави идејата за оваа специфична роденденска изложба?
– Фактот дека Анастасов претставува своевидна икона во македонското сликарство го наметна заклучокот дека е неопходно да биде соодветно одбележан неговиот 90-ти роденден. Пред речиси една година ја бевме образложиле нашата идеја во Фондацијата „Јустина и Родољуб Анастасови“ за организирање на токму ваква поинаква изложба, што беше прифатено, но, само во отсуство на евентуална ретроспективна изложба, која тие очекуваа дека би била организирана од некој музеј или галерија во градот. Така што, на некој начин, овој концепт на „Архифакт“, беше „резервна“ варијанта за одбележување на јубилејот.
Од друга страна, пак, пред две години, додека ја подготвувавме изложбата „Визии – Глава полна со луѓе“, низ разговорите со Анастасов ни се наметна идејата за евентуална колективна изложба, бидејќи тој со толкава љубов се сеќаваше на годините минати со неговите студенти и како што често констатираше „тоа беа добри деца“, што впрочем веднаш и го наметна самиот наслов на новата изложба „Сите деца на Родољуб Анастасов“.

На изложбата се претставени дела на 43 уметници, некогашни ученици и студенти на професорот Анастасов. Од изложбата се гледа дека одзивот бил масовен, но како се одвиваше комуникацијата околу селекцијата на делата?
– Од моментот кога констатиравме дека не е планирана ниту една друга концепција за одбележување, за организацијата на нашата изложба остана многу краток временски период од помалку од 40 дена. Така што испративме повик до дваесетина уметници од поедини сликарски класи на Анастасов, кои веднаш се согласија за учество и нѐ насочија и поврзаа со останатите нивни колеги од класата.
Констатацијата дека одреден број сликари веќе одамна се отселени од земјата, и дека ќе биде невозможно нивното учество, набрзо се покажа како неточна, бидејќи, благодарение на современите комуникации, многу брзо стапивме во контакт со нив и заеднички најдовме решение дека делата кои се наоѓаат во нивните семејства во Македонија ќе бидат одлична можност за учество.
Како реагираа уметниците кога им го посочивте поводот за изложбата?
– Тоа што ни даде огромна снага што потемелно да ја организираме изложбата беше неверојатната позитивна енергија, радост и кооперативност со која од првиот момент пристапуваа сите уметници. Впечатоците и сеќавањата за нивната релација со професорот отсликуваа голема почит кон сето знаење и дисциплина кои им ги вградил Анастасов, но и многу човечка, речиси родителска, топлина која, ете, создала толку голема љубов кај нив кон професорот.
Впрочем и големата застапеност на уметници на изложбата е потврда за таа релација професор-студент, но и за уникатноста на педагошкиот приод кој Анастасов го практикувал во односот кон „децата кои му биле доверени“ и кои минале низ неговото даскалско ателје во текот на 20-те години на Ликовната академија во Скопје.

Практично, кој стои зад организацијата на изложбата?
– Позитивната енергија која ја вложија сите учесници во проектот од самиот почеток во голем дел ја олесни организационата работа на „Архифакт“ и на авторите на изложбата. Ние, со Екатерина Намичева Тодоровска, како авторски тим досега сме продуцирале десетина изложбени проекти во земјата и во странство („Димитар Кондовски – Уметникот за уметниците“ – МНТ, 2017; „Дејноста на руските архитекти во Скопје 1918-1941“ – Музеј на А. Солжењицин, Москва, 2022; „Училишни објекти во Скопје 1918-1941“ – МГС, 2019; „Традиционалната архитектура на с. Љубанци, Скопска црна гора“, 2018; мноштво едукативни работилници и други), па веќе однапред секој ги знае своите задачи.
Од 2018 година, сме дел од Здружението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“ од Скопје, кое делува активно на промоцијата на културата и културното наследство во Македонија, каде работиме на различни истражувачки проекти од областа на културното наследство и дизајнот, кои најчесто резултираат со изложби и монографски изданија.
Бидејќи периодот за подготовка на техничкиот дел на оваа изложба беше многу краток, околу 35 дена, не постоеше можност да бараме било каква финасиска поддршка од Министерството за култура и туризам, така што решивме дека „Архифакт“ со своите „пријатели“ ќе го работи про боно целиот проект. Голема поддршка за реализацијата на проектот добивме од директорот на Музејот на град Скопје, Панче Велков, кој ни ја стави на располагање музејската техничка екипа – Душко Николов и Коста Хаџимитревски, но, исто така, со голема посветеност се вклучи продукцијата „Проспериум“ – Скопје и Миодраг Константиновски, кои ја превземаа целокупната дигитална подготовка, како и печатарската куќа „Бато и дивајн“ – Скопје, кои го отпечатија каталогот за изложбата. Славчо Соколовски, едно од „децата“ на Анастасов, иако живее и работи во Масачусетс, САД, сепак, деноноќно ни помагаше со добри совети, но и со друг вид логистика за што подобра реализација на проектот.
Страхил Петровски, уште едно „дете“ на Анастасов, ја превзема улогата на медијатор помеѓу најголемиот дел уметници, што резултираше и со богатата галерија фотографии од студентскиот живот на генерациите. Сите заедно, нѐ водеше само искрената љубов и посветеност кон делото и „човекот“ Анастасов и токму затоа направивме одлична изложба и извонреден настан, кој без исклучок зрачи со многу љубов на сите учесници.
На оваа изложба се поставени три дела од Родољуб Анастасов. Колку дела на уметникот има во Музејот на град Скопје, имајќи предвид дека пред две години беше отворена негова изложба со 57 цртежи и 4 платна?
– Легатот „Јустина и Родољуб Анастасови“ во галеријата во Музејот поседува повеќе од 400 дела, но и многу богата збирка на лични меморабилии на уметникот, личната библиотека, награди, дипломи, како и дела од неговото љубљанско студио, што претставува најголема донирана музејска колекција во државата, од безмалку 500 предмети.
Долгогодишните мои средби со Анастасов и инспиративните дискусии за моќта на умот артикулирана преку говорот на уметноста и пораките кои тој низ целиот свој уметнички живот се обидувал да ги пренесе, всушност, ја изродија идејата за изложбата насловена „Визии – Глава полна со луѓе“, која беше отворена во 2023 година во Музејот на град Скопје. Цртежите беа создавани за време на изолацијата од ковид-пандемијата, кога Анастасов, повторно соочувајќи се со ситуација на „заточеништво“, успева од својата меморија да ги извади портретите на луѓето кои биле „по добро или по лошо“ дел од неговиот живот. Суштината на идејата е дека животот е минлива работа и дека човекот секогаш е прилагодлив на ситуациите, но дека тоа остава трага врз сите нас, која секој на свој начин ја презентираме.

Веќе десетина години сте иницијаторка и координаторка на мрежата „МузеумЛинк“. Со каква цел и мисија беше создадена мрежата и кои се нејзините членови?
– „МузеумЛинк“ е неформална мрежа на музеи и домови на култура од Македонија во која се здружени 40-ина институции, кои во 2016 година на моја иницијатива и концепт-проект започнавме дружба преку организирање патувачки изложби кои имаат за цел да презентираат дел од изложбената програма, којашто се случува во главниот град Скопје, насекаде низ државата, затоа што сметавме дека е недозволиво да биде привилегија само на граѓаните на Скопје да имаат пристап до квалитетни изложби.
Досега сме презентирале повеќе од 200 изложби, меѓу кои „Укијое – Јапонскиот лебдечки свет“ во соработка со Јапонската амбасада во Македонија; Школата за полски плакат – со Полската амбасада во Македонија; „Скршениот град“ – Музеј на град Скопје; Владимир Георгиевски – семејната колекција на Георгиевски и Фросина Георгиевска; „Визии – Глава полна со луѓе“ – Музеј на град Скопје; „Модерна традиција“ – Филип Фидановски; Ѓорѓи Чулаковски-Џото – семејна колекција на Верица Чулаковска и други.
Каква е релацијата на здружението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“ со активностите на „МузеумЛинк“?
– До 2023 година проектот „МузеумЛинк“ функционираше под покровителство на Музејот на град Скопје, во кој јас сѐ до моето пензионирање работев како кустос-советник. Потоа проектот продолжив да го развивам и понатаму, но во рамките на Здружението „Архифакт“, каде во моментот ги работам моите „пензионерски“ проекти.
Проектот „МузеумЛинк“, всушност, претставува една добра практика на комуникација помеѓу институциите од културата и луѓето кои ја создаваат таа културна програма. Јас само сум алката која комуникациски ги поврзува сите овие луѓе. Бидејќи и самата основна идеја која сакав да ја пласирам преку „МузеумЛинк“ беше дека независно од условите кои во моментот културната сцена ја условуваат и притискаат, сепак, добрата волја и посветената работа на професионалците во институциите можат да дадат резултати кои, конечно, сме должни да им ги обезбедуваме на консументите на културата. Речиси сите изложбени проекти на „МузеумЛинк“ се проследени и со цртачки работилници за ученици, што претставува особено задоволство кога ќе видите колку многу талентирани деца имаме во државата, и кои се желни за допир „тет-а-тет“ со уметноста.

Кој е Вашиот личен предизвик во организацијата и реализацијата на проектите?
– Семејната традиција на истражување и негување на културното наследство на Македонија, која ја наследив од мојот дедо Лазар Балабанов, кој беше основач на Куклениот театар во Скопје, и мојот татко Коста Балабанов, кој целиот свој живот го посвети на истражувањата на иконописот и културата во Македонија, од најрана возраст ми ја всадија идејата и љубовта кон професијата, со која постојаната љубопитност да се истражуваат и откриваат нови наслаги од историјата на културата на една земја, особено на сопствената, со текот на годините станаа мој императив во работата. Имав голема среќа и привилегија да се среќавам со големи уметници на својот занает, со искрени родољуби во културата, речиси фанатични истражувачи на историјата, но и да работам со институции каде таквите проекти беа возможни и ете таа љубопитност до денешен-ден, сѐ уште, е жива.
Иако сум веќе две години во пензија, сепак, мојата истражувачка активност продолжува сега во рамките на „Архифакт“. Имено, се работи за проект кој има за цел да ги истражи и запамети делата на индустриските дизајнери кои работеле во фабриката за порцелан во Титов Велес – „Порцеланка“. Автори на проектот, покрај мене и Екатерина, се Филип Фидановски, Јасмина Најдовска, а соработник е Ангел Коруновски. Тоа е тим од големи професионалци, кои со неверојатна енергија и посветеност работи во изминатата година. Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам, но за да можеме да го прикажеме целокупниот досега истражен материјал во опсежна монографија ќе мораме повторно, како безброј пати досега, да бараме и други извори на финансии, но и поддржувачи на културата.
Како кустос со долгогодишно работно искуство во Музејот на град Скопје, каков напор е потребен за систематично претставување на културното наследство пред домашната и странската јавност?
– Само искрената, континуирана и посветена работа, со многу љубов кон професијата и музејската работа, ја занемарува секојдневната борба со прашината, отсуството на современи технички помагала при работата, отсуството на поголеми финансиски средства за реализација на проектите, отсуството на комплетни стручни тимови потребни за подготовка на проектите, и уште многу други неопходни работи кои се вообичаени и со кои, на пример, располагаат светските музеи.
Но, и во такви услови во нашата држава оние музејски работници кои еднаш се „инфицирале“ со музејскиот занает, до крајот на животот ќе го негуваат и ќе создаваат нови проекти во кои ќе го отскриваат пред светот сето она што го создавал нашиот народ низ минатите векови како свој културен отпечаток. Музеите се, впрочем, нашата културна матрица која, без оглед на моменталните услови, имаме завет од предците да ја чуваме и покажуваме со гордост пред светот.
(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 271, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 8-9.3.2025)