
Интервју со Горан Садикаријо: Евреите даваат свој придонес во развојот на македонската држава
Од антиката, откога датира најстарата позната синагога во светот надвор од Израел, таа во Стоби, па до денешен ден, посетителите можат да научат дека животот на Евреите во Македонија ниту почнува ниту завршува со холокаустот, туку тие и денес постојат и даваат свој придонес во развојот на македонската држава и општество.
Оваа, како и секоја година, се сеќаваме со длабока почит на 7.144 македонски Евреи од Скопје, Битола и Штип, кои беа депортирани во центарот за убивање Треблинка, на територијата на тогаш окупираната Полска, што претставува 98 отсто од вкупното еврејско население во Македонија во тоа време. Годинава имавме тридневно одбележување со Комеморативна програма во Битола, Штип и во Скопје, која вклучуваше различни активности, вели Горан Садикаријо, извршен директор на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија по повод 11 март, Денот на депортацијата на македонските Евреи.
Годинава се промовира и книгата „Спасувањето, прогонот и холокаустот во Царството Бугарија (1940-1944)“ од Леа Коен. Во соработка со Италијанската амбасада, во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија ќе се одржи и проекција на италијанскиот документарен филм „Здивот на Шломо“.
Препорачано
Зошто е важно одбележувањето на холокаустот и каква порака праќа до идните генерации, е нашето прво прашање за Садикаријо.
– Сеќавањето на холокаустот е од исклучителна важност за зачувување на спомените на жртвите и за спречување на заборавот на една од најголемите трагедии во историјата на човештвото. Пораката што ја праќаме до идните генерации е дека насилството, дискриминацијата по каква било основа, говорот на омраза и насилство од омраза се неприфатливи. Преку истражување и едукација за историската вистина за холокаустот, ние ја пренесуваме колективната меморија од генерација на генерација за концептот „Холокауст – никогаш повеќе“ да биде начин на надминување на омразата.
Преку сеќавањето и одржувањето на спомените за холокаустот, живо и знајно, ние го зацврстуваме нашето морално ветување кон иднината за градење демократско општество засновано на дијалог, заемно разбирање и почит помеѓу сите верски и етнички заедници во државата.
Каква улога игра Меморијалниот центар на холокаустот во зачувувањето на историското сеќавање?
– Меморијалниот центар на холокаустот е клучна институција за зачувување на историското помнење на депортацијата на 7.144 македонски Евреи и за холокаустот во целина. Toa не е само музеј, туку и образовен центар што посветено работи на едукација, истражување и меѓународна соработка. Во постојаната изложбена поставка е прикажано 2000-годишното присуство на Евреите на овие простори. Од антиката, откога датира најстарата позната синагога во светот надвор од државата Израел, што се наоѓа во Стоби, па сè до денешен ден, посетителите можат да научат дека животот на Евреите и Еврејската заедница во Македонија ниту почнува ниту завршува со холокаустот, туку тие и денес постојат и даваат свој придонес во развојот на македонската држава и општество. Меморијалниот центар обезбедува платформа за критичко размислување, за превенција и сузбивање на девијантните појави во општеството, тоа е место каде што се чуваат спомени и документи и се прават истражувања што им помагаат на идните генерации да ја разберат важноста на сеќавањето.
Дали Фондот на холокаустот соработува со меѓународни организации и институции за зачувување на спомените и образованието за холокаустот?
– Секако, Фондот на холокаустот активно соработува со многубројни меѓународни организации и институции, како Јад Вашем од Израел, Меморијалниот музеј на холокаустот од САД, Меморијалот Де ла Шоа од Франција и други признати светски институции и организации, чија основна задача е зачувување на спомените на холокаустот. Оваа соработка се случува на различни полиња: од споделување истражувања и архивски материјали, до организација на заеднички образовни програми и работилници и размена на изложби.
Кои се следните проекти и иницијативи на Фондот што ќе помогнат во едукацијата и подигнувањето на свеста за холокаустот?
– Следните проекти на Фондот вклучуваат различни образовни програми, а планираме и нови изложби, публикации и соработки со локални и меѓународни институции.
Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, како и досега, ќе организира семинари за професори по историја и граѓанско општество, многу различни работилници за ученици, проекти за училиштата и слични активности од важност за нас како заедница, но и за нашата држава.