Георги М. Унковски, филмски режисер и сценарист / Фотографија: Breanna Downs

Интервју со филмскиот режисер Георги М. Унковски: Успехот на „Диџеј Ахмет“ ги надмина сите очекувања кои ги имавме за него

Од светската премиера и двете награди на „Санденс“ на почетокот на годината, регионалната премиера во Сараево и македонската премиера на 46. ИФФК „Браќа Манаки“, филмот „Диџеј Ахмет“ на режисерот Георги М. Унковски постојано е во фокус на филмската јавност.

Успехот на краткиот филм „Налепница“ пред неколку години навестуваше дека во Георги М. Унковски се крие сериозен филмски талент и дека треба да се очекува моментот кога ќе ја искористи можноста тоа да го покаже пред јавноста. Прилично долго, речиси пет години, траеше подготовката на неговиот дебитантски долгометражен игран филм. На почетокот на оваа година стигна најавата дека светската премиера ќе се случи на најзначајниот фестивал на независниот филм „Санденс“, што ги подгреа надежите дека, можеби, „Диџеј Ахмет“ ќе тргне по патот на „Налепница“.

Одзивот и наградите што досега ги собра филмот, рецензиите во релевантните списанија за филм и најмногу фантастичниот прием од публиката покажуваат дека „Диџеј Ахмет“ е вистински филмски хит. Филмот воодушевува со неговата едноставност и непретенциозност. Главните ликови „од прва“ ги освојуваат симпатиите на публиката. Колоритните пејзажи, лесно разбирливата приказна, одличната музика и емпатијата што ја поттикнува темата на филмот имаат магично дејство врз гледачите. Ентузијазмот во работата на филмската екипа се прелева и на филмското платно.

Откако помина возбудата со светската, регионалната и домашната премиера на филмот со Георги М. Унковски направивме пресек на тоа што беше, а тој најавува и што понатаму следува на патот на „Диџеј Ахмет“.

По десетина месеци прикажување на светските филмски фестивали деновиве филмот „Диџеј Ахмет“ влезе и во кино дистрибуција во Скопје. Какво чувство Ве исполнува овие месеци исполнети со убав живот на филмот?

– Успехот на „Диџеј Ахмет“ ги надмина сите очекувања кои ги имавме за него. Овие денови гледам повеќе да се фокусирам на тоа што е следно отколку да уживам во неговиот успех. Најмногу ме радува тоа што веќе не сум му потребен на филмот и дека сега тој си има свој живот, нешто што е навистина посебно да се доживее како автор.

Фестивалскиот живот на филмот „Диџеј Ахмет“ почна со две награди на „Санденс“

Станува збор за дебитантско долгометражно филмско остварување што го создававте речиси пет години. Каква трансформација во текот на тој период доживеавте и Вие и екипата што работеше на филмот?

– Тоа е, најверојатно, најтешкиот дел од создавањето на еден филм. Авторот се менува многу низ годините, а идејата и филмот доаѓаат од еден специфичен период во животот на авторот. Некогаш е тешко да се одржи ентузијазмот низ толку долг период. Како што раскажувам и на помладите автори од мене, снимањето филмови е маратон. И кога забораваме зошто сме почнале да трчаме важно е да се истрча до крај, и да ја реоткриваме мотивацијата и идеите кои нѐ довеле до тука.

Обична љубовна приказна што се случува во необичен рурален амбиент снимена на фантастичен начин делува како магија врз гледачите. Кај нас многу ретко се случува филмското сценарио да биде соодветно подготвено за финална реализација во филмско дело. Низ колку фази на обработка помина сценариото за филмот?

– Сценариото беше на неколку работилници, меѓутоа она што мислам дека е клучно, и нешто што го практикувам за сите мои сценарија, е да ги споделувам со екстремно критични луѓе кои на различни начини ги сметам за авторитети во мојот живот. Клучот за добро сценарио е препишувањето и изземање на авторското его во неговата анализа. Некогаш е тешко (најчесто е тешко) затоа е важно да бидеме опкружени од искрени, некогаш и брутални луѓе на кои им веруваме. Само во директен судар со своите маани можеме да станеме подобри во занаетот.

Огромни симпатии кај публиката привлекуваат трите главни ликови во приказната / Фотографија: ИФФК „Браќа Манаки“

Огромни симпатии кај публиката привлекуваат трите главни ликови во приказната. Иако во голем дел од улогите играат професионални актери, како и зошто се одлучивте главните улоги да ги играат три деца-натуршчици?

– Не знам дали тоа беше свесна одлука и во кој момент беше донесена, меѓутоа само на тој начин мислев дека можам да допрам до таа автентичност која ја посакував. Мислам дека филмот немаше да функционира на друг начин.

Низ каква селекција поминаа тројцата млади актери Ариф Јакуп, Агуш Агушев и Дора Акан Златанова?

– Кастинг на ниво на целата држава, кој се одвиваше во основните школи каде што има паралелки на турски јазик. Веројатно околу 2.000 деца во првичниот круг, иако точно тие бројки никој не ги знае. Селекцијата траеше долго и во период од околу 4 месеци се дојде до 40-ина деца. Хемијата која постоеше меѓу Ариф, Агуш и Дора уште на кастингот ми даде доверба дека, можеби, ќе имаме добар филм.

Главните актери и дел од филмската екипа на прес-конференција на 46. ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола

Филмот е визуелизиран со одлична пејзажна фотографија од руралниот предел на Јуручијата, како и со прецизни крупни кадри на главните ликови што зрачат со емотивен набој. Во какви услови се одвиваа снимањата и каква комуникација имавте со снимателот Наум Доксевски?

– Со Наум работиме веќе скоро 10 години, и комуникацијата ни е речиси телепатска. Иако во овој филм мислам дека и двајцата бевме доведени до работ на нашите можности и издржливост, се покажа дека таа хемија и тоа разбирање кое го имаме се преведува во филм дури кога и, можеби, не сме до крај свесни за тоа. Успехот да го истераме ова екстремно тешко снимање без да влеземе во конфликт, ми дава доверба дека со Наум ќе работиме додека сме живи.

Филмот е финализиран со одлична монтажа, во која на моменти се користат кратки резови за да се збие филмското дејство. Со колку часови материјал влеговте во тој процес и чија е финалната монтажерска верзија на филмот?

– Монтажерот Михал Рајх е врвен во мајстор во монтажата и врвен драматург, тој беше дел од проектот уште пред почетокот на снимањето и со своето искуство и пристап придонесе филмот да се крене на едно сосема друго ниво. Монтажата траеше вонсериски долго за еден ваков филм и беше многу тежок процес и за двајцата, меѓутоа на крај со наоѓање заеднички јазик успеавме да направиме нешто вистински посебно. Во врска со материјалот би рекол дека сигурно едно 20 проценти од снименото на крајот не влезе во финалната верзија на филмот.

Регионалната премиера на филмот се одржа на Филмскиот фестивал во Сараево

Вашето долгометражно дебитантско филмско дело веќе освои повеќе награди на различни фестивали. Што како филмски режисер научивте од целиот процес на создавање на филмот, а не сте го учеле на филмска академија?

– Сѐ. Буквално сѐ. Научив како се прави филм на еден многу брутален начин. Има една изрека дека првиот филм се снима со крв. Тоа е апсолутна вистина. Сѐ што мислев дека знам, го научив од почеток, а најмногу за себе и за својата издржливост. На тоа сум најмногу горд.

Во очекување на Вашето следно филмско дело, кои карактеристики кај личноста се најважни за да може да си дозволи да се занимава со филмска уметност во Македонија?

– За жал, во Македонија, меѓутоа и на многу други места во светот, за човек да се занимава со филм треба да има поддршка, и емотивна и финансиска од луѓето околу себе. Да не беше мојот брат Иван Унковски, кој е и продуцент на филмот, не гледам реалност во која јас би бил режисер. Од филм не се живее (иако работиме на случајот тоа да се промени), а ако од филм не може да се преживее тогаш најчесто или не се занимаваме со филм, или работиме што и да можеме за еден ден, можеби, да снимиме филм.

На кои дестинации понатаму ќе се прикажува приказната за диџеј Ахмет?

– Набрзо заминувам за Лондон, каде филмот ќе игра на BFI, потоа одиме за Белгија, Германија, Шпанија, Египет, Хрватска, Словенија, Турција и тоа секаде со кино дистрибуција и фестивалски премиери на „Диџеј Ахмет“.

Патешествие низ животот

Филмот е кратко патешествие низ животот на еден тинејџер од Јуручките села близу Радовиш, кој покрај својата љубов кон музиката, се соочува со очекувањата на својот татко, грижата за својот помал брат и откривањето на љубовта со девојка, која е веќе ветена на друг. На многу симпатичен и хумористичен начин филмот ги разбива стегите на патријархалното општество.

Филмот „Диџеј Ахмет“ се снимаше во селата Коџалија и Али Коч во Радовиш и мал дел во Скопје. Снимател е Наум Доксевски. Сценографи се Дејан Ѓошевски и Александра Чевреска, костимограф Роза Трајческа, шминка и маска Душица Вуксановиќ-Дуда, снимател на тон Павел Јан, монтажер Михал Рајх. Во главните улоги се Ариф Јакуп, Агуш Агушев, Дора Акан Златанова и Аксел Мехмед. Во останатите улоги се Селпин Керим, Елхаме Билал, Адем Карага, Метин Ибрахим и други. Кастинг директор е Киријана А. Николоска.

Филмот е копродукција помеѓу „Синема футура“ и „Сектор филм“ од Македонија, „Алтер вижн“ и „Аналог вижн“ од Чешка, „Бекрум продукција“ и „Баш Челик“ од Србија. Продуценти на филмот се Иван Унковски и Ивана Шекуткоска. Филмот беше поддржан со 23,5 милиони денари (околу 380.000 евра) на конкурсот на Агенцијата за филм за 2020 година во втор рок на одлучување, а доби поддршка од 160 илјади евра од паневропскиот филмски фонд „Еуримаж“.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 301, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5.10.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот