
Интервју со филмската режисерка Ана Опачиќ: Одново и одново треба да им се навраќаме на класиците
Преплет на книжевноста и филмот прави Ана Опачиќ со книгата „Авторските политики во филмските адаптации“, а покрај истражувањата во областа на филмската теорија, таа е филмска режисерка и директорка на филмски фестивал.
Препорачано
Докторската дисертација објавена во книгата со наслов „Авторските политики во филмските адаптации“ на Ана Опачиќ истражува две уметности: книжевноста и филмот. Во книгата се разгледани три канонски филмови и три книжевни дела: новелата „Смрт во Венеција“ на Томас Ман во режија на Лукино Висконти (1971), недовршената драма „Војцек“ на Георг Бихнер во режија на Вернер Херцог (1979) и фрагментарната поезија на Арсениј Тарковски во филмот „Огледало“ на Андреј Тарковски (1975).
Два од овие филмови, поради својата содржина се, сѐ уште, актуелни и во денешен контекст („Смрт во Венеција“ и „Војцек“). Третиот филм е избран поради својата фрагментарна, нелинеарна филмска структура и исклучително ретката појава на адаптирањето поезија, со што се издвојува од други класични филмови.
Книгата на Ана Опачиќ укажува на значајноста и на популарноста на филмската адаптација на книжевното дело, особено ако се има предвид дека огромен процент од филмската индустрија се базира врз адаптации на книжевни предлошки.
Сериозното и длабоко истражување со наслов „Авторските политики во филмските адаптации“ е твојот докторски труд, кој ги спојува книжевноста и филмот. Со какви намери филмските адаптации ги стави во фокусот на истражувањето?
– Додека ја чекав финалната оценка од комисијата за својот магистерски труд, заедно со професорот Стефан Сидовски стоевме во еден долг ходник, сами во тишина. Професорот, за да ми го олесни тоа исчекување, почна да ми зборува за филмот „Полин на плажата“ (Pauline a la plage) на Ерик Ромер, бидејќи тоа беше врската со мојот филм и во тој муабет лежерно спомна дека не би било лошо за својот докторат да пишувам за авторската теорија во филмската уметност. Тоа беше почетокот.
Во дискусиите меѓу студентите на филмските академии, како и меѓу филмските професионалци, секогаш останува отворено и се толкува со различни, дури и спротиставени ставови, прашањето за тоа што би требало да претставува адаптацијата и/или колкава слобода има режисерот, односно авторот при постапката на филмска адаптација на веќе познато напишано дело. Школски пример за вежбање и промислување на адаптацијата што го давам на своите студенти е краткиот расказ „Ридови како бели слонови“ на Ернест Хемингвеј, кој содржи само пет страници. Станува збор за класичен пример на расказ врз кој може да се развие теоријата на адаптација и авторската теорија. Секогаш со љубопитност ги чекам нивните адаптации, кои чинат еден омнибус, омаж на Хемингвеј. Сите тие сценарија се апсолутно различни и секој од нив од свој субјективен поглед гради приказна.
Мислам дека оваа книга првенствено почнав да ја пишувам инспирирана од своите студенти и часовите на кои тие имаа бесконечни анализи што некогаш завршуваа и со кавги (хаха) поради прашањата кој е автор на филмот и постои ли универзален / исправен начин на адаптација.

Во истражувањето правиш анализа на три филма од култните режисери Лукино Висконти, Вернер Херцог и Андреј Тарковски. Како се случи нивниот избор и кои беа основните насоки во селекцијата на филмовите?
– Привилегија е човек да може да посвети дел од својот живот и на секојдневно ниво да се запознава со овие автори, но и да учи од нив. Основните насоки во селекцијата на филмовите, всушност, беа книжевните предлошки, почнав со литература, односно три различни книжевни родови – новела, драма, поезија. Сите три книжевни дела и нивните филмски адаптации се класици, евергрини, и сметам дека секогаш, без оглед колку напредуваме и се развиваме во кое било поле, одново и одново треба да се навраќаме на класиците.
Кон сите овие дела имам лични, емотивни преференции зошто ги одбрав и сметам дека тоа е единствениот исправен пат, затоа што и Висконти и Херцог и Тарковски имаа длабоки лични и емотивни убедувања и причина зошто ги одбраа Ман, Бихнер и Тарковски (таткото), и не калкулираа. Сега повторно да пишувам книга на оваа тема, можеби, би одбрала некои други книги и филмови, но тогаш, во тој период, ми се чинеше дека треба да бидат овие три.

Во твојата работа се вклучени повеќе аспекти од филмската дејност, како професорка по предметите Филмско сценарио и Сценографија на универзитетот „Еуропа прима“, како авторка на краткометражни играни филмови и како основач и директор на „Бич филм фестивал“ во Охрид. Како успеа филмската уметност да те опфати во сите пори?
– Кога бев мала сакав да сум готвачка, а мислам дека во готвењето, исто како и во животот, се битни дозирањето, мерката и добрите зачини. Сега, кога вртам филм во главата, некако ми делува дека сето ова природно и спонтано ми дојде, бидејќи ниту една скаличка не прескокнав.
До каде си со подготовките за снимањето на твојот прв долгометражен филм „Трета смена“, имајќи предвид дека поддршката од Агенцијата за филм ја доби во 2022 година?
– Филмот „Трета смена“ е во фаза на претпродукција. Затворен е главниот кастинг и споредните улоги, а останува уште да се докомплетираат епизодните улоги и статистите. Локациите се избрани и заклучени, во моментов работиме на сценографијата и костимографијата, а од март почнувам со актерските проби. На крајот од август ќе се преселиме на брегот на Преспанското Езеро и треба да имаме прва клапа.
Која е тематиката и чие е сценариото за филмот?
– Додека читав книги за докторатот, најдов еден текст во кој беа опишани големите жештини што ја опфатија Франција пред неколку години, кога беше толку топло што луѓето што живееја сами или во домови за стари лица починаа поради недоволна и неадекватна грижа. Потоа во весниците имаше наслови дека само богатите држави можат да си дозволат стари луѓе. Како постарите луѓе не би биле занемарени, тие се обидуваат да бидат рамноправни со младите.
Во денешното општество не е допуштено човек пасивно да старее, на што ни укажуваат ТВ-реклами во кои старци скокаат со падобран само за да покажат дека сѐ уште тоа го можат. Во истиот текст се најде и општествената и културолошка експлицитна критика на Мишел Уелбек, кој кажува дека во овој свет може да си свингер, зоофил, садомазо, но не ви е допуштено да сте стар. Иако сите нѐ засега оваа тема, многумина избегнуваат да размислуваат за тој процес и за староста. Притисокот што врз нас го прават козметичките и фармацевтските индустрии, човек да биде секогаш млад, во голема мера го поддржува и филмската индустрија, а сцените со голи стари луѓе се нешто со кое никој не сака да се соочи.
Заради сопствениот страв од стареење и смрт, на луѓето најмногу би им одговарало постарата популација да биде што поневидлива и на маргините. Тоа беше една од појдовните точки за сценариото за „Трета смена“, односно третата животна доба, кое го напишав заедно со мојот сопруг Слободан Трајкоски.

Со каква идеја пред седум години го основаше фестивалот на европски филм „Бич филм фестивал“ во Охрид?
– Моите први сеќавања на Македонија се оние на Струга и Охрид, всушност, на Струшките вечери на поезијата на кои доаѓав заедно со моите родители. Некако, тие лета поминати на езеро се чинеа како времето да е застанато таму, и тоа ми недостасуваше кога се доселив во Скопје и во тие студени зими евоцирав концерт на кубански пејачки, кои ги донесе Ненси Морехон во црквата „Св. Софија“, се сетив на децата што безгрижно по цел ден скокаа од мост во реката Дрим, но и на читање поезија во Калишта под дрво старо илјада години и тоа чувство кое го имав сакав да го споделам со гости/публика од филмскиот свет.
Како е прифатен фестивалот од локалната заедница во Охрид и како гледаш на неговиот досегашен раст и развој?
– Со оглед на тоа што, речиси, никој од тимот не е од Охрид, прво требаше да ја добиеме довербата на охриѓани и мислам дека тоа се случи кога почнавме со филмски проекции на градската плажа Сараиште. Паметам еден муабет со еден од посетителите на фестивалот, кој е од Охрид, кога ни кажа – „Ако на проекциите на Сараиште дојдат локалци“, како ние во Далмација што ги нарекуваме фетиви – оние што се родени тука – „тоа ќе значи дека сте прифатени“. И токму тоа се случи, градот се соживеа со фестивалот.
Она што мене посебно ме радува е тоа што фестивалот расте локациски, а паралелно со тоа и програмски и сите членови на семејството во текот на една филмска вечер може да си одберат локација на која ќе најдат филм за нив. И така од лично искуство, а знам дека не сум единствена, на почетоците на фестивалот одев на главната локација на плажата Славија, а сега заедно со син ми одиме на Сараиште на детската програма. Одгледавме, сега веќе може и да се каже, генерации деца што во првите години волонтираа и доаѓаа на работилници, а денес се дел од фестивалскиот тим.
Биографија – Целосна посветеност на филмот
Филмската режисерка Ана Опачиќ (1990) е родена во Трогир, Хрватска. Дипломирала на Уметничката академија во Сплит, на одделот за филм и видео. Магистрирала на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА во Скопје (Еуропа Прима) на катедрата за филмска и ТВ режија. Докторирала на Институтот за македонска литература при УКИМ, на темата „Авторските политики во филмските адаптации: ’Смрт во Венеција‘ (Лукино Висконти), ’Војцек‘ (Вернер Херцог) и ’Огледало‘ (Андреј Тарковски)“. Од 2014 година работи како Доцент на Интернационалниот универзитет за аудиовизуелни уметности „Еуропа Прима“ во Скопје, по предметите Филмско сценарио и Драматургија на сценски простор.
Во 2010 година учествувала на меѓународниот студентски филмски камп „Интеракција“ како режисер, а во 2013, исто како режисер, учествувала на „Сараево талент кампус“ при Сараево филм фестивал. Досега има направено осум професионални краткометражни филмови, околу 20 краткометражни филмови за време на студиите, како и неколку изложби и перформанси од уметноста на новите медиуми.
Во претпродукција е нејзиниот прв долгометражен игран филм со наслов „Трета смена“. Член е на Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ). Од 2018 година е основач и директор на Фестивалот на нов европски филм „Бич филм фестивал“ во Охрид.
(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 264, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19.01.2025)