
Интервју со Емакулате Вандера, најпознатата македонска снаа од Кенија: 2024-та ме научи да бидам љубезна кон себе, да ги прифаќам сопствените грешки и да ги следам соништата
На чекор сме до ново поглавје во нашите животи, Нова година, нова надеж, предизвици, желби… Крајот на годината, целата таа новогодишна еуфорија и честитки проткаени со позитивни желби нè тераат да сфатиме дека оставаме уште една година зад нас, а со тоа и да се запрашаме, дали сме ги реализирале нашите цели.
Препорачано
Откако ќе направиме една анализа на сѐ она што сме го поминале, најчесто следи прашањето, која е нашата главна цел во новата година што следи. Токму овој период е одличен да сфатиме што е она суштинското што ќе го направи нашиот живот посреќен и поисполнет во следната 2025 година.
На оваа тема разговараме со најпознатата Кенијка кај нас, Емакулате Вандера, која јавноса ја запозна на социјалните мрежи преку кои објавува интересни видеа, најчесто пее познати македонски песни, а од неодамна „вплови“ и во водителските води.
Која е Вашата прва асоцијација кога ќе се спомене Нова година и божиќни празници?
– Прва асоцијација кога ќе се спомене Божиќ и Нова година е период на забави, семејни собири и генерално чувство на радост и топлина. Божиќ претстсвува традиција и време поминато со семејството, а Новата година е симбол на нови почетоци.

Која приказна или случка од детството Ви буди убави чувства кога е во прашање новогодишната магија?
– Има доста случки од моето детство кои ми будат убави чувства, а се поврзани со новогодишната магија, но ова ми е омилено. Моите роднини дојдоа во нашиот дом за прослава на Новата година и одевме од врата до врата во домовите на нашите пријатели, па сите излегоа надвор и заедно пеевме и се забавувавме на улица, беше многу спонтано и весело.
Ако мора да одберете само еден, кој би го издвоиле како најдобриот новогодишен подарок што сте го добиле?
– Ако треба да издвојам еден, тогаш би рекла дека е албумот со илустрации што го нацрта мојот сопруг, кој е инаку илустратор. Илустрациите беа од убави моменти кои ни се случиле во текот на изминатата година, беше навистина уникатно и прекрасно.
Кој денес ги исполнува Вашите желби, а не е Дедо мраз?
– Секако дека тоа се блиските луѓе во мојот живот, семејството и пријателите. Тие се оние кои се грижат за нас и ги разбираат нашите желби и потреби, некогаш и преку некој убав гест или поддршката што ти ја нудат. Исто така, и самата си ги исполнувам моите желби преку упорност, труд и следење на зацртаните цели.

Што е она што Ви ја одбележа изминатата 2024 година?
– Изминатата година беше година на раст за мене, исполнета со лични достигнувања како и кариерни цели кои си ги имав поставено. Започнав со работа како ТВ-водител, имав соработки со големи брендови, добив наградата за „Инфлуенсер на годината“ сето тоа ми значи премногу.
Која „лекција“ ја научивте?
– Да бидам љубезна кон самата себе, да ги прифаќам сопствените грешки и да ги следам сопствените соништа без разлика на попатните пречки.
Што најмногу, а што најмалку Ви се допаѓа во Скопје овој период во годината?
– Ми се допаѓа празничниот дух што се чувствува насекаде. Луѓето што се организираат за претстојните денови за забава. Сметам дека градот треба да биде и повеќе украсен од тоа што е. Тоа што не ми се допаѓа секако е дека е сезона на загаден воздух и вируси.

Дали имате новогодишен ритуал за китење на домот?
– Да секако, секој Божиќ и Нова година имаме традиција на украсување на домот, таа традиција ја негуваме во Кенија, а со уживање го правиме истото и тука со сопругот и ќеркичката, тоа се посебни моменти кои мислам дека треба да се негуваат.
Со кого и каде ќе ги поминете овие празници?
– Празниците ќе ги поминам дома во кругот на семејството и пријателите, традиционално деновите околу Божиќ ги чуваме за најблиските.
Дали има нешто кои си го ветивте дека никако нема да го повторите во следната година?
– Да, си ветив самата на себе дека ќе си поставам подобри граници околу мене и ќе се опкружам само со позитивна енергија.
Порака до читателите за 2025…
Новата година нека биде година на раст и значителни промени. Да ги препознаеме и прифатиме можностите кои ни доаѓаат и да не се плашиме од нови предизвици. Да запомниме дека секој нов ден е можност да направиме некоја можеби мала, но позитивна промена која ќе води кон голема трансформација. Водете грижа за своето тело и умот и бидете љубезни кон себе и кон другите. Да наздравиме за година полна со можности, напредок и високи цели. Среќна Нова 2025!