Фото: Ања Калин

Интервју со Елена Васова, пејачка: „Љубов“ е мојата најинтимна исповед, како отворање дневник пред сите

Младата пејачка и авторка Елена Васова ја освои годинашната регионална награда „Милан Младеновиќ“ со песната „Љубов“. Ова признание, кое претходно ѝ припадна на Дина Јашари во 2022 година, уште еднаш ја постави македонската музичка сцена на регионалната мапа.

Во разговор за „Слободен печат“, таа ни раскажа за настанувањето на песната, за тимот што го обликуваше звукот и за инспирацијата што ја црпи од духот на старо Скопје.

Елена, годинава токму ти ја доби наградата „Милан Младеновиќ“. Тоа е признание кое носи тежина, не само поради регионалниот карактер, туку и поради името на еден од највлијателните музичари на просторот. Како го доживеа моментот кога дозна дека токму твојата песна е избрана, и што значи за тебе да бидеш поврзана со неговото име?

⁃ Веста ја доживеав со голема среќа и возбуда. Да ја добијам наградата „Милан Младеновиќ“ значи многу повеќе од признание. Чест е да бидам поврзана со еден искрен уметник кој оставил трајна инспирација за многу генерации.

„Љубов“ е песната што ти ја донесе оваа награда. Таа носи поетска нежност, меланхолија и искреност. Можеш ли да нè вратиш на самиот почеток – како се роди текстот и што беше првата искра што те натера да ја напишеш?

– „Љубов“ се роди од една потреба да го изразам она најчистото, чувство што нè движи сите. Првата искра беше момент на тивка ранливост, момент кога почувствував дека љубовта може да биде и болка и лек, но пред сè, вистина. „Љубов“ е доста интимна. Процесот беше како отворање на дневник пред сите, малку страшно, а и ослободувачки во исто време. Секој стих е дел од мене.

Фото: Инстаграм/Елена Васова

Оваа песна ја обликуваше тим од врвни музичари. Од Ади Имери, преку Ненад Стефановски и Петар Лукиќ, па до Мартин Џорлев и Милош Спасов. Како изгледаше таа заедничка магија во студиото?

⁃ Тоа беше вистинска колективна поезија. Секој од музичарите внесе дел од својата душа, и мислам дека таа размена на енергија и меѓусебна хемија допринесе делото да звучи така како што замислував, огромна благодарност до нив.

Често спомнуваш дека инспирација ти се приказните за старо Скопје и шлагерите кои ги паметат генерациите пред нас. Колку од тоа „старо време“ е вткаено во „Љубов“?

⁃ Старо Скопје и шлагерите се дел од мојата инспирација за музика, а се и дел од мене. Со музиката на тие великани имам израснато, и на еден начин ме имаат оформено како вокал. Во „Љубов“ мислам дека го има тој дух на минатото, вплетен во современа форма, ете на мој начин.

Со ова признание, Македонија повторно се најде на регионалната музичка мапа по истиот успех на Дина Јашари во 2022 година. Што мислиш, дали ваквите награди се само личен успех или можат да бидат поттик за целата македонска сцена?

⁃ Ваквите награди не се само личен успех, туку и доказ дека македонската сцена има што да понуди на регионот и пошироко. Нашата сцена отсекогаш имала што да даде и мило ми е што луѓето го приметуваат тоа. Мислам дека наградите отвораат врати и даваат охрабрување и на други автори да сонуваат поголемо и да работат повеќе.

И, за крај, што по „Љубов“? Што можеме да очекуваме од тебе во следниот период?

⁃ После „Љубов“, продолжувам посветено да работам на нов материјал, одвај чекам да го споделам со вас и да видам по кои патишта може да ме однесе.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот