
Интервју со диџеј Мартин Делимитов: Непроценлива е реакцијата на публиката кога свириш авторска песна
Македонскиот бенд „БДМ“ со ремиксот на песната „Blasphemy“ на Португалците Мулинекс и ГПУ Паник, е вклучен во компилацијата „DTX Gathering“ на издавачката куќа „Диско Тексас“ од Португалија. Разговараме со диџеј Мартин Делимитов од Антена 5, кој е дел од ова трио. За музиката, радиото, диџеј-сетовите, музичките фестивали и како е да се биде дел од светска музичка компилација во интервјуто во „Слободен печат“.
Препорачано
Пред неколку денови со триото „БДМ“ издадовте ремикс на познати португалски продуценти, и тоа на светска музичка компилација. Треба ли дозвола за да се направи ремикс на некоја песна и колку е тешко еден ремикс да се најде на компилација со десетина познати артисти?
– Секако дека треба дозвола, имавме можност да ги запознаеме Мулинекс и ГПУ Паник, и сфативме дека делиме сличен креативен и музички менталитет и токму затоа избравме нивна песна да „ремиксуваме“ која ќе ја направиме во наш стил, а ќе остане достојна на нивниот оригинален сензибилитет.
Што се однесува до изданието „GTX Gathering“, тајмингот и крајниот продукт беа одлучувачки да се најдеме на него и многу сме горди што сме дел од оваа компилација.

Со „БДМ“ цело лето имавте многу фестивалски настапи. Па ако треба да го споредиш Д-Фестивал, со ГалИцко, дури и со ланскиот Егзит – каде се чувствуваше ти најдобро на сцената? Кој настап секогаш ќе ти остане „во срце“ и зошто?
– Секој од нив има посебно место во моето срце како и за Бане и Дуле од „БДМ“, ГалИцко има посебна емоционална вредност затоа што е фестивал што го слави ликот и делото на покојниот Диџеј Ицко, кој беше мој ментор и го чувствувам како брат. Д-Фестивал е најголемиот фестивал во државава и сме екстремно горди на настапот таму како бенд пред таа голема публика и енергијата што ја добивме. Настапот на Егзит фестивалот е едно од најголемите достигнувања што некој артист може да ги доживее и гледајќи како интернационален успех, дефинитивно настапот таму е еден од поголемите успеси досега.
Летово еден од најголемите радио и клупски хитови кај нас беше преработката на „To The Moon and Back“ од „Севиџ Гарден“. Што е следно?
– Презадоволни сме со тоа како луѓето тука, а и надвор ја примија „To The Moon and Back“. Следно е нов сингл што треба да излезе средина на ноември и ќе биде дел од новиот албум „Synapsis“ што е закажан за наредната година.
Колку ти е различно кога ќе излезеш на сцена со БДМ споредено со твоите диџејски настапи?
– Иако си носат своја убавина и двете, сепак настапот со БДМ е нешто неспоредливо. Количината допамин што ја произведуваш во тие моменти и чувството на гордост за своето достигнување што го добиваш кога ќе свириш свои авторски песни и реакцијата на публиката на нив е непроценливо.

Луѓето што доаѓаат на твоите диџеј-сетови знаат каков тип музика ќе слушнат. Се случило ли некогаш да ти дојде некој пијан гостин и да побара нешто што „ни мртов“ не би го пуштил – турбофолк песна, на пример? Како се справуваш со таквите ситуации?
– Секој диџеј барем еднаш во својата кариера се сретнал со ваква ситуација, од пијани муабети од типот „пушти нешто“ (а не знаат конкретно што) до „еве ти телефон за од Јутјуб да ми ја пуштиш“. Во такви моменти се справуваш така што секогаш културно и со почит објаснуваш дека немаш и не пушташ одреден стил музика или песна и истовремено пробуваш со некоја шега да го свртиш муабетот во друг правец и си продолжуваш со вечерта.
Колку долго си во Антена радио? Кој е најубавиот дел од работата таму?
– Веќе 19 години сум дел од Антена 5 и најубавиот дел покрај тоа што ја имам среќата да го работам тоа што најмногу го сакам, се луѓето со кои секој ден работам, со кои не сме само колеги туку фамилија.
Луѓето те знаат како Мартин од Антена 5, но каков е Мартин приватно кога не е на радио?
– Малку повеќе интровертен, ги сакам моментите поминати дома со филмови, серии, поткасти, фудбали гледање итн., многу повеќе од она што ми го сугерира професијата како животниот стил.

Што те прави среќен, а што може да те извади од такт?
– Среќен ме прават луѓето околу мене со кои чувствувам мир и спокој, а ме вадат од такт двојни стандарди и луѓе што возат навечер без да ги вклучат светлата.
И за крај, каков е твојот став за македонската музика?
– Има толку многу млади креативни артисти и музичари кај нас во моментов што прават многу добра музика што мислам дека иднината на македонската музичка сцена е во добри раце.