
Интервју со Даниела Алексовска, европски шампион во ММА: Од шест години секојдневно тренирам, европското злато го очекував
„Чувството да се биде на врвот е одлично, но секако дека тоа носи и голема одговорност за докажување на остварениот успех. По резултатите од минатата година овој успех и за мене и за мојот тим беше очекуван.“
Даниела Алексовска, (19) стана европски шампион во боречки вештини освојувајќи ја првата европска ММА титула за Македонија во женска конкуренција.
Препорачано
Овој успех претставува значајна победа за македонскиот ММА спорт, а Алексовска уште еднаш докажа дека припаѓа на европскиот врв. За успесите и предизвиците со Даниела разговараме во интервјуто за „Слободен печат“.
Како европски шампион во боречки вештини, освојувајќи ја првата европска ММА титула за Македонија во женска конкуренција, какво е чувството да се биде на врвот?
– Чувството да се биде на врвот е одлично, но секако дека тоа носи и голема одговорност за докажување на остварениот успех. По резултатите од минатата година, овој успех и за мене и за мојот тим беше очекуван.

Од каде љубовта кон овој спорт и како почна твојата спортска приказна?
– Со боречки вештини започнав на шестгодишна возраст кога почнав и основно образование, а поттик ми беа членовите во клубот на татко ми, кои активно се натпреваруваа и остваруваа успеси. Ова беше доволна причина да започнам и да го засакам овој спорт.
Твојот татко е твојот тренер. Како изгледаат подготовките со тренер што во исто време е и татко?
– Покрај татко ми, тренери ми се и Стефан Пецевски, Александар Заткоски и Зоран Петковски, кои имаа голема улога во моите подготовки. Но, секако дека тоа што татко ми ми е тренер носи поголеми предности, за мене, одошто недостатоци.

Официјално си рангирана како трета во светот во категоријата јуниори -52,2 кг. Зад себе имаш 120 медали, од кои 93 златни. Колку беше тежок патот до успехот?
– Медалите не сум ги броела, но сигурно се повеќе од 100, од кои само 15-ина се сребрени и бронзени, а останатите се златни. Сите овие медали потекнуваат од различни дисциплини како бразилска џиу џица, џудо, џу џицу, ММА и кикбокс.
Успехот во спортот бара посветеност, дисциплина, напорна работа, но доколку целиот овој процес претставува задоволство, не може да претставува товар и мака.

Колку спортскиот начин на живот бара одрекување од многу работи?
– Воопшто не е тешко доколку го правите она што го сакате. Барем мене никогаш не ми било тешко, од причина што спортот е она што навистина го сакам и ме прави среќна.
Што правиш кога не спортуваш?
– Кога не спортувам, поминувам време дома, каде што одморам или ги завршувам училишните обврски. Учам во ПСУ „Алгоритам“ и засега успешно ги координирам и двете работи. И училиштето и спортот. Верувајте дека никогаш не ми било тешко да се носам со двете работи. Благодарение на спортот многу патувам, всушност јас и сакам да патувам, од секаде носам импресии и досега најголем впечаток ми оставија Абу Даби и Ташкент.

Колкава е поддршката од семејството и од пријателите?
– Семејството ми е најголемата поддршка бидејќи, како што реков, татко ми е тренер, но исто така и мајка ми која е постојано во салата кога тренираме.
Кои се следните предизвици?
– Следни предизвици ни се МФЦ во Црна Гора, Арммада во Србија и Светското првенство, кое најверојатно ќе биде во Грузија.
