Фото: Приватна архива

Интервју со Данче Ефтимова, муралист: Најубавите македонски мурали се во Струмица, ова е уметност што бара одврзани раце

Данче Ефтимова речиси девет години ги украсува фасадите на зградите и ужива во уметноста.

Цртањето мурали е уметност што бара одврзани раце, слободен дух, и безбедност, оти не ретко, уметниците качени на импровизирани скелиња и во небезбедни услови, ја раскажуваа својата уметност.

Важиш за една од познатите муралистки кај нас, дали е доволно популарна оваа уметност во Македонија?

– По девет години секојдневна активна работа со оваа професија, на почетокот од мојата кариера обичниот граѓанин муралот го нарекуваше цртеж на ѕид. Денес луѓето, покрај тоа што точно знаат што претставува мурал, имаат и доста убави и креативни идеи.

Имаме ли доволно насликани ѕидови кај нас или сè уште ни треба време да се најдеме во оваа приказна?

– Како и во секоја област кај нас, така и во оваа недостигаат можности. За да се изработи еден надворешен мурал, а тој да биде траен и вреден, во улога се многу фактори, за кои кај нас клиентите не само што не се спремни, туку и ги немаат потребните услови. Сметам дека тоа е пречката зошто кај нас оваа уметност сè уште не достигнала некој пик. Но, сепак, имаме доста убави и многубројни мурали, кои се изработени во краток период, што кажува дека оваа уметност има добар прогрес.

Фото: Приватна архива

Колку е опасна оваа уметност, од причина што често работиш качена на скала, а некогаш е потребно и скеле?

– Една од причините зошто сметам дека оваа уметност кај нас не достигнала некои големи успеси е токму ова. За да се изведе еден мурал на фасада, за димензија над 5 метри висина најважно нешто е уметникот да има целосна слобода додека работи. Сум сведочела и сум имала искуство со импровизирани скелиња, познавам и доста добри сликари, кои само поради желбата да се има искуството со мурал, се ставаат во позиција да работат на многу небезбедни позиции без соодветна опрема, што воопшто не го препорачувам и со текот на годините секогаш инсистирам на сигурност. Нашата уметност е нешто што бара две одврзани раце и слободен ум.

Дали има интерес во Македонија за муралите и дали може да се живее од оваа работа?

– За среќа, интересот е огромен, а имаме и сликари што се фасцинантни во оваа област. Но, за жал, можностите за квалитетна заработка не се големи. Муралист со полно работно време може да си дозволи пристоен живот, но не и вложување и надоградување во техничка опрема, што во светот е лесно да се обезбеди за краток период во оваа област.

Фото: Приватна архива

Од каде ја црпиш инспирација и кој познат муралист ти е омилен?

– Инспирација во последно време не морам да црпам бидејќи оваа работа за мене е секојдневие и ми го одзема целосно моето време, па идеите се создаваат константно. Работни часови кај мене исто така не постојат и секој следен проект е нешто што го размислувам и го создавам како концепт и идеја постојано. Имам многу омилени мурал артисти, но можам да го одвојам Французинот Жулиен Маланд (Julien Malland) како посебен муралист, кој се одвојува по неговите мурали со различни перспективи.

Кога го откри својот талент за цртање и како почна твојата приказна со муралот? Кој е првиот мурал што го нацрта?

– Уметноста ја доживував уште од дете како секојдневен интерес, а првиот мурал го работев во група на мои 9 години. Тоа е еден од моите омилени ѕидови во местото каде што сум порасната. Откога почнав да се занимавам професионално со оваа работа, бидејќи истиот ѕид беше оштетен од забот на времето решивме да го обновиме и е еден од ѕидовите со кои сум емотивно поврзана. Првите ангажмани ми се случија сосема органски. Имав неколку родители што ме побараа да им ги насликам собите на нивните деца, потоа по препорака се случија и следните. Со текот на времето и сосема ненамерно јас станав сликар на ѕидови со полно работно време.

Фото: Приватна архива

Што е потребно за да бидеш муралист? Кога знаеш дека сликата е готова и колку време, па и нерви трошиш додека не го видиш на ѕидот она што си го замислила во главата?

– За да бидеш муралист, дефинитивно се најпотребни храброст и вештина, но и уметникот да ги ужива големите формати, бидејќи задоволството е сепак главната компонента на секоја уметност. За мене еден мурал е готов кога ќе ги задоволам сопствените и очекувањата на клиентот. Бидејќи најголем дел од моите изработки се комерцијални, замислата и идејата е заедничка помеѓу мене и клиентот. Поради тоа најважно е да имаме конкретна слика, скица и замисла за да знаеме што може да се очекува како краен резултат. Додека, пак, самата изведба и нејзиниот тек секогаш се непредвидливи и подложат на различни услови што знае некогаш или да го отежне или да го олесни целиот процес. Но, по толку години искуство како муралист сите тие фактори ми се најчесто очекувани.

Фото: Приватна архива

Која е разликата меѓу муралот и графитите?

– Муралот е слика изработена на ѕид, графитите спаѓаат во истата категорија. Графитите се улична уметност и култура со апсолутна слобода на изведба. Секој графит што подложи на некакви услови за мене влегува во областа на муралите.

Во кој град може да сретнеме најмногу мурали и каде оваа уметност е најценета?

– Во светот во моментов не можам да одвојам каде има најмногу добри и квалитетни мурали, од моето следење секојдневно никнуваат и се работат гигантски мурали низ светот, но кај нас најубавите изработки се во Струмица. Да не ги набројувам уметниците и локациите, но сметам дека секој што не ги видел треба да ги посети.

Данче Ефтимова, една од првите сликари на мурали: Насмевките на децата се неспоредливи со ниедно признание

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот