Фото: Алехандро Лорел

Интервју со Боби Андонов, пејач: Македонија ми е во крвта и сакам повторно да ја претставувам на Евровизија

Боби Андонов е еден од најуспешните Македонци на светската музичка сцена. Роден и израснат во Мелбурн, Австралија, тој веќе две децении гради кариера во меѓународни рамки, соработувајќи со некои од најголемите имиња во поп-индустријата.

Публиката во Македонија го памети како тинејџерот што во 2008 година ја претставуваше земјата на детската Евровизија и го освои петтото место со песната „Прати ми СМС“. Денес, речиси две децении подоцна, Андонов сака повторно да застане под македонското знаме на Евровизија, овој пат како зрел и оформен уметник.

Во разговор за „Слободен печат“, тој ни откри детали за иницијативата, контактот со Македонската радио-телевизија, плановите за враќање во Скопје и што значи за него да пее за својата земја.

Македонската јавност првпат те запозна кога како тинејџер ја изведе песната „Прати ми СМС“ на детската Евровизија и го освои високото 5. место. Како се сеќаваш на тие моменти? Што значеше за тебе, тогаш како младо момче, да го носиш македонското знаме на меѓународна сцена?

– Тој момент ми го смени животот. Бев само дете, но веднаш почувствував колку е значајно да ги претставуваш своите корени и народот на глобална сцена. Настапот на детската Евровизија го доживеав како да ги носам сите надежи од дома. И ден-денес станувам емотивен кога ќе се потсетам. Тоа искуство ми даде насока и смисла во многу рана возраст.

Поминаа речиси две децении, а ти повторно ја насочуваш својата енергија кон Евровизија, сега како зрел уметник со меѓународна кариера. Од каде дојде желбата повторно да ја претставуваш Македонија?

– Таа желба отсекогаш постоеше. Без разлика каде ме водеше музиката, дали во Америка, Австралија или Европа, никогаш не сум го заборавил мојот дом. Македонија ми е во крвта. Како уметник пораснав многу и сега се чувствувам подготвен да донесам нешто силно назад во земјата што ме израсна. Евровизија ми делува како совршена можност да се поврзам со народот и да дадам нешто вредно.

Откри дека си во контакт со МРТ и дека планираш враќање во Македонија на почетокот од следната година. Тоа значи ли дека си подготвен за сериозен чекор?

– Апсолутно. Ова не е само сон, туку нешто што одамна го планирам и сериозно размислувам за него. Разговарав со МРТ и ја изразив својата желба, а се подготвувам и за враќање во Македонија на почетокот од следната година. Доколку земјата одлучи да учествува, ќе бидам целосно посветен. Сакам да го дадам целото свое срце.

Каква песна замислуваш како претставничка на Македонија? Би одел со својот препознатлив современ, темен поп-звук или би внел и македонски елементи за поавтентично претставување?

– Мислам дека постои убава рамнотежа. Би сакал да создадам песна што го одразува мојот уметнички стил (филмски, емотивен и храбар), но во исто време визуелно и звучно да вклучи македонски елементи кои ќе ја прикажат нашата култура. Песната треба да звучи глобално, но во основата да биде лична и автентична.

Фото: Едвард Кук

Македонија не учествуваше на последните неколку изданија на Евровизија. Зошто мислиш дека е важно да се вратиме и што би добила државата со вложување во силен и автентичен настап?

– Имаме многу талент и културно богатство што заслужува да се претстави. Кога една земја гордо ги промовира своите уметници, се создава поврзаност, видливост и дури и економски можности. Евровизија не е само натпревар, туку прослава на идентитетот. Ако се вратиме со срце и искрена намера, можеме да ја разбудиме националната гордост и да ги инспирираме идните генерации уметници.

Зад себе имаш искуства што ретко кој млад уметник ги има – од работа со продуценти поврзани со Витни Хјустон и Халзи, до песна со Доџа Кет, која иако не беше објавена, покажува колку си стигнал далеку. Што ти донесоа тие моменти и како те обликуваа како артист?

– Тие искуства ме научија многу, не само за музиката, туку и за дисциплината, трпението и тоа да останеш верен на својата визија. Работата со големи имиња ми покажа колку високо може да се постави летвичката. И самата можност да создадам песна со Доџа Кет ми даде самодоверба дека припаѓам таму. Сето тоа ме обликува како уметник – независен, приземјен и сè уште гладен за раст.

Фото: Сулејман Енајацада

Како дете настапуваше со Тоше Проески, човек што остави голема трага во македонската музика. Како го паметиш тој момент? Колку ти беше идол во тие години?

– Тоше беше и останува мој херој. Никогаш нема да го заборавам тој момент на сцена со него. Имаше силно присуство, но уште поголемо срце. Од него научив што значи да водиш со љубов, да ја даваш целата енергија на публиката и да останеш скромен без разлика колку далеку ќе стигнеш. Тој ми беше огромна инспирација и неговиот дух сè уште го носам во себе.

Неодамна ја објави својата верзија на песната „Јовано, Јованке“. Што те привлече токму кон неа и кои други македонски песни ти се омилени за изведба?

– „Јовано, Јованке“ отсекогаш имала посебно место во мојот живот. Таа е многу емотивна, душевна и убаво напишана. Се чувствував повикан да ѝ дадам ново звучење, со целосна почит кон оригиналот. Додека работев во Шведска, ја пуштив на еден познат продуцент и тој веднаш се заљуби во неа. Тоа ми покажа колку е силна македонската музика, дури и за оние што не ја разбираат нашата култура. Многу ја сакам и „Зајди, зајди“. Фолклорот ни е безвременски и исполнет со емоции што се пренесуваат со генерации.

Ја следиш ли македонската музичка сцена денес? Има ли уметници со кои би сакал да соработуваш?

– Да, се трудам да останам во тек кога имам можност. Во Македонија има многу неоткриен талент и сум отворен да запознаам и соработувам со нови артисти. За мене е важно да постои уметничка хемија и заедничка визија. Ако тоа постои, апсолутно би сакал да работиме заедно.

И за крај, што би ѝ порачал на македонската публика што те поддржува од самите почетоци?

– Од срце ви благодарам. Бевте со мене уште од самиот почеток и таа љубов ја носам со себе, без разлика каде се наоѓам во светот. Секогаш сум горд што сум Македонец и со нетрпение ја очекувам можноста да ја споделам новата фаза од мојот живот со сите вас. Се враќам дома многу брзо.

Сите досегашни македонски претставници на Евровизија: „Proud“ нѐ направи горди, а цела Европа танцуваше на „Нинанајна“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот