Фото: Приватна архива

Интервју со Благица Павловска: Не земам пензија, но повеќе одморам отколку што пеам

Иако нема пензија, вели дека сега може да си дозволи повеќе да одмора, а помалку да пее. Редовно настапува во еден локал во Скопје и внимателно избира на кои фестивали ќе настапува.

Една од најголемите ѕвезди во фолк музиката, Благица Павловска, по долги години настапи, сега живее мирен живот. Иако нема пензија, вели дека сега може да си дозволи повеќе да одмора, а помалку да пее. Редовно настапува во еден локал во Скопје и внимателно избира на кои фестивали ќе настапува.

Павловска има два брака зад себе, во моментов нема партнер, а најмногу се релаксира со своите домашни миленици и е активистка за заштита на животните. Со Благица разговаравме по нејзиниот настап на фестивалот „Охрид фест“.

Повеќето од Вашите колеги кои се искусни пејачи не одат на фестивали каде што се доделуваат награди. Вие уште настапувате на фестивалите, како ги гледате сега во однос на порано?

– Не одам веќе на сите фестивали, одам само таму каде што чувствувам дека припаѓам. Сега не се тие фестивали што беа, порано беше многу поиинтересно. Сега има млади пејачи кои сакаат да се промовираат и да постигнат успех во својата кариера. А јас стандардно сакам да одам кога имам некоја добра песна, поубаво ми е да ја испеам на фестивал.

Фото: Приватна архива

Имаше доста дискусии на социјалните мрежи откако Вашиот колега Спасен Силјановски го искритикува градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев дека на манифестацијата „Тиквешки гроздобер“ главни ѕвезди беа пејачи од Србија. Каков е Вашиот став?

– Не би сакала да повредам никого, зашто за мене сите колеги се исти. Некој е можеби попопуларен затоа што доаѓа од Србија. Таму е друг начин на функционирање, друга е сцената, друго е сѐ. Ние сме тука некако отфрлени од тој респект во плаќањето. Како да не нѐ плаќаат со задоволство за да настапуваме некаде. А, за сите има место и простор за да настапиме. За себе би кажала дека имам што да пеам затоа што имам хитови. Мислам на тие манифестациии кои се во организација на градоначалници. Не знам од кои причини тие одлучуваат да е така, меѓутоа, таа музика ја слушаме сите ние. На пример, Харис Џиновиќ е многу популарен. Не би сакала никако да деградирам или да „фрлам“ со камења по никого. На крајот на краиштата така е како што е. Ако поединечно се побуниме, а не сите заедно, нема ефект. Тие нас треба да нѐ имаат како постојани пејачи, а гостин од Србија ако земат, нека земат.

Фото: Приватна архива

Велите дека нашите пејачи не се платени како што треба. Можете ли Вие пристојно да живеете и што правите кога не настапувате?

– Не се форсирам премногу. Повеќе одмарам отколку што работам, уживам со моите миленици. Затоа што од лично искуство, со години наназад, јас имам доста големо искуство, долг период кога сум работела активно во кафаена и сум била насекаде. Тоа време било многу подобро од сега, и можам да се пофалам дека сум работела во тоа време, во времето на Југославија, јас сум југословенско дете. Сега настапувам во еден ресторан во Дебар маало, поточно една куќа. Местото го држи една млада жена и имаме некоја заедничка енергија и феноменално ми е таму. Јас поубаво не сум се чувствувала. Треба да дојдете и да видите како тоа изгледа. Јас пеам еден час и половина, на плејбек. Но, пеам заедно со плејбекот. Гостите што доаѓаат се млади, јас сум можеби највозрасна таму, но многу ме сакаат. Ја чувствувам таа љубов. Драго ми е што најдов место каде што можам да се искажам со песна, а воедно да бидам сакана.

Фото: Приватна архива

Какви беа кафеаните во времето на Југославија во споредба со денес?

– Кафеаните беа различни во тоа време, тогаш и луѓето знаеја да уживаат. Сега сѐ повеќе владее лошото и љубомората. Тоагаш луѓето релаксирано се однесуваа во ресторан. Сега, на пример, не може секој да си дозволи да оди во кафеана. Кафеаната е нешто посебно.

Земате ли пензија?

– Немам пензија, но очекувам нешто многу големо. Се надевам ќе даде Господ да се оствари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот