
ИНТЕРВЈУ | Петар Ренџов: Скокнав од бродска палуба за да си ја спасам гитарата
Кога љубовта кон музиката ќе прерасне во животна определба и начин на живот, тогаш со сигурност се препознаваат вистинските, оние ретките претставници на нејзината движечка сила. Еден од тие е Петар Ренџов, наш познат гитарист, композитор и аранжер, кој е еден од ретките, кои сѐ уште живеат за и од музиката. Во пресрет на неговиот концерт насловен „Петар Ренџов и пријателите“, закажан за 11 декември (понеделник) во Кино „Фросина“, тој за „Слободен печат“ зборуваше за својот приватен и професионален пат, од самите почетоци, преку сите успеси кои го изградиле во исклучителен музичар, кој се бори да постави вистински вредности за сегашните и идни генерации.
Препорачано
-
1
-
2
-
3

Вие сте музичар кој речиси целиот живот го посветил на музиката и сѐ уште сте активен и како автор и како изведувач. Веројатно музичките влијанија со кои сте растеле, Ве граделе и Ве градат до сега. Кои музичари од светската, па и нашата музичка сцена оставиле најсилен впечаток кај Вас?
– Точно е дека целиот живот сум ѝ го посветил на музиката, и дека со неа и од неа живеам. Веројатно, нема музичар во Македонија од возрасната генерација со кого не сум свирел, го чувствувам овој исказ како тотална привилегија, зашто во музиката енергиите помеѓу музичарите се надополнуваат. Во мојата градба како гитарист, па и како личност најголемо влијание имаше д-р Методи Чепреганов, невропсихијатар застапен во француската медицинска енциклопедија како врвен стручњак, претседател на скијачкиот сојуз на некогашна Југославија, познавач на неколку светски јазици, но и пасиониран познавач на џез-музиката и врвен гитарист. Тој ме воведе во светот на џезот уште кога имав 10 години. Доаѓаше секоја вечер кај нас дома да свириме. Преку него ги запознав најголемите светски имиња на гитарата како што се Џорџ Бенсон, Џанго Рајнхард, Џо Пас и други, од кои повеќето беа во Скопје со свои концерти и сите тие имаа влијание на мојата стекната наобразба и духовна зрелост, на оптимизмот и инспирацијата што постојано ме држеа мотивиран. Постои еден легендарен гитарист од кого првпат на плоча слушнав што е тоа блуз, правец во музиката од кој подоцна потекнува целата рокенрол ера, тоа е БиБи Кинг, Афроамериканец, кој светот воодушевено го стави на пиедестал како највлијателен музичар, а списанието „Ролинг стоун“ го стави на шестото место меѓу највлијателните 100 гитаристи на сите времиња. Во 1997 имаше концерт во Универзалната сала во рамките на „Скопскиот џез-фестивал“, имав можност да му направам интервју, да свирам со него и да ми се потпише на мојата гитара, која патем е иста марка и модел како и неговата. Од македонските музичари не знам кого попрво да го издвојам, Вања Лазарова, Игор Атанасовски, Мики Јовановски-Џафер, Сашо Гигов-Гиш, Тоше Поп Симонов, Бодан Арсовски, Мартин Ѓаконовски, Гоце Димитровски и други…
Авторскиот израз карактеристичен за Вашата музика некако е најблизок до блуз и џез-музиката. Дали имате омилен стил/правец/жанр што Ве дефинира како автор?
– Некако природно се наметна македонската народна песна да биде основата на мојата авторска креација, зашто со неа сум растел. На прв поглед гитаристичката експресија ме оддава дека преку стекнатиот, односно аквириран дел на мојата духовност, припаѓам на блуз и џез-музиката, очекувано е во тој правец да се движи и мојата авторска намера, но кога и да погледнам длабоко во себе, народната песна е таа што јас ја чувствувам и ѝ се радувам. Едноставно е, не можам да бидам Џими Хендрикс, ниту Френк Гамбале, кој е врзан за разнородниот хармонски модален систем и свири сензационално, но можам да бидам Пеце Атанасовски, Никола Бадев, Јонче Христовски или Гоце Димовски, зошто имаме иста ментална генетика или колективна меморија.
Значи, сепак традицијата ме создава како автор, иако понекогаш ѝ пркосам за да не владее со мене до тоталитаризам. Мојата намера е да ѝ допуштам на имагинацијата да ја надополни народната музика со искуствено стекнатата светска музика. Така се направени моите авторски песни, кои се наоѓаат на првите два солистички албуми „Сонот на невестата“ од 2005 и „Темјаника“ од 2009. Со годините, односно со созревањето дојдов до еден реверзибилен процес, да преку сопственото авторско дело почнам да се запознавам себе. Овој парадокс е запишан уште во најраните списи на филозофите Платон, Сократ, во Сумерските и Вавилонските записи каде се вели „Не се познавам себеси а се претставувам пред луѓето“. Затоа е многу важно уметникот да се открива себеси и да ја запознава својата душа со позитивната и негативната страна на неговата креативна личност. Само на овој начин можеме човечки и творечки да растеме, да се дефинираме како автори и да создаваме вистински вредности за сегашните и идни генерации.

Ако направите ретроспектива на својата кариера, дали има периоди кога се двоумевте дали вреди да се биде музичар во Македонија?
– Илустриран дел од мојот живот можеби ќе помогне да бидам сфатен. Јули, 15 часот, 35 степени Целзиусови, Сонцето пржи, во центарот на Скопје на шеталиштето покрај кејот на Вардар има по некој забрзан минувач, сред недела во работен ден. На рамото сум ставил звучник околу 1 метар висок, половина метро широк, тежок околу 40 килограми, го држам со едната рака, а со другата носам торба полна со кабли, микрофони. Одам веќе стотина метри. Треба да свириме во „Кубанскиот клуб“ во ГТЦ. Спроти мене проаѓа човек кого не го познавам и вика силно од вчудовиденост: „Пепи што правиш, нормален ли си? Среќа што не останав музичар вака да се измачувам на жештините“. Бев задишан, изустив колку што можев да изустам, му реков: „Другарче, ти не си ја сакал доволно музиката за сега да се печеш на сонцето“ и гордо и одважно поминав покрај него. Морав себеси да си признаам дека човекот има право, ама зарем срцето ќе ми дозволеше да ја прескокнам вечерашната свирка.
Двоумење постоеше многу ретко, зашто секогаш некаде далеку во мојата меморија се појавува отсјај од слики од настапи пред 30-илјадна публика, други слики во кои целата публика плаче од звукот на гитарата, бродска палуба од која скокам во морето за да си ја спасам гитарата, концерт во кој се изразувам себеси… Сигурно дека секој човек има моменти на разочарување, борба со самиот себе, се прашува дали треба да се истрае… јас успеав и не се каам. Македонскиот поет ги искажал следниве стихови: Штедра светлина, лудо пулсирање, песната? Колку восхит, толку умирање.
Што е за Вас лично најголемиот успех во кариерата до сега?
– Размислувајќи како да ви одговорам на ова прашање, се спотнав себе да си го објаснам и да размислувам за поимот успех. Дали е тоа нешто што публиката може и треба да го види или е нешто сосема лично кое би можел да го оддвојам од чувствата и да ви го приложам. Успехот за мене е метафизичка компонента, која не е константна и зависи од духовната рамнотежа на уметникот. Бев присутен на концертот на светски познатиот трубач Душко Гојкович, кога на сцената излезе деканот на факултетот за музички науки и уметност „Гоце Делчев“ од Штип, му префрли „Тога“ прку рамото и го прогласи за почесен доктор на науки. Тој ја прими честа рамнодушно и кратко изусти: „Зарем сега треба да се чувствувам како ‘доктор’?“. Квалитативниот капацитет на уметникот кој лично го поседува е различен кај секоја единка, зависи исклучиво од која гледна точка го посматраме успехот. За мене лично, не е поголем успех тоа што сум свирел на иста сцена со „Ајрон Мејден“ на концерт на белградскиот „Хиподром“ 1982 пред 40.000 публика, од тоа што сум ги научил хармонските решенија и сум изградил сопствен стил на свирење на гитара. Сигурно е дека и концертот „Македонски музички сонети“ го чувствувам како свој попатен успех.

Со оглед на новите трендови во музиката и свежата енергија на новите генерации, да се остане во чекор со времето не е едноставно. Дали пратите трендови и колку е тешко да се задоволи „вкусот“ на публиката?
– Новите трендови? Кои се тие? Што е тоа? „Трендот“ би требало да биде квалитативна појава, да трае толку долго, за да го исполни животот на обичниот човек со содржина, да предизвика емоции, преку естетика да формира духовност и обединетост помеѓу луѓето во едно општество. Денеска трендот трае прекратко за да ја постигне целта да биде влијателна алатка. Попрво би рекол дека денес е тренд да нема „тренд“. Самите корпорации кои го пласираат трендот побрзуваат да создадат нов тренд, кој ко потиснува претходниот. Така е и во музиката. Трендот воопшто не му дозволува на квалитетот да исплива на површината. Новите генерации се збунети од брзината и од напливот на медиумски притисоци, кои не им дозволуваат да бидат донесени до фаза да можат да одберат каде ќе припаѓаат. Вкусот на публиката во едно општество се обликува со перманентно потиснување на неквалитетот со квалитет. Тоа во Хрватска и Грција успеваат да го спроведат, но во Македонија тој систем не функционира. Оставени сме поединечно да почитуваме наметнати, невкусни „вкусови“. Затоа јас одбивам да бидам дел од „мејнстримот“ и припаѓам на музичката алтернатива.
Најавениот концерт во Кино „Фросина“ е насловен „Петар Ренџов и пријателите“. Кои се пријателите? Можете ли да ни откриете кој сѐ ќе гостува на концертот?
– Ако погледнете 20 години наназад, соработувам со истите мои драги и блиски пријатели-музичари. За да се дели енергијата на сцената со некој, треба одлично да се познавате и „читате“ во намерите, динамиката, експресијата, затоа најдобрите џез музичари имаат свои постави со кои настапуваат децении. И кога ќе ги спомнете Џон Скофилд, Пет Метини, Кит Џерет, сите тие имаат свое трио или квартет. На моите авторски концерти се секогаш присутни Дионис Стратров – Бас, мојот брат Павел Ренџов на тапани и Арсо Јаневски од „Тумбао салса бенд“ на перкусии.
Специјални гости ќе бидат вокалистoт, музичар, поет, сликар, Сашо Гигов-Гиш, како и долгогодишната соработничка со ангелски глас, Ивана Стојановска. Останатите мои прекрасни соработници се навистина пријателите со кои јас секојдневно свирам и настапувам, Никола Аврамовски – виолина, Зоран Чагоровски – клавијатура и глас, Кирил Кузманов – саксофон, Сашко Николовски – тромбон и Сенад Усеин – труба.
