ИНТЕРВЈУ| Марко Бислимоски: Енергија од топланите Исток и Запад треба да ја замениме со поевтина

Потреба од топлинска енергија има сè повеќе. Во Скопје има развиена дистрибутивна мрежа, а постојано се градат нови станови. Топлинската енергија од топланите Исток и Запад е скапа и треба постепено да ја замениме со когенеративно производство. Затоа, ја подржувам изградбата на гасната централа на „Митилинеос“ што ќе продава топлинска енергија по истата формула како и „ТЕ-ТО“.

Гасната централа на „Митилинеос“ треба да обезбеди нова количина на електрична енергија, но и дополнително количество топлинска енергија. Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски вели дека имаме потреба од оваа количина и објаснува дека „Митилинеос“ нема да го истисне производството на „ТЕ-ТО“ туку напротив ќе го надополни. Во моментов од „ТЕ-ТО“ се добива околу 60 проценти од топлинската енергија, но таа е приватна компанија што одлучува кога ќе произведува струја и топлинска енергија, па имало примери кога во сред зима си носи комерцијална одлука за драстично намалување на производството. Топланите Исток и Запад произведуваат топлинска енергија по стара технологија и затоа цената е многу повисока. Топлинската енергија од „Митилинеос“ треба да биде најмалку 40 проценти поевтина од нивната, односно таа ќе се изедначи со цената од „ТЕ-ТО“.

 Кој е вашиот став за новата гасна централа што треба да ја гради грчки „Митилинеос“ и за соларниот парк, инвестиција на француската „Акио“?

– Секогаш поддржувам инвестиции во енергетскиот сектор, а енергетската криза покажа колку биле важни. Владата во тоа време за субвенционирање на домаќинствата и стопанството даде околу 400 милиони евра. Тие пари се потрошени за гаснење пожар, а додадена вредност нема. Со тие пари можеле да се направат гасни електрани.
Во однос на најавените стратешки инвестиции, во јавноста се крена голема врева и се презентираа разни податоци, голем дел неточни. Факт е дека „Стипион“ и „Митилинеос“ произведената електрична и топлинска енергија имаа обврска да ја даваат на ЕСМ. Притоа, топлинската електрична енергија треба 40 проценти да биде поевтина отколку онаа на топланите во Скопје. Второ, топлинската енергија од „Митилинеос“ ќе оди на централната градска мрежа, а не на малата мрежа во Железара, како што се доведува во заблуда јавноста. Дополнително, не треба да се плашиме од ново производство на топлинска енергија, туку треба да ја прифатиме. Пред сè, во Скопје, каде што има развиена дистрибутивна мрежа имаме голем потенцијал на домаќинства кои би се грееле на топлинска енергија. Сега, во Скопје на топлинска енергија се греат околу 60.000 домаќинства, а на електрична енергија се близу 300.000. Апсолутно, најисплатливо е таму каде што има згради да се направи систем за топлинска енергија. Имаме потенцијал од 200 до 300 мегавати од домаќинствата што се греат на електрична енергија да преминат на топлинска, бидејќи ќе им се понуди поевтина цена за топлинска енергија, најмалку 40 проценти.

Во јавноста има една забуна што би сакала да ја расчистиме. Дали новата гасна централа значи дополнителен капацитет во однос на гасната централа ТЕ-ТО, или пак, планот е истиснување на ТЕ-ТО?

– ТЕ-ТО нема да се истисне. ТЕ-ТО и „Митилинеос“ ќе продаваат топлинска енергија по методологија што ја донесе Регулаторната комисија за енергетика. Тоа што важи за ТЕ-ТО ќе важи и за „Митилинеос“. Сега во моментов, цената на ТЕ-ТО што би важеле за „Митилинеос“ е 2,4 денари за киловат-час, а цената на топланите Исток и Запад е 5,3 денари. Топланите Исток и Запад сега ги раководи ЕСМ, а тие се многу понеефикасни од когенеративните топлани и затоа нивната цена е повисока. Во моментов 60-ина проценти доаѓа од ТЕ-ТО, но тој процент е различен. Ние инсистираме што е можно повеќе енергија да доаѓа од ТЕ-ТО. Исток и Запад сега мора да работат, но е потребно што е можно повеќе да ги заминуваме со когенеративно производство. Ние имаме огромен „базен“ на домаќинства кои треба да ги натераме со поевтина цена да се приклучат на топлинска енергија. Ако ослободиме 200 до 300 мегавати електрична енергија, ЕСМ ќе ја продава на слободниот пазар и ќе заработува повеќе.

Што мислите за условите што се даваат за „Митилинеос“, па и за другите централи што ги градат странците? Дали како држава им овозможуваме преголеми поволности.

– Јавно предлагам, истите услови, истата формула што важи и за „Митилинеос“, да важи за македонски компании, а и за нашата државна ЕСМ ако сака да гради. Јас ќе побарам и средба со Стопанската комора за да се договориме – каде ни требаат когенеративни постројки, колку треба да поставиме дополнителен капацитет. Само за две години ние имаме 5.000 нови станбени објекти што се приклучени на системот на топлинска енергија. Потоа, топлинска енергија може да се даде на некои индустриски капацитети што имаат потреба. Може да се даде на земјоделски капацитети за раноградинарско производство, каде што се греат на дрва или мазут, па прават загадување. Значи, има потреба од дополнителен капаците.
Во однос на инвестициски проект „Соларен парк Стипион“ што ќе го гради „Акуа енерџи“, предвидена е продажба на енергијата по цена од 55 евра за мегават и плус едно евра треба да се дава на општините Штип и Свети Николе. Истите услови што важат за „Акуа“ предлагам ЕСМ да ги им даде на оние што веќе имаат направено фотоволтаици и ако се согласат, тогаш да потпишат долгогодишен договор.
Доаѓаат две реномирани компании што се појавуваат и на сериозни берзи во светот. Да дадеме можност во Македонија да има нови инвестиции.

Кои се Вашите сознанија, до каде е долгонајавуваниот процес на гасификација на државата?

– Тоа не е во надлежност на Регулаторната комисија, но моите сознанија се дека главните магистрални гасоводи се градат и се при крај. Тие веќе поминуваат покрај Кавадарци, Прилеп, Битола. Во однос на дистрибутивната мрежа, би требало најдоцна за еден месец да се знае кој ќе биде понудувач на тендерот и дали воопшто ќе има понудувач.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот