
ИНТЕРВЈУ| Коста Костадиновски, инвестициски советник: Многу често на берзите се јавуваат можности што треба да се искористат
Минатата година заврши со натпросечни, високи двоцифрени приноси. Меѓутоа, реално е да се гледаат подолгорочни просеци, на пример просеци од 10 години или 15-годишни, а тие се движат некаде од 8 до 12 проценти годишно. Притоа, клиентите што вложуваат во акции треба да бидат подготвени дека може да се случи некоја година да нема принос или да има негативен принос на средства, односно загуба. Низ годините приносите се упросечуваат.
На почетокот на август бевме сведоци на берзанските случувања што се споредуваа со Црн понеделник кога се случи и падот на јапонската берза од над 12 проценти. Нашата берза, традиционално, реагира поблаго на глобалните случувања. Но, покрај на нашата берза, многу граѓани ги вложуваат своите пари на странските пазари и во странски компании.
Коста Костадиновски, инвестициски советник, основач и директор на „Капитал ассет менаџмент“ вели дека кога се зборува за вложување во акции, треба да се размислува за подолгорочно вложување и дека просечните годишни приноси се движат од 8 до 12 проценти во периоди од 10-15 години. Притоа, објаснува дека вложувачите треба да бидат подготвени некогаш да видат и негативен принос, но дека со долгорочно вложување приносот се упросечува.
Препорачано
Дали инвеститорите заздравија од падот на берзите на почетокот од минатиот месец и што може сега да очекуваме од глобалните пазари?
– Таа криза што се појави како последица на зголемувањето на каматните стапки, иницирано од подигнувањето на каматните стапки од страна на Централната банка во Јапонија, траеше релативно кратко. Влијанието во Македонија беше релативно мало во однос на падот на цените, но најмногу се одрази на неликвидноста на македонскиот пазар, немаше купувачи и на брзата не можеа да се случат трансакции. Поради нервозата што се создаде, на продажната страна имаше голема понуда, луѓето беа подготвени да продаваат по пониски цени.
Глобално, состојбата се смири, но и денеска на пазарот може да се почувствува нервоза, која се забележува во индикаторите на американскиот пазар, пред сè, преку намалувањето на економијата во САД и потенцијалната рецесија, која не верувам дека ќе се случи. Дополнително во таа економија се забележуваат негативни движења во однос на вработеноста, но Централната банка на Америка најави дека на следниот состанок ќе има намалување на каматните стапки, што ќе делува олеснувачки за економијата и за берзите.
Инфлацијата што требаше да се намали со претходното зголемување на каматните стапки, горе-долу е под контрола, во прифатливи рамки. Имајќи ги предвид геополитичките случувања, не е неверојатно инфлацијата повторно да излезе од контрола. Во тој случај централните банки не би можеле да ја разлабават монетарната политика и тогаш би имале подолготрајни економски тешкотии, со низок економски раст, повисока невработеност и инфлација.
Моето субјективно мислење е дека во наредните три до шест месеци ќе имаме турбулентен период. Ефектите од најавеното намалување на каматните стапки може да се очекуваат за некои 6 месеци и ако се стабилизира инфлацијата, би имале едно релаксирање во економијата и подобри резултати од компаниите.
Иако зборувам за американската економија, преносно, истата аргументација е и за европската, односно за целата западна економија каде што сме присутни.
Традиционално, македонските граѓани главно се свртени кон штедењето во банки кога имаат слободни пари, независно од тамошните камати. Дали тоа се менува и со каков интензитет?
– Во изминативе години постои значајно поместување. Пазарот доста се разви со нови чинители – инвестициски фондови, друштва за управување на портфолија на индивидуални клиенти како што е нашево, се отвори просторот за купување акции во странство. Сето тоа создаде клима луѓето да пробуваат алтернативни начини на штедење, а тука е и испорачувањето резултати што се многу над приносите во банките, односно зборувам за двоцифрени капитални добивки, за дивиденди и приноси неколкукратно поголеми од каматните стапки во банките. Особено е исплатливо за долгорочните средства. Кога е за пократкорочни потреби, во принцип, не советуваме вложување во акции, меѓутоа кога се зборува за подолги рокови, тогаш, дефинитивно, акциите ќе создадат голема разлика во однос на вложените пари. Не е исто дали ќе вложите пари во некоја банка со рок од 10 години или ќе купите акции од истата банка. Во таков период само наплатените дивиденди ќе направат значајни разлики, а згора на тоа може да се очекува и значителна капиталната добивка.
Колкав е просечниот принос од парите што вие ги управувате?
– Минатата година, а и оваа, се години со натпросечни, високи двоцифрени приноси. Меѓутоа, реално е да се гледаат подолгорочни просеци, на пример просеци од 10 години или 15-годишни, а тие се движат некаде од 8 до 12 проценти годишно. Притоа, клиентите што вложуваат во акции треба да бидат подготвени дека може да се случи некоја година да нема принос или да има негативен принос на средства, односно загуба. Низ годините приносите се упросечуваат.
Најдобрите резултати ги постигнуваме кај клиенти што вложуваат долгорочно и кои вложуваат во континуитет, следејќи ги нашите препораки за вложување. Многу често на пазарот се јавуваат можности што треба да се искористат.
Во моментов кој сектор е најпривлечен за вложување?
– Во овој период на очекувања, можеби и на забавувања на економијата, би требало да бидеме надвор од цикличните бизниси што се осетливи на побарувачката. Автомобилската индустрија, на пример, веќе антиципира некои идни движења во економијата, така цените на некои компании веќе значајно се намалуваат извесен период. Тука може да имаме некоја добра можност за вложувања за остварување добри резултати во иднина. Со намалувањето на каматните стапки, ќе се стимулира потрошувачката.
Фармацијата, пак, не трпи промени во зависност од економијата, затоа што со неа не се врзува консумацијата на лековите. Тој сектор, значи, е некој што пружа поголема стабилност во вакви периоди.
Нашата филозофија е да купиме вредни акции по најдобра можна цена.