
ИНТЕРВЈУ | Коста Костадиновски, директор на „Capital Asset Management“: Најинтересни пазари и сектори за инвестиции во 2023
1. Каква економија очекувате следната година, се поизвесно е дека глобално пазарите повторно ќе се соочат со рецесија?
Очекувам следната година да биде турбулентна, со тоа што некои држави можно е да влезат во рецесија. Од друга страна, очекувам берзански позитивна година, затоа што берзите веќе антиципираат решавање на кризата. Што се однесува до инфлацијата, ќе видиме значително намалување, проследено со низок раст на БДП (или во некои периоди и негативен) и реакција од централните банки во насока на менување на политиката од затегнување на економската активност во нејзиното стимулирање, особено во втората половина на 2023. Со сигурност ќе има забавување на растот на референтните каматни стапки од страна на централните банки. Лично мислам дека во втората половина на 2023 ќе видиме и нивно намалување.
Препорачано
2. Кои се прогнозите за 2023 година, како да се подготват инвеститорите за да извлечат полза?
Движењето на цените на акциите на берзата секогаш е предвесник на движењето во реалната економија. Тоа, едноставно кажано, значи дека во денешните цени на акциите на светските берзи е вградена мала до средно тешка рецесија, што допрва ќе ја видиме во реалната економија. Затоа инвеститорите кои имаат парични средства треба да ги вложат во акции сега, кога имаме поволни цени за да остварат капитална добивка, како што постепено ќе излегуваме од кризата.
3. Што им советувате на вашите клиенти – кои сектори очекувате да бидат најинтересни следната година?
Најинтересни ќе бидат дефанзивните сектори – тоа се сектори без кои не можат потрошувачите, како што се фармација, храна, енергија и слично. Во суштина, нашите клиенти имаат личен портфолио менаџер, кој врз основа на детална анализа на компаниите, во нивно име прави избор на акции кои ги купува за нивното портфолио. Така клиентите во суштина ја пренесуваат одлуката за избор на акции во своето портфолио на професионалци, што значи дека во нивно име одлучуваме кои акции ќе им ги купиме и генерално, средствата ги вложуваме во акции на стратешки добро поставени компании, кои испорачуваат добри профити и се во позиција да остварат иден раст, без разлика во кој економски сектор делуваат.
4. Може ли да издвоите некои компании кои треба да се избегнуваат во период на економска криза или рецесија?
Се разбира, најважно од сé е во каква кондиција е компанијата чии акции ги купува инвеститорот, односно какви резултати испорачува. Во оваа ситуација на зголемени каматни стапки во поголеми проблеми може да влезат компании коишто имаат повисоки нивоа на задолженост. Треба да се избегнува вложување во такви компании затоа што повисоките каматни стапки значат повисока цена на отплата на долгот и потенцијално сериозни проблеми во исплатата.
5. Колку високата стапка на инфлација кај нас влијае на постапките на инвеститорите, односно се плашат ли да инвестираат или бараат шанса повеќе за да ги вложат парите кои со секој поминат ден губат вредност?
Парите губат вредност во услови на инфлација и затоа, посебно во ваква ситуација, треба да се вложат во вистински, реални вредности, како што се акциите. Вредноста на акциите се изразува во пари, а во суштина тие се реална вредност на се што поседува компанијата. Генерално, инвеститорите се воздржани во моментот, т.е. се плашат да вложуваат во акции поведени од емоции. Разумот или рационалниот пристап вели дека токму сега е прилика да се купува акции од добри компании по многу поволни цени. Исто така, има многу граѓани кои бараат шанса, а не сакаат да преземат ризик. Моменталната состојба е најсоодветна за преземање ризик посебно ако се купуваат акции на добри и здрави компании, кои со сигурност ќе ја пребродат и оваа криза.
6. На домашниот пазар каде препорачувате да се инвестира?
Во компании кои прават добивка, исплаќаат дивиденда и имаат атрактивни валуации, односно позитивно се вреднувани.
7. Кога некој може да почне да инвестира? Односно кога се распоредува заштедата, според вас, колку треба да се задржи на сметка (два месечни – петмесечни трошоци), и после кој износ да се размислува на инвестиции?
Процентот на вложени средства во акции од заштедените пари најмногу би требало да зависи од возраста на инвеститорите. Колку инвеститорот е помлад толку треба да е повисок процентот на заштеди вложени во акции. Но секогаш, во нормална пракса, би требало да имаат буџет на ликвидни средства. Средства кои се на сметка или во паричен фонд во износ од три до шест месечни лични или семејни приходи.
8. Дали советувате да продаваат во овие економски услови? На пример, дали да се намали инвестицијата во акции, а да се зголеми во обврзници и слично?
Оваа криза е уникатна и по тоа што, истовремено, значително паднаа и вредностите на обврзниците. За поконзервативните инвеститори и тоа е добра опција денес, во услови кога обврзниците се со добра камата и во услови кога се стабилизира инфлацијата. Лично преферирам вложување во акции.
9. Ако се инвестира денес, кога може да се очекуваат приходи?
Вообичаено, добивката од вложување во акции се ефектуира на два начини. Едниот е преку зголемување на цената на акцијата, купена на пониска и продадена на повисока цена. Тоа, во нашиот речник, се нарекува остварување капитална добивка. Другиот е преку исплата на дивиденда, која компаниите вообичаено ја исплаќаат еднаш годишно. Уште еднаш ќе потенцирам дека овој период е исклучително поволен да се купат акции на ниска цена, со што ќе се оствари поголем дивиденден принос и потенцијално повисока капитална добивка.