Израелски тенкови / Фото: EPA/EFE

Интерен извештај на израелската армија говори дека е неуспешна последната операција во Газа

Внатрешен извештај на израелската војска покажа дека агресијата на земјата против Палестинците во Газа, која траеше од мај до август, не ги постигна своите главни цели. Извештајот, објавен од израелските медиуми, кој се чини дека е лошо осмислен ПР на израелската армија, оценува дека Тел Авив направил секоја можна грешка во „операцијата“. Воените претставници официјално ги негираат сите обвинувања во извештајот.

Дел од извештајот првично беше објавен од израелскиот Канал 12, а го презедоа и други локални медиуми, пренесува Н1.

Во овој извештај се заклучува дека „Операцијата Гидеонова кочија“, како што Израел ја нарекува агресијата и геноцидната војна против Палестинците, од мај до август оваа година, не успеа да ги постигне своите главни цели: конечно уништување на Хамас и ослободување на израелските заложници.

ИДФ преставени како хуманитарци во извештајот

Извештајот оценува дека Израел „направил секаква можна грешка во операцијата“. Армијата е обвинета дека дејствувала спротивно на сопствената воена доктрина со „доставување хуманитарна помош на непријателот“. Исто така, се нагласува дека не вршела временски притисок врз непријателот, лошо управувала со сопствените ресурси и на крајот ги исцрпила своите сили, а во исто време привлекла меѓународна поддршка.

Според проценката во документот, Хамас, во меѓувреме, ги имал сите потребни услови за опстанок и успех. Меѓу другото, имал суровини, безбедни бази и соодветен начин на борба, според израелските медиуми.

Во извештајот се наведува дека Израел се потпирал на логиката на одвраќање, а не на одлучувачката победа. Во него се вели дека „армијата се обидела да продолжи со борбата со цел конечно да постигне договор за прекин на огнот со Хамас и ослободување на заложниците“, што палестинската група „успеала да го искористи“ во последните месеци.

Во извештајот, исто така, се критикува дистрибуцијата на хуманитарна помош.

„Неможноста за планирање на дистрибуцијата на помош“, се наведува во извештајот, „му дозволи на Хамас да го обвини Израел дека намерно ги изгладнува луѓето од Газа“.

Извештајот изразува загриженост пред офанзивата во Газа

Во извештајот, исто така, се наведува дека израелската војска постојано маневрирала бавно во истите области, „давајќи приоритет на избегнувањето на жртви пред успехот на мисијата“. Тој ги наведува исцрпеноста, преоптоварувањето на војниците и опремата и лошата подготовка за герилска војна како клучни причини за неуспехот.

Според Канал 12, воените претставници кои го виделе извештајот се загрижени дека тоа е лош знак за најавената офанзива и обидот за освојување на градот Газа. Се вели дека тие исто така се прашуваат дали армијата научила нешто од грешките од последната операција.

Од друга страна, делови од израелската армија, според споменатите медиуми, наводно тврделе дека „Операцијата Гидеонова кочија“ ги намалила барањата на Хамас во преговорите, вршејќи притисок врз Хамас, кој наводно бил подготвен да ослободи повеќе заложници.

Во официјалните одговори до израелските медиуми, израелската војска ги негираше тврдењата во извештајот, инсистирајќи дека ги постигнала целите на последната операција и дека продолжува да работи кон главната цел на војната во Газа. Таа додаде дека објавувањето на извештајот не е одобрен и „најави истрага“ за протекувањето на информации.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот