Елизабета Дуковска / Фото: Уставен суд

Институциите пред „невозможна мисија“ да ја разрешат уставната судијка Дуковска

По пресудата на Управниот суд да го поништи изборот на уставната судијка Елизабета Дуковска со чиј глас две години се носеа одлуки во Уставниот суд, институциите се пред „невозможна мисија“ да ја разрешат Дуковска, на која веднаш по одлуката ѝ беа одземени сите предмети меѓу кои и предметот за Законот за употреба на јазиците. Оваа одлука на Управниот суд ја одложи и подготвителната седница за овој Закон, но истовремено може да предизвика политички потрес бидејќи претходно Уставен донесе заклучок да постапува по овој предмет во полн состав.

Но, Дуковска не остана рамнодушна на оваа одлука и во изјава за „Слободен печат“ вели дека има поднесено и жалба на одлуката на Управниот суд, но и претставка до Судскиот совет.

– Јас имам поднесено жалба на одлуката на Управниот суд и не можам да ја коментирам пред да одлучи Вишиот управен суд за да не влијаам со некои мои изјави. Не сакам да влијаам ниту на одлуката на Судот, ниту за претставката до Судскиот совет, затоа што сакам одлуките да бидат објективни. Меѓутоа бидејќи имам поднесено жалба, сметам дека ова е највисок степен на кршење на Уставот и во ниедна држава вакво нешто не се случило и мислам дека нема никогаш да се случи. Јас сѐ уште си имам функција уставен судија и мојата функција може да престане по две основи предвидени во членот 111 од Уставот – искоментира кратко Дуковска.

Според членот што го цитира Дуковска, само Уставниот суд може да разреши уставен судија.

Управен го „зашемети“ Уставен – Се одложува подготвителната седница за Законот за јазиците

– На судија на Уставниот суд функцијата му престанува ако поднесе оставка. Судијата на Уставниот суд ќе биде разрешен од должноста ако биде осуден за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци или кога трајно ќе ја загуби способноста да ја врши својата функција, што го утврдува Уставниот суд – пишува во овој член од Уставот.

Иако во пресудата на Управен, на Дуковска не ѝ беше дадено право на жалба, таа, повикувајќи се на Уставот, поднела жалба до Вишиот управен суд и прашува како може да дојде до извршување на пресудата, кога во правната поука не ѝ било дадено право на жалба и без никаква расправа или известување до неа како странка, судиите донеле пресуда од 13 страници напишана во еден ден. Таа поднесе и претставка до Судскиот совет за утврдување одговорност за сите судии што учествувале во носењето на таквата пресуда.

Дуковска сѐ уште оди на работа затоа што не ѝ е констатиран прекин на работниот однос и сѐ уште си е уставна судијка иако ѝ се одземени предметите. По одлуката на Управен која дојде како „гром од ведро небо“, Уставниот суд не ја коментираше пресудата, но оцени дека постапувањето на Судскиот совет, на Собранието и на управните судови во овој случај, предизвикале правен преседан што создаде правна состојба со која ниту еден досегашен состав на Уставниот суд се нема соочено. Веднаш ѝ ги одзеде предметите на судијката и порача дека нема по службена должност да ги преиспитува одлуките во чие носење учествувала судијката.

Од Коалицијата „Сите за правично судење“ изјавија дека Судскиот совет на седница ќе треба повторно да донесе одлука со која на Собранието ќе му предложи кандидат за судија на Уставниот суд од редот на судиите.

– Понатаму, Собранието ќе треба да донесе одлука за избор на судија на Уставниот суд врз основа на предлогот даден од Судскиот совет. Односно, кусо кажано, ќе треба да се спроведе нова постапка за избор на судија на Уставниот суд во Судскиот совет и во Собранието – рекоа од Коалицијата.

Но, според Уставот, само Уставниот суд може да разреши уставен судија. Од Судскиот совет за „Слободен печат“ брифираат дека сѐ додека Уставниот суд не ја разреши судијката, тие не може да постапуваат бидејќи Уставниот суд е самостоен и независен орган.

– Судскиот совет нема апсолутно никаква надлежност и никакви ингеренции кон Уставниот суд. Ние единствено можеме да номинираме двајца судии што Собранието ќе си ги гласа – брифираат од Судскиот совет.

Тешко дека до изборите ќе има одлука за „запаливиот“ Закон за јазиците

„Слободен печат“ прати прашања до претседателот на Уставниот суд како ќе биде разрешена судијката, како ќе ѝ биде констатиран престанок на работниот однос и зошто ѝ беа одземени предметите пред да биде разрешена, но од таму нѐ упатија на нивниот став по одлуката на Управниот суд.

Ова претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски го кажуваше и кога Судскиот совет побара Собранието да ја разреши Добрила Кацарска од позицијата член на Уставниот суд заради исполнување на условите за старосна пензија и тој се повика на тој член. Такво беше објаснувањето од Управен по најавите дека ДУИ ќе поднесат интерпелација за уставни судии поради Законот за јазиците.

– Основите за престанок на функцијата уставен судија се предвидени во членот 111 од Уставот. Секоја постапка или дејствие преземено надвор од оваа уставна одредба, би претставувало грубо кршење на Уставот, повреда на уставните гаранции за самостојноста и независноста на Уставниот суд – стоеше во ставот на Уставниот суд.
Управниот суд двапати ја отфрлал тужбата против Дуковска поради ненавременост и други причини, а Вишиот управен суд двапати ги укинувал решенијата на Управен, додека третиот пат, по две години, Управниот суд го поништува изборот на Дуковска направен во Судскиот совет.

Одлуката на Уставниот суд за Законот за јазиците би можела да ја отвори Пандорината кутија, а и самиот претседател на Судот Дарко Костадиновски рече дека со Законот за јазиците, политиката создала своевиден правен хаос, кој резултираше со политички хаос, недоверба и дилеми.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот