Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

ИНФОГРАФИК: Партијата на пензионери бара законска минимална пензија

Ќе се иницира законско решение според кое минималната пензија нема да биде под 70 отсто од минималната плата, а ќе се бараат и законски измени според кои просечната пензија ќе биде најмалку 60 отсто од просечната плата

Партијата на пензионери на последната седница на Извршниот одбор донела одлука за составување предлог-закон за минимална пензија. Оттаму велат дека на таков начин ќе се заштити егзистенцијалниот минимум на пензионерите.

– Сакам да иницираме законско решение според кое минималната пензија нема да биде под 70 отсто од минималната плата. Во овој момент, тоа би значело дека минималната пензија не смее да биде под 12.600 денари. Сега, пак, најмалите пензии во државата изнесуваат 10.276 денари. Сметаме дека како што има закон за минимална плата, така треба да има и закон за минимална пензија – објаснува за „Слободен печат“ Илија Николовски, претседател на Партијата на пензионери.

Тој вели дека Владата покажува големо разбирање за пензионерите и дека очекуваат договор и за минимална пензија.

– Од септември, пензионерите може да го очекуваат и зголемувањето на пензиите според новата методологија. Според таа методологија, пензиите ќе се зголемат во зависност од инфлацијата. Но и во зависност од растот на просечните плати во државата. Покрај законските измени што ја овозможија оваа методологија, паралелно се залагаме за донесување закон за минимална пензија, како и дополнување во постојниот закон во кој инсистираме да има одредба дека просечната пензија не смее да биде пониска од 60 отсто од просечната плата. Сега, тој процент е 54, а со усогласувањето од септември се очекува да се зголеми – вели Николовски.

Обработка на податоци: Елисавета Бејкова/Слободен печат

Според последната статистика на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, во Македонија има 326.643 корисници на пензии. Просечната пензија била 16.293 денари. Сега нема утврдено минимална пензија, но има најниски износи, во зависност од годините на пензионирање. Интересен факт е дека оние што се пензионирале до 31.12.1996 година поминале многу подобро од оние што се пензионирале потоа, по 1 јануари 1997 година. Најниската пензија на пензионираните пред 1997 година е 12.576 денари и ја примаат 6.571 пензионер. Оние што се пензионирале меѓу 1 јануари 1997 година и 1 јануари 2002 година најлошо поминале. Таму се и 3.103 пензионерите со најниска пензија од 10.276 денари. Од тие што се пензионирале од 2002 година, 43.342 пензионери земаат најнизок износ на пензија и тој е 10.791 денари. Причина за различните минимални износи, во различни периоди, е поради различниот начин на пресметка на почетната пензија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот