
ИНФОГРАФИК: Како Ковачевски го пресмета просечното годишно зголемување на пензиите од 12.000 денари?
Изјавата на премиерот Димитар Ковачевски дека оваа годинава пензионерите ќе земат во просек по 12.000 денари повеќе отколку што земале во целата мината година, остана недоречена за голем дел од граѓаните, кои јавно прашуваат „од каде оваа бројка?“
Препорачано
Пресметките се базираат врз основа на веќе пресметаниот раст на пензиите што почна од јануари, тримесечната еднократна помош од по 1.000 денари, како и претпоставениот раст на пензиите од септември според новата методологија.
Од јануари, пензиите се зголемија за 2,9 проценти и со тоа просечната пензија се зголеми за 460 денари.
Според новата методологија, почнувајќи од септември, пензиите ќе се зголемуваат со 50 отсто од стапката на раст на трошоците на живот и со 50 отсто до растот на просечната плата. Тргнувајќи од планираната инфлацијата и од планираниот раст на платите, Владата пресмета дека во септември просечните пензии ќе се зголемат за 900 денари. Но, економистите веќе јавно го изразија својот сомнеж дека со новонастаната ситуација со руско-украинскиот конфликт ќе се остварат економските проекции.
