
Инфлацијата повторно удира во Австрија
Растот на цените во Австрија повторно забрза, па земјата е меѓу најпогодените во Европа. Високата инфлација ја намалува куповната моќ на домаќинствата и ја поткопува конкурентноста на индустријата, што најавува тешкотии и во наредните години.
Во август инфлацијата во Австрија повторно порасна и достигна 4,1 проценти, што претставува сериозен предизвик и за граѓаните и за економијата. Новите податоци на Државниот завод за статистика предизвикаа шок во јавноста, бидејќи повторно се појави бројка со четири пред запирката, и тоа во момент кога во еврозоната просекот е далеку понизок, односно 2,1 проценти. Разликата ја отвора дебатата зошто токму Австрија се соочува со повисоки цени и кои се последиците што ги носи ваквиот развој. Експертите предупредуваат дека растот на цените не е само краткорочен феномен, туку може да остави трајни траги врз куповната моќ и конкурентноста на земјата.
Препорачано
Енергијата како главен двигател на ценовниот раст
Според податоците, сите категории трошоци придонеле за растот на инфлацијата во август во споредба со јули, но најголем удел има енергетскиот сектор. Цената на струјата, како и на фосилните горива, значително се зголеми. Особено е видлива ситуацијата со енергијата за домаќинства, бидејќи на почетокот на годинава престана да важи мерката за ограничување на цената на струјата. Тоа доведе до тоа денешните високи пазарни цени да се споредуваат со ниските ограничени вредности од минатата година, што резултираше со скок од 35 проценти уште во јули. Само овој ефект придонесе со 0,7 процентни поени кон вкупната инфлација.
Во овој контекст, критики се упатени кон претходната влада составена од народната партија (ОВП) и зелените, која на почетокот од кризата реагираше со енергетски бонуси и субвенции за гориво и транспорт кон домаќинствата и компаниите, што дополнително го засили растот на цените. Подоцнежните мерки за ограничување на цените беа воведени доцна и во ограничен обем. Според анализата на институтот Моментум, Австрија се наоѓа меѓу земјите во Европа со најмалку државни интервенции. Само кај 8,7 проценти од артиклите што се користат за пресметка на инфлацијата цените беа административно регулирани од државата. За споредба, просекот во Европската Унија изнесува 12,3 проценти.
Последиците од ова се повеќеслојни. Голем дел од трошоците, вклучително и кириите, се индексирани, односно се усогласуваат со инфлацијата секоја година. Истото важи и за платите, пензиите и другите примања, па растот на цените добива самостоен замав што тешко се запира. Тоа веќе е видливо во секторите како угостителството, каде што услугите се поскапени за околу 5 проценти во споредба со лани. Ова, пак, влијае врз конкурентноста на Австрија како туристичка дестинација, но и врз индустријата што се бори на меѓународните пазари со дополнителен товар на високите енергетски трошоци.
Последици врз куповната моќ и штедењето
Зголемените трошоци најмногу ги чувствуваат граѓаните, особено оние со ограничен финансиски простор. Домаќинствата мораат секојдневно да плаќаат повисоки цени за храна, енергија и домување, додека нивните приходи најчесто се зголемуваат само еднаш годишно. Тоа создава празнина што многу семејства ја покриваат со сопствени заштеди или со намалување на трошоците за услуги како патувања или посети на локали. Но, кога станува збор за основни потреби, просторот за приспособување е ограничен и тоа го прави проблемот уште посериозен.
Интересно е што и покрај растот на цените, многу луѓе решија да заштедат повеќе. Во 2024 година домаќинствата одделија речиси 12 проценти од расположливиот доход за штедење. На средината на годинава, вкупните штедни влогови во австриските банки достигнаа 323 милијарди евра. Но, тука се јавува нова мака, со инфлација од над 4 проценти, каматите на штедните влогови не можат да ја сочуваат вредноста на парите. Куповната моќ на граѓаните се намалува и покрај тоа што на хартија располагаат со значителни заштеди.
Така, земјата се соочува со двоен предизвик. Од една страна, високата инфлација директно ја намалува моќта на домаќинствата да ги задоволат основните потреби, а од друга страна, таа ја нагризува и идната стабилност на економијата преку намалување на конкурентноста и ерозија на штедењето. Економистите предупредуваат дека без решителни мерки за стабилизирање на цените, Австрија ќе продолжи да се соочува со сериозни социјални и економски последици и во наредните години.