Сируп против кашлица/Илустративно фото: Juliane Sonntag / imago stock&people / Profimedia

Индија: Истрага против производител на сируп против кашлица поврзана со смртта на 10 деца

Индиската полиција започна кривична истрага против производител на сируп против кашлица, чиј производ содржел опасни нивоа на токсична супстанца, по смртта на десет деца кои можеби го консумирале опасниот лек и починале од откажување на бубрезите. Најголем дел од децата биле под 5-годишна возраст.

Позната како „светска аптека“, Индија е под лупа за квалитетот на извозот на лекови, а нејзините сирупи против кашлица се поврзани со смртни случаи во Камерун, Гамбија и Узбекистан во последниве години.

Примерок од сирупот „Колдриф“, меѓу 19 лекови тестирани по смртните случаи во централната индиска држава Мадја Прадеш, содржел токсин диетилен гликол во количини речиси 500 пати поголеми од дозволената граница, според полициската жалба во која увид имаше Ројтерс.

Покрената е кривична истрага против производителот, „Сресан Фарма“, со седиште во јужната индиска држава Тамил Наду, и лекарот кој им го препишал лекот на некои од починатите деца.

„Лекарот кој го препишал е уапсен“, изјави за новинската агенција АНИ Раџендра Шукла, главен министер на Мадја Прадеш, додавајќи дека е покрената кривична постапка против фабриката.

Компанијата се соочува со обвиненија за убиство од небрежност, фалсификување на лекови и производство, продажба и дистрибуција на производи спротивно на Законот за лекови и козметика.

Регулаторни мерки се преземени и против единица на компанијата, соопшти министерството без да даде детали, додека Централниот орган за регулирање на лекови препорача одземање на лиценцата на фабриката.

„Сресан Фарма“ не одговори веднаш на барањето за коментар од Ројтерс.

Индија снабдува 40% од генеричките лекови што се користат во САД, 25% од сите лекови што се користат во Велика Британија и повеќе од 90% од сите лекови што се користат во многу африкански земји, според индискиот регулатор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот