
Има ли во Македонија незаконско финансирање од страна на одредени банки?
Две години независни странски експерти под лупа го ставиле нашиот банкарски систем и дошле до заклучок дека имало незаконско финансирање од страна на банки, често тоа било финансирање меѓусебно поврзани луѓе, а некогаш во истата шема биле вклучени и повеќе банки. Експертизата е финансирана од сопствениците на Еуростандард банка и „Кубус“
Два извештаи, еден на 160 страници за случувања во Еуростандард банка и еден на 1.200 страници за, како што беше кажано, „постоење незаконски шеми за зајмување пари во банкарскиот систем“, денес беа претставени пред јавноста. Извештаите се финансирани од сопственикот на Еуростандард банка Трифун Костовски и од семејството на Златко Тодоров, сопственик на компанијата „Кубус“, која според наодите во извештајот, се смета за жртва на организирана банкарска шема.
Препорачано
За тоа како функционирало организирањето на шемата и за тоа како во неа учествувале и повеќе банки, зборуваше Драго Кос, кој во моментов ја извршува функцијата претседател на ОЕЦД – работна група за корупција на интернационални бизниси и поранешен претседател на ГРЕКО.
– По 2 години истражувања, дојдовме до заклучок дека имало незаконско финансирање од страна на банки, често тоа било финансирање на меѓусебно поврзани лица, а некогаш во истата шема биле вклучени и повеќе банки – рече Кос потенцирајќи дека наишле на пример во кој две банки во ист момент даваат кредит од 500.000 евра на исто име.
Вклучени 7 банки
Според истражувањето што ќе биде и јавно објавено, како што рече Кос, во периодот од 2004 до 2011 година биле вклучени 7 банки: Комерцијална банка, Инвест банка/Шпаркасе банка, УНИ банка, Стопанска банка, Статер банка, Еуростандард банка и Охридска банка. Потоа, во шемата биле вклучени 45 компании и едно физичко лице.
– Во истиот период се докажани најмалку 103 фалсификувани потписи и налози за пренос, 5 фалсификувани потписи на договори за кредит и 32 фалсификувани потписи на договори за заем, а биле изготвени и потпишани 40 фиктивни договори за кредит и 81 фиктивен договор за заем – вели Кос.
Тој потенцира дека во оваа шема особена улога имала Комерцијална банка.
– За приближно 54 трансакции помеѓу компании, кои учествувале во шемата, воопшто не биле склучени договори за заем, што укажува на фактот дека Комерцијална банка, поради обемноста на шемата и бројот на банки и компании што учествувале во неа, конечно изгубила секаква контрола врз неа. По пат на оваа шема што функционирала од 2004 до 2011 година, само преку две компании Комерцијална банка заработила 5.573.602 евра во незаконски стекната добивка, додека овие две компании претрпеле штета во износ од 21.601.991 евра – вели Кос.
Еуростандард влегол во шемата уште од 2011-та
Според изготвениот извештај, Еуростандард банка станала дел од незаконската шема на зајмување најрано од 2011 година.
Сопственикот на Еуростандард банка Трифун Костовски, кој и ја организираше прес-конференцијата, рече дека може да му се суди зашто не видел дека неговата банка станала дел од таа шема, но дека во ниту еден момент немал намера такво нешто да се прави и својата банка да ја одведе во стечај. Притоа, пак, повтори дека за сè е виновен Николче Петковски, кој беше претседател на Управниот одбор на Еуростандард.
– Кога поставивме ново раководство, кое јасно кажа дека не сака да бидеме дел од оваа шема, тогаш се случи и стечајот на Еуростандард – рече Костовски.
Тој, исто така, уште еднаш го впери прстот во Народната банка дека не ги искористила сите алатки што ѝ биле на располагање, пред да ѝ ја одземе лиценцата на Еуростандард банка.

И Кос потенцираше дека еден од заклучоците што произлегува од нивниот извештај е дека „Народната банка одбива да го препознае и да го спречи ширењето на шемата и затоа за Еуростандард бараше само докапитализација, а не го бараше изворот на проблемот“.
„Кубус“ – компанија што го платила најголемиот цех
„Кубус“ во 2004 година била просперитетна фирма од градежниот сектор, а матична банка ѝ била Комерцијална банка, која ја втурнала во шемата на незаконско кредитирање – тврди Ирена Франчековиќ, судски вештак за финансии, сметководство и банкарство во Хрватска.
– Никогаш не сум видела ваква шема, која ја организираат банките, а не клиентите – рече Франчековиќ.
Таа посочи дека најдобар пример за тоа како функционирало кредитирањето и тоа без да знае коминтентот, е токму оваа компанија за која пронашле документ за одобрен кредит што „Кубус“ не го барал. Кредитот бил 1 милион евра, а бил одобрен за 24 часа, што е надвор од секаква банкарска процедура и што некој во системот требало да го забележи.
Франчековиќ вели дека името на компанијата „Кубус“ се нашло со сметки во банки каде што тие воопшто не ни побарале да им се отворат сметки.
– На крајот од шемата долгот на „Кубус“ бил 22 милиони евра, а тој искористил кредит од околу 2 милиони евра, а другите 19 милиони евра се долгови на други фирми – рече Франчековиќ.
За „Кубус“ имало и сериозни истраги и од страна на МВР, но како што беше потенцирано на прес-конференцијата, тие немаат никаква завршница.
Поранешната претседателка на Антикорупциската комисија и актуелна претседателка на „Транспаренси“ Слаџана Тасева, алармираше до сите надлежни институции сериозно да ги земат предвид направените извештаи од странските експерти во насока на заштита на финансискиот и банкарскиот систем на државата.