
Им треба хидратација: Ледени закуски за мачки од месо, овошје и зеленчук
Високите летни температури не им одговараат на многу миленичиња, па затоа разладувањето е исклучително важно за полесно поднесување на жештините. Иако мачките природно ја сакаат топлината, во летните денови им е потребна зголемена хидратација – од постојано достапна свежа и студена вода до освежителни солени и благи закуски, пишува „Телеграф“.
Препорачано
Во лето, мачките имаат потреба од лесни и здрави оброци, а закуските направени од солени намирници или овошје ќе им овозможат и освежување. Некои мачки сакаат да лижат мраз, а повеќето ќе уживаат во замрзнати коцки од туна, диња или лубеница, па дури и во замрзнат грашок.
Обичниот јогурт е исто така омилен кај мачките, па можете да додадете конзервирани морски плодови или риба и да го замрзнете.
Замрзнати закуски од риба
Мачките ја обожуваат рибата, особено туната и лососот. Изблендирајте конзервирана риба со вода или несолен бујон, па истурете во калапчиња или калапи за мраз и замрзнете.
Залачиња од замрзнат јогурт
Измешајте природен јогурт со мачкина трева и замрзнете во мали порции.
Оброк од диња или лубеница
Изблендирајте лубеница без семки или диња со малку вода или кокосова вода и замрзнете.
Замрзнат грашок
Едноставна и забавна летна ужина – мачките сакаат да грицкаат замрзнати зрна грашок и да си играат со нив.
Сладолед од козјо млеко
Замрзнете козјо млеко во калапчиња и ќе добиете здрава и млечна ледена посластица за мачката.
Студени морски плодови и пилешко
Конзервирана туна, лосос, ракчиња и пилешко месо – разладени или замрзнати – се вистинска ужина за мачките.
Сладолед од свежо овошје
Овошје кое мачките смеат да го јадат изблендирајте го, измешајте со вода, па замрзнете во калапи.
Замрзнати коцки од мачешка храна
Наједноставната летна посластица – влажната мачешка храна што ја јаде секојдневно, измешајте ја со малку вода и замрзнете во калапи за мраз. Ставете ѝ ги на мачката во чинија – ќе ги лиже и грицка додека се топат, а тоа ќе ѝ овозможи дополнителна хидратација.
Не заборавајте секојдневно да ѝ нудите свежа вода, а може да додадете и неколку коцки мраз. Освен што ќе си игра со нив, мразот ќе ја поттикне да пие повеќе вода и да остане хидрирана во најжешките месеци.