
Илон Маск се закани дека ќе формира партија ако Конгресот го усвои законот на Трамп
Извршниот директор на платформата „X“ и милијардерот Илон Маск се закани дека ќе основа нова политичка партија „Американска партија“ ако Конгресот го усвои законот за даноци предложен од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, објави американското издание на „Политико“.
Препорачано
Во објава на X, Маск изјави дека неговата партија ќе биде формирана „веднаш следниот ден“ по усвојувањето на закон што го нарече „луд“ и го критикуваше како спротивен на принципите на фискална одговорност.
„На нашата земја ѝ е потребна алтернатива на демократско-републиканскиот еднопартиски систем за да може народот навистина да има глас“, напиша Маск.
Тој најави дека финансиски ќе ги поддржи противниците на членовите на Конгресот кои ќе гласаат за законот.
„Секој член на Конгресот кој се залагаше за намалување на владините трошоци, а потоа веднаш гласаше за најголемото зголемување на долгот во историјата, треба да се засрами од себе – и да ги изгуби следните избори“, рече Макс.
Тој, исто така, ги критикуваше членовите на конзервативниот Каукус за слобода во Претставничкиот дом, поточно претставниците Чип Рој од Тексас и Енди Харис од Мериленд, наведувајќи дека со поддршката на законот „ги предадоа сопствените принципи“.
Предлог-законот, наречен „Еден голем, прекрасен закон“, предвидува зголемени буџети за гранична безбедност, одбрана и енергетика, додека финансирањето за здравствени и социјални програми се намалува.
Критичарите, вклучувајќи го и Маск, тврдат дека законот би можел значително да го зголеми националниот долг и да ги ограничи инвестициите во обновливи извори на енергија.
Конечното гласање во Сенатот се очекува во наредните денови.