Илјада денари плус – членовите на УПОЗ добиваат по 4 илјади денари за прваче

Инаку Владата ја спроведува мерката „Училишна кошница“ втора година по ред, а годинава се очекува заштеда од 800 до 2.000 денари по ученик. Досега се спроведени повеќе од 100 надзори во над 300 објекти – книжарници, маркети и трговци на големо

Синдикатот на УПОЗ за 1.000 денари ја зголеми еднократната помош за првачињата на нивните членови. Така, наместо по 3.000 денари, како досега, од годинава секој член на овој Синдикат, кој го остварува ова право, ќе добива 4.000 денари еднократна парична помош, согласно Одлуката на Претседателството на УПОЗ.

Членовите на Синдикатот на УПОЗ, преку Солидарниот фонд, веќе десет години имаат можност да остварат право на неповратна парична помош за своите првачиња.

– Изминативе десет години, односно од 2014 до 2024 година, вкупно 2.034 членови на Синдикатот на УПОЗ го имаат остварено правото, во вкупен износ од 6, 1 милијарда денари неповратна парична помош – велат од УПОЗ. Ова право се остварува преку Претседателот на синдикалната организација, со поднесување на неколку документи.

Ваквата помош, според синдикалците е добредојдена за родителите кои имаат значителни трошоци на почетокот на секој учебна година. Владата и годинава одлучи од 15 август до 15 септември, да ги врати цените на училишниот прибор на нивото од 1 јуни и тие се продаваат со попуст од најмалку 10 проценти во трговијата на големо и најмалку 15 проценти во трговијата на мало. Според заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, мерката „Училишна кошница“ се спроведува втора година по ред, дала добри резултати минатата година и очекува слични резулатати и годинава.

– Минатата година со спроведувањето на оваа мерка според нашите податоци имавме заштеда од 750 до 2.000 денари по ученик, а годинава очекуваме заштедата да се движи од 800 до 2.000 денари по ученик. Оваа мерка ја правиме со цел да го заштитиме стандардот на граѓаните и да им помогнеме во овој период, бидејќи станува збор за месеци со зголемени трошоци за подготвување за зимскиот период, каде граѓаните се соочуваат со трошоци за припреми за зимници, огрев… – додаде Ристески.

Малопродажните цени на артиклите се јасно означени со натписи „Помалку трошоци, повеќе за тебе”, а истакната е и старата цена која важела на 1 јуни годинава, но и новата цена со попуст.

За контрола на спроведувањето на одлуката на терен ќе бидат присутни инспекторите од Државниот пазарен инспекторат и ќе делуваат согласно нивните законски надлежности. Досега се спроведени повеќе од 100 надзори во над 300 објекти – книжарници, маркети и трговци на големо.

-Според досегашните контроли, мерката генерално се почитува, со мали забелешки кои се коригираат на лице место, но не се утврдени прекршувања за кои би се изрекле казни – велат од ДПИ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!