Фреска „Илинден 1903“ на Борко Лазески
Фреска „Илинден 1903“ на Борко Лазески

Илинденски провокации: Пак предвреме кренавме востание за бугарската „декларација“

Не станува збор за декларација како пишан документ, како акт за кој се гласа. Станува збор за изјава, обраќање на пратеник или пратеничка група, без никакви последици, освен политичка придобивка за оној што ја дава изјавата или за партијата од која доаѓа, велат бугарски аналитичари.

Декларацијата, односно усната изјава на пратеникот на ПП-ДБ Христо Даскалов за Илинденското востание во бугарското Собрание не е официјален документ, што значи ниту се прифаќа, ниту се отфрла од Собранието.

Деловникот за работа на бугарското Народно собрание предвидува секоја пратеничка група во почетокот на собраниската седница да има можност, во рамките на својот политички интерес, да даде декларација или усна изјава што може да трае неколку минути. Тоа значи изразување на позицијата на која било пратеничка група по некое прашање, било да е тоа настан, тема или некое случување.

– Не станува збор за декларација како пишуван документ, како акт за кој се гласа. Станува збор за изјава, за обраќање на пратеник или на пратеничка група, без никакви последици, освен, се разбира, за политичка придобивка за оној што ја дава изјавата или за партијата од која доаѓа. Едноставно кажано, нема документ за таквата изјава – велат бугарски аналитичари.

Токму таква беше изјавата на пратеникот Даскалов.

– Илинденско-преображенското востание е круна на бугарското народноослободително движење. Основа за тоа е бројот на востаниците. Повеќе од 26 илјади, а и фактот дека освен Бугари, учество земаат и претставници на други групи, како Власи и гркомани. Решението за организирање на востанието е донесено на Солунскиот конгрес на ВМОРО, тогаш под името ТМОРО, со која раководи Иван Гарванов. Местото на одржување на Конгресот има дополнителна симболика бидејќи тоа е Солунската бугарска гимназија, од која се изнедриле многу од бугарските револуционери во Македонија. На Смилевскиот конгрес е решено востанието во тој округ да почне на 20 јули, на денешниот ден, на Илинден. За почеток на дејствата во Одринско, на конгресот во Петрова Нива, одреден е 6 август – Преображение, а Серскиот округ решава да се крене на востание подоцна, на 14 септември – Крстовден. Сеќавањето на подвигот е жив. Жртвите дадени за ослободувањето не се бесмислени. Треба да се сеќаваме на нивната саможртва и да ја чуваме и заштитуваме Бугарија. Тоа е аманетот и заповедта што ни ја оставија хероите од Илинден, Преображение и од Крстовден 1903 година – рече Даскалов од собраниската говорница.

Собраниската седница се одржа на 20 јули, денот кога Бугарија го празнува Илинден како Ден на Илинденско-преображенското востание. Денот го искористи и пратеникот Тома Биков од пратеничката група на ГЕРБ-СДС, кој во својата „декларација“ рече дека настаните, како Илинденско-преображенското востание се знак дека бугарското општество и бугарската нација биле и се подготвени да ја платат цената на слободата.

– Востанието е само еден миг од таа епоха на бугарско национално осознавање и на бугарско национално ослободување. Бугарската национална идеја не е исцрпена во целост, напротив, во некои нејзини сегменти таа доживува неуспех и нанесува тешка национална траума, која трае до денес. Поради таа национална траума, ние сме толку многу чувствителни на темата Македонија. Таа тема не можеме да ја одминеме ни денес, кога наместо да имаме браќа, како што сакаме да се нарекуваме, од двете страни на границата ние најчесто сме проблематични соседи. Илинденско-преображенското востание наместо настан околу кој ќе се обединиме, кој заедно ќе го празнуваме и ќе ги чествуваме хероите кои очигледно е дека се заеднички, штом се почитувани од двете страни на границата, се претвора во поле за дебата. Ние треба да си го направиме есапот и да утврдиме – зошто бугарската идеја пропадна, доживеа неуспех. Бугарската национална идеја сега има нова димензија и таа е многу јасна. Бугарија и Северна Македонија, кои 200 години беа разделени, да бидат дел од една геополитичка и една цивилизациска зона. Бугарија има историска шанса да ја урне таа граница и ние треба да бидеме на висината на таа задача, да ја осмислиме и да знаеме која е нашата цел. Ниту нашите цели ниту средствата за нивно остварување не може да бидат оние од пред 100 години. Тие треба да одговараат на ова време, за да го оствариме нашиот национален идеал, кој може да ја смени формата, но не и суштината – рече Биков.

По седницата на бугарското Собрание, пратеникот и портпарол на СДСМ Дарко Каевски најави дека утре неговата партија ќе предложи Резолуција за Илинден во македонското Собрание.

– Илинден е еден од најсветлите празници во македонската историја. Светилник на нашата борба за посебност и независност и тоа не може да го смени и одземе декларација на која било партија во или вон Македонија. Илинден е дел од секој Македонец и од целиот македонски народ, на 2 август ќе го прославиме со полно срце и гордост како 120 години до сега – изјави Каевски.

Од СДСМ денеска кусо ни изјавија дека текстот на декларацијата се подготвува и се разгледуваат сите аспекти.

По собраниската седница во Софија реакција стигна од Демократски сојуз на Павле Трајанов. Оттаму изјавија дека Парламентот во Бугарија го бугаризира и Илинден и дека наместо подобрување на односите, Бугарија со смислена провокација пред Илинден, националниот празник на Македонците и македонската држава, со резолуција сака да го бугаризира Илинден.

„Оваа Декларација покажува дека уставните промени нема да го отворат европскиот пат за Македонија, туку ќе се искористат за поагресивна антимакедонска кампања, негирање на македонскиот народ, јазик, историја и култура. Македонската дипломатија предводена од ДУИ, ги загрозува нашите национални и државни интереси, поради што се неопходни коренити кадровски промени“, објави меѓу другото Демократски сојуз.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот