
Илиевска: Нема блокада на Советот на Битола и тој функционира беспрекорно
Советот на Општина Битола функционира беспрекорно во полн состав и капацитет, за што заслуга имаат советниците од сите советнички групи без разлика на политичката опција која ја претставуваат. Советот ги носи сите одлуки кои се во негова надлежност, како на седници, така и преку работата на своите комисии и тела. Но, проблемот се појавува кога градоначалникот Тони Коњановски и неговата екипа, се обидуваат да изигруваат Совет и да наметнуваат свои желби и амбиции преку Советот, на моменти прават обиди да го заобиколат Советот, за на крај откако Советот им даде јасно до знаење во многу наврати, дека ваквото однесување е недозволиво и неприфатливо, да се обидат целата вина за нивната неспособност да раководат со Општината Битола да ја префрлат врз Советот-истакна на денешната прес-конференција, претседателката на Советот на Општина Битола, Габриела Илиевска.
Препорачано
Таа упати остри критики за работата и однесувањето на градоначалникот Тони Коњановски и го повика наместо да се занимава со решавањето на проблемите на другите општини, каде што е присутен во последно време, да ги реализира проектите што се изгласани од Советот на Битола и за кој се предвидени средства од општинскиот буџет.
-Го повикувам градоначалникот Коњановски да си ги заврши работите за кои е дебело платен од битолчани, а од пред некој ден дури и со 78% проценти повеќе, да си ја задолжи екипата во општинската администрација да изработи и да предложи ребаланс на буџетот до Советот на Битола, за да не ги закочи сите процеси во градот. Да престане да се жали по прес-конференции дека Советот не му одобрил средства, бидејќи за да има средства кои тој толку ревносно ги бара, тој е фигурата која треба да предложи ребаланс. Сакам да нагласам дека нема никаква криза во Советот и дека сите одлуки кои се однесуваат за реализација на проекти за Битола, Советот ги има донесено навремено и одговорно од кои најголемиот дел се едногласно донесени. Советот на Општина Битола, ниту досега блокирал, ниту отсега ќе блокира добри проекти и одлуки за градот, а тоа значи само едно: дека и покрај слабиот градоначалник, Битола има силен, одговорен и разумен совет-истакна претседателката на Советот, Габриела Илиевска која го повика градоначалникот Коњановски да си ги „прибери“ директорите на јавните претпријатија, па место да држат прес-конференции и да прават Фејсбук маркетинг, нека потрошат од платеното време од граѓаните на Битола за да го сработат она за што се платени, бидејќи сработеното секогаш се гледа на дело, посочи Габриела Илиевска.
На новинарско прашање како ја коментира изјавата на градоначалникот Тони Коњановски дека поради новото „прегрупирање“ во Советот тој морал да ја скрати програмата за Битолското културно лето и да не ги ангажира голем број битолски уметници и културни работници, бидејќи бил сигурен дека Советот со ребалансот немало да издвои средства за „Битфест“, Илиевска одговори:
-Јас не знам на што се пожалил градоначалникот дека немало средства за културните настани, кога истата програма тој ја предложи и самиот предвиде за културата да се издвојат 20 милиони денари, меѓутоа тој во првите три месеци по тоа што го видовме од кварталниот извештај потрошил 16 милиони денари. И навистина не знам зошто се жали градоначалникот на нешто што тој го предвидел со предлагањето на буџетот-истакна претседателката на Битолскиот Совет, Габриела Илиевска на денешната прес-конференција.