Во Киев во декември беше организирана брза борбена обука за цивили - Фотографија ЕПА, Сергеј Долженко

И психозата е војна: Украинците не се плашат од инвазија, туку од долгорочна дестабилизација

Дестабилизирањето на Украина преку одржувањето на тензиите и воената психоза би ѝ овозможилo на Москва без испукан куршум да ја спроведе својата главна цел – да спречи Украина да му се придружи на НАТО и да го запре ширењето на Алијансата кон исток

Наспроти постојаните предупредувања од Западот дека Русија „во секој момент“ може да спроведе воена инвазија врз Русија со трупите што ги распоредила и ги раздвижува покрај границата, во денови кога се кројат „сурови санкции“ и се води битка за доставувањето гас за Европа, од воен судир најмалку стравуваат оние што се посочени како потенцијални жртви – украинските граѓани и властите.

Киев и другите големи градови се раздвижени како и обично, со повремени бранувања од протести против мерките воведени заради пандемијата, како и од неодамнешниот инцидент во фабриката за оружје, каде што регрут уби пет лица.

Лизгалиштата се преполни со гости, а пред кината има редици за билети за домашниот филм „Стоп-земја“, за животот на киевски тинејџери.

– Не верувам дека Русите ќе дојдат. Им верувам на сопствените очи и уши. Сега, всушност, е потивко отколку што беше во декември. Ова е само војна со информации – вели за Би-би-си социјална работничка, која одбила да се претстави.

Други, пак, веќе ги наполниле до врв резервоарите на возилата и создале резерви од храна. По социјалните мрежи се споделуваат „прирачници за инвазија“, кои опфаќаат препораки како: „При гранатирање, скријте се во када или во визба!“.

Аналитичари во Киев не ја сметаат за најстрашна воената закана, туку стравуваат од долгорочно дестабилизирање на земјата преку одржувањето на тензиите и воената психоза. Долгорочната дестабилизација би ѝ овозможил на Москва без испукан куршум да ја спроведе својата главна цел – да спречи Украина да му се придружи на НАТО и да го запре ширењето на Алијансата кон исток.

Државното раководство во Киев упорно негира дека заканата од Москва е поголема од порано. Претседателот Володимир Зеленски во петокот повтори дека тензиите со Русија не се ништо ново.

– Во оваа ситуација сме веќе осум години – изјави Зеленски.

И министерот за одбрана Олексеј Режников неодамна од парламентарната говорница им порача и на пратениците и на граѓаните дека нема причина за тревога.

– Не грижете се и спијте спокојно – порача Режников.

Во предупредувањата дека е можна руска инвазија најгласни се САД. Вашингтон прво предупреди дека Русија планира да спроведе операција во јануари, а претседателот Бајден пред неколку дена го помести предупредувањето за февруари.

На предупредувањата се придружи шефицата на британската дипломатија Лиз Трас, која оцени дека „постои реална закана од руска инвазија на Украина“. Таа притоа го повтори и цврстиот став на сојузниците од НАТО дека при таков развој на настаните Алијансата „нема директно да ја брани Украина“, но додаде дека Обединетото Кралство испраќа оружје во Украина и ги зајакнува санкциите „за да нема каде да се скријат олигарсите блиски до Кремљ“. Санкциите од Лондон предвидуваат замрзнување на имотот и забрана за влез во земјата, а ќе се однесуваат на физички и правни лица од „стратешко значење“ за руските власти.

– Правиме сѐ што можеме преку одвраќање и дипломатија за да го поттикнеме (рускиот претседател Владимир Путин) да се откаже (од инвазија) – изјави Трас.

И Конгресот на САД е на прагот да усвои закон за нови економски санкции против Русија, не само поради заканите од инвазија, туку и поради досегашните кибернетски напади врз Украина.

Претседателот Зеленски ги предупредува западните сојузници да се воздржуваат од воена реторика и да не создаваат паника, зашто постојаните предупредувања за „неизбежна инвазија“ ја загрозуваат украинската економија.

Властите во Киев укажуваат дека имаат „добро осмислена дипломатска стратегија“ за да се спротивстави на рускиот притисок и дека нема да дозволат „повторување на трагедијата од 2014 година“.

– Украина има добро осмислена дипломатска стратегија за да се спротивстави на руската ескалација. Сега има обвинувања дека Украина го потценува нивото на заканата. Но, ние бевме тие што во ноември поттикнавме сеопфатен пакет за совладување на Русија, кој вклучуваше три нивоа: активна дипломатија, строги економски санкции против Москва и длабинска одбранбена соработка со нашата земја – изјави украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.

Тој се заложи и за помош за зачувување на економската и финансиската стабилност на земјата, а на Русија ѝ порача „да го продолжи дипломатскиот ангажман и да ги повлече своите трупи распоредени покрај границата“.

Медиуми во Киев, како смирувачки сигнал од Москва, ја пренесуваат и изјавата на секретарот на рускиот Совет за национална безбедност, Николај Патрушев, кој истакна дека „нема закана за Украина“.

– Денес велат дека Русија ѝ се заканува на Украина. Тоа е апсолутно смешно. Нема закана. Ние не сакаме војна. Војна воопшто не ни е потребна. Оние што туркаат кон војна, особено оние од Западот, имаат сопствени лажни цели – изјави Патрушев во неделата.

Вознемиреноста е поголема од руската страна на границата. Истражување на агенцијата „Левада“ покажа дека само 40 отсто од Русите веруваат дека е возможна војна.

– Толкувајќи го мислењето на јавностаа општеството веќе е спремно за војна. Но, не би рекол дека се подготвува за војна. Јавноста не сака војна, туку детант – објаснува Денис Волков, директор на независната анкетна агенција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот