Фискална каса илустрација/ Фото: Helbert Ruiz / ImageSource / Profimedia

И по 24 години, некои фискални апарати служат само за украс – скенирачите, но и УЈП не им простуваат на трговците и угостителите

Во јуни и првата половина од јули годинава, УЈП спровела вкупно 883 теренски контроли кај даночни обврзници низ територијата на цела Македонија, а кај една третина (294 субјекти) се констатирани неправилности

Со оглед на фактот дека сметките сè повеќе се скенираат, граѓаните се добро информирани за нивните права, но поради зачестените реакции и на странските туристи, некои угостители внимаваат кому му остануваат должни

Трговци и угостители се обидуваат да ги изиграат и муштериите, но и државата и по 24 години откако во земјава е воведено задолжителното издавање фискални сметки. Со оглед на фактот дека сметките сè повеќе се скенираат, граѓаните се добро информирани за нивните права, но поради зачестените реакции и на странските туристи, некои угостители внимаваат кому му остануваат должни. Има и такви случаи во кои по оправданиот интерес на клиентите (читај кавга со келнерот или продавачот), неволно, ама сепак им се носи фискална сметка, но со „0“ денари ДДВ! Од УЈП за „Слободен печат“, информираат дека согласно Законот за регистрирање на готовински плаќања (ЗРГП), во јуни и првата половина од јули годинава, спровеле вкупно 883 теренски контроли кај даночни обврзници низ територијата на цела Македонија, а кај една третина (294 субјекти) се констатирани неправилности.

-Издадени се 212 глоби за неиздавање фискални сметки, 49 глоби за неводење книга за дневни финансиски извештаи, 20 глоби за фискални сметки без пропишани елементи, 8 глоби за нерегистрирана резервна фискална апаратура, 2 глоби за неисправен фискален апарат, како и по една глоба за неиздавање парагон-блок, за некористење одобрен фискален апарат и за неводење итна сметководствена книга. Контролите беа насочени кон трговци, угостители низ целата држава и кај субјекти кои вршат дејност во туристички места и локации со зголемена фреквенција на посетители, како што се угостителски објекти, аква – паркови, плажи, базени и објекти за изнајмување спортско-рекреативна опрема – прецизираат од УЈП.

Управата за јавни приходи потсетува на обврската за почитување на Законот за регистрирање на готовински плаќања (ЗРГП), согласно кој секој остварен промет мора да биде регистриран преку одобрен фискален уред, задолжително користење на одобрен фискален апарат во доволен број, за секоја продажба да се издава фискална сметка, а во книгата на дневни финансиски извештаи да се евидентира остварениот промет за секоја фискална каса навремено.

Обврската за воведување и користење на фискален систем на опрема за регистрирање на готовински плаќања, е воведена од 4 мај 2001 година. Даночните обврзници кои данокот од доход за приходите од вршење на дејност го плаќаат според паушално утврден нето-приход, освен таксистите. Таквиот статус се докажува со Решение издадено од Управата за јавни приходи. Ослободени од издавањето фискални сметки се физичките лица кои издаваат под закуп станбен или деловен простор, пазарџиите, како и лицата кои вршат дејности во објекти што се наоѓаат во населени места со помалку од 300 жители и кои се сместени во високопланински и тешко достапни места, со исклучок на туристички места, лицата кои вршат улична продажба на весници и списанија – колпортерска продажба итн.

Пред три години, храната беше со „0“ ДДВ речиси три месеци

Од средината на март до 31 мај 2022 година, тогашната Влада целосно го намали делот на ДДВ-то за основните прехранбени производи, а граѓаните можеа на фискалните сметки да видат дали трговците или, пак, маркетите ја применуваат мерката. Така се продаваа лебот, брашното тип-400, млекото со масленост од 2, 3,2 и 3,5 проценти масленост, белиот шеќер, зејтинот, месото, белиот ориз и јајцата, а трговците мораа да ги прилагодат фискалните апарати. Во пракса тоа значеше дека сите продажни објекти што ги продаваа погореспоменатите производи во малопродажба, мораше да издаваат фискална сметка со даночна стапка од „0“ проценти, односно со ознака „Г“ за добра и услуги што се ослободени од ДДВ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот