И газдите стануваат Дедо Мраз, за мама и тато плата и К-15, а за децата новогодишно пакетче

Освен подароците од родителите и од бабите и дедовците, и македонските компании одвојуваат солидни суми за децата на своите вработени за новогодишни пакетчиња. Како што се ближат новогодишните празници, веќе се прават нарачките, а цените на пакетчињата зависат не само од нивната големина, туку и од квалитетот на производите што ги содржат

Ретко нешто може да се спореди со детската среќа кога ќе го најдат својот подарок под елката! Новогодишните пакетчиња за сите деца имаат посебно значење и точно знаат што им донел Дедо Мраз минатата и претходната година. Освен подароците од родителите и од бабите и дедовците и македонските компании одвојуваат солидни суми за децата на своите вработени за новогодишни пакетчиња.

Работодавачите не ја избегнуваат оваа традиција на дарување, а во некои од добростоечките компании се прават вистински фешти. Како што се ближат новогодишните празници, веќе се прават нарачките, а цените на пакетчињата зависат не само од нивната големина, туку и од квалитетот на производите што ги содржат. Во домашните специјализирани продавници за „Слободен печат“ велат дека имаат различна понуда и за сечиј џеб.

Во последно време се даруваат и пакети со книги, боенки и детски играчки, а некои компании земаат и до 100 новогодишни пакетчиња. Цените на пакетите во просек се движат од 500 до 1.500 денари, а тежината на пакетчињата е од 500 грама до 2,4 килограми. Трговците велат дека имаат готови модели, а во нив има најразлични слатки и солени производи, во зависност од тоа кое пакување е купено. Новогодишни пакетчиња нудат и продавниците за играчки, кои содржат претежно играчки и по некоја грицка, а нивните цени се од 1.400 до над 2.500 денари.

Иако новогодишните пакетчиња не можат да се третираат како карактеристично давање со репрезентативно-рекламен карактер, сепак се смета дека таквите подароци се во функција на добриот имиџ на фирмата, па оттука и практично новогодишните пакетчиња се репрезентација, без пресметан персонален данок на доход. Бидејќи, децата на кои им се наменети, не се лица вработени во компанијата, оставен е простор овие подароци да не се сметаат за лични примања од работен однос, туку како трошоци за репрезентација.
Од консултантските куќи објаснуваат дека новогодишните пакетчиња за децата на вработените, од аспект на Законот за ДДВ, можат како и репрезентативните подарувања да се третираат како земање за лични потреби, односно давања без надоместок.

– Но деловните субјекти што набавуваат пакетчиња за децата на своите вработени, немаат обврска да плаќаат ДДВ, затоа што не го одбиваат ни данокот од нивната набавка. Имено, засметаниот ДДВ од добавувачот, не се одбива поради намената на набавката што не е во функција на деловните цели на обврзникот (член 34 од Законот за ДДВ) – објаснуваат консултантите.

Според законот, доколку пакетчињата се формираат од сопствени производи или стока, даночните обврзници се должни за нив да пресметаат ДДВ на цената на чинењето на производите. На пример, ако се работи за кондиторски производи, бонбони, чоколади, производи од шеќер и други, се пресметува и се плаќа данок по повластената стапка од 5 отсто. Ако, пак, станува збор за играчки, балони, украси, машнички, кеси, се плаќа ДДВ по стапка од 18 отсто.
Сепак, сметководителите предупредуваат дека исходот во даночните контроли е неизвесен, затоа што давањето на овие новогодишни пакетчиња може да се сметаат како индивидуални примања на подароци на вработените родители и во тој случај новогодишните пакетчиња се оданочуваат со стапка од 11,11 отсто на нивната вредност.

– Ако подарувањата за клиентите и за коминтентите на компаниите може да се третираат како репрезентација, зошто таков третман да немаат и потрошените средства за децата на вработените – сугерираат консултантите.

Ланските контроли на АХВ не утврдија неправилности во пакетчињата

Лани инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) направија засилени контроли кај операторите со храна пред новогодишните и божиќните празници. Се проверуваше дали и колку се исполнети општите и посебните услови за безбедност на храната, означувањето и заштитата на потрошувачите од измама, а по спроведените контроли, не беа утврдени недоследности од аспект на безбедноста кај оваа категорија производи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот