
Хрватска треба да стане членка на ОЕЦД следната година
Тројца хрватски министри – за финансии, за надворешни работи и за економија – учествуваа на состанокот на земјите членки на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД). Заклучокот од состанокот е дека Хрватска, меѓу осумте земји што изразуваат амбиција за членство, го предводи процесот на пристапување. Се очекува членството да биде формализирано во 2026 година, што се совпаѓа со плановите на Владата. ОЕЦД објави дека глобалната економија е на пат кон забавување – од раст од 3,3 проценти минатата година до очекувани 2,9 проценти во 2025 и 2026 година. Министерот за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман изјави дека Хрватска го предводи процесот на пристапување во ОЕЦД, објави „СЕЕ.биз.еу“.
Препорачано
-Од вкупно осум земји, Хрватска го предводи процесот на пристапување кон ОЕЦД. До крајот на месецот планираме да го завршиме процесот на пристапување во уште еден комитет. Досега завршивме 19 комитети, а за 18 се усвоени формални мислења, рече Грлиќ Радман.
Министерот за финансии Марко Приморац особено ги истакна реформските чекори во областа на пазарите на капитал и управувањето со јавните претпријатија.
– Посебен акцент беше ставен на напорите што Република Хрватска ги направи во контекст на развојот на пазарот на капитал со усвојување на стратешка рамка за развој на пазарот на капитал која е во целосна имплементација, како и на чекорите во управувањето со јавните претпријатија. Како што е познато, законот што ја регулира оваа област го помина првото читање во хрватскиот парламент и наскоро ќе биде испратен на второ читање – рече Приморац.