Хрватска стана кредитор на ММФ

Хрватска стана земја-кредитор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), приклучувајќи се кон групата од околу 50 земји кои ММФ ги оцени како земји со силна надворешна позиција за учество во финансирањето на кредитите од ММФ. Експертите на Хрватската народна банка во блог на нивниот портал сметаат дека ова потврдува дека Хрватска е финансиски стабилна земја, објави Мина- пренесе Каматица.

Директорката на Дирекцијата за односи со меѓународни финансиски институции на ХНБ, Ана Мартинис, и вишиот советник во Дирекцијата, Марко Оленковиќ, на својот блог изјавија дека вклучувањето на Хрватска во групата земји-кредитори потврдува дека за три децении таа од корисник на помош од ММФ се претворила во земја која денес припаѓа на групата економски и финансиски стабилни земји.

Во минатото, самата Хрватска беше корисник на финансиска помош од ММФ. Стана членка на ММФ во декември 1992 година, а во 1990-тите и 2000-тите години користеше неколку финансиски аранжмани и заеми од ММФ. Тие аранжмани ѝ овозможија на Хрватска да ја стабилизира економијата и да создаде темели за економско закрепнување и развој, а во исто време им сигнализираа на финансиските пазари дека води одговорна политика.

– Во последните години, Хрватска постигна силен економски раст проследен со континуирано намалување на јавниот и надворешниот долг, како и подобрување на салдото на тековната сметка на платниот биланс. Затоа, експертите на ММФ во јануари годинава проценија дека нејзината надворешна позиција е доволно силна за да стане земја-кредитор. Еден од важните фактори за таа проценка беше влегувањето на Хрватска во Еврозоната во 2023 година – според експертите на Хрватската народна банка.

Бидејќи таа проценка беше потврдена од страна на Одборот на извршни директори на ММФ, на крајот на јануари, Хрватска беше вклучена на списокот на земји кои учествуваат во Планот за финансиски трансакции на ММФ – механизмот преку кој земјите-членки учествуваат во финансирањето на аранжманите одобрени од ММФ.

53 од 191 членка на ММФ, вклучувајќи 18 земји од Еврозоната, моментално учествуваат во Планот за финансиски трансакции.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот