Хоти не ја коментира изјавата на Трамп, дијалогот Косово-Србија е неизвесен

Премиерот на Косово Авдула Хоти не сакаше на денешната прес-конференција да ја коментира изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп кој веќе два пати договорот од 4 септември го спомнува во предизборни обраќања. 

„Косово и Србија, тие се убиваат многу години, само се убиваат едни со други. Тие се нешто како израелците и палестинците. Затоа, реков: ’Слушајте, ајде да склучуваме зделки, економски зделки. „Дојдоа во мојата канцеларија, Овалната соба, да потпишат и тие се прегрнуваа. Беше убава работа да се види, спасивме толку многу животи“, рече Трамп.

Хоти веќе на неколку наврати изјави дека прашањето за Заедницата на општини со српско мнозинство нема да се отвори како тема во дијалогот со Србија, бидејќи според него, прашањето за Здружението заврши со договорот од 2013 година.

И официјална Германија се огласи по ова прашање. Канцеларката Ангела Меркел упати порака дека Заедницата на општините со српско мнозинство мора да биде во согласност со законите на Косово.

Но, и покрај „прегратката“ за која зборува Трамп претседателот на Србија останува на ставот дека сè што е потпишано во Вашингтон треба да се спроведе, но не во согласност со правилата на Косово.

Од таа причина, косовскиот аналитичар Агон Малиќи за Слободен печат прогнозира дека дијалогот Косово-Србија кој треба да продолжи во Брисел нема баш толку светла иднина како што вели Трамп. Тој смета дека договорот во Белата Куќа не го решава прашањето меѓу Косово и Србија.

„Неговата главна тежина е геополитичкиот пресврт. Документот повеќе претставува обврска за усогласување на двете земји со надворешната политика на САД, што е уште пошокантно за Србија. Другата тежина е планираната инвестиција, но ќе им треба време да се реализира. Сè уште не е јасно какво ќе биде продолжувањето на договорот од новата американска администрација. “ вели Малиќи.

Тој појаснува дека шансите за каков било успех на договорот се мали бидејќи просторот на Косово е претесен, а Вучиќ не изгледа заинтересиран за договор. Малиќи дозата на оптимизам ја гледа во пораките од Германија:

„Вчерашната изјава на Германија за здружување на српските општини врз основа на правната рамка на Косово, е чекор во вистинска насока и има потенцијал да ја ублажи главната грижа на Косово“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот