
Хибридна инсталација: Уметнички ангажман на Ивана Мирчевска со комплексна текстура
Во големиот салон на галеријата „Ко-Ра“ при Домот на култура „Кочо Рацин“ во Скопје од 17 до 22 декември беше претставена хибридната инсталација „Медиум пукнатина: Алтернативен сет на потпори за искачување“ на младата визуелна уметница Ивана Мирчевска.
Препорачано
Креативната практика на визуелната уметница Ивана Мирчевска (1992, Скопје) е вкоренета во медиумите засновани на време, визуелната антропологија, студиите на меморија и на сликарството. Нејзините истражувачки интереси произлегуваат од спојот помеѓу технологиите на гледање, просторната конфигурација на погледот и телото.
Своите додипломски студии ги завршува на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а своите магистерски студии ги завршува на Академијата за ликовни уметности Брера, Милано, Италија. Во галеријата „Ко-Ра“ минатата седмица беше поставена нејзината хибридна амбиентална инсталација „Медиум пукнатина: Алтернативен сет на потпори за искачување“. Необичен наслов за проект во чиј центар е сместено Водно.
– Целта на инсталацијата беше да ги интегрирам моите досегашни уметнички искуства во рамките на интердисциплинарната практика, со просторот во кои тие се остваруваат. Оттаму, прoектот тематски и медиски се врзува со материјалната и семиотската конфигурација на планината Водно и се стреми кон ново и имагинативно поврзување со овој трансформиран пејзаж. „Пукнатината“ во насловот е метафора која има двојна вредност.

Од една страна е трагата на нагризување на планината и приграбување на нејзината материја во корист на економска ефикасност и урбано проширување. Од друга страна, пак, пукнатината е медиум што води кон согледување на местата каде што се испреплетуваме со другите форми на живот, во кој пејзажот, неговите жители и нашите тела се во постојано трансформирање и сообразување. Мотивот на овој уметнички предлог не е само да го согледа човековото влијание врз пејзажот (тенденција што се стреми кон апсолутизирање на границите помеѓу природата и културата), туку да понуди aлтернативни потпори како просторно-временски вмрежувања во форма на слики во движење, 3Д-анимации, скулптурални и цртачки објекти, звучен пејзаж и самиот простор на галеријата.
Оттука произлегува „алтернативниот сет на потпори“, кој во суштина е истражување во икoнографските, медиските, тактилните и звучните остварувања во конкретниот пејсаж. Инсталацијата која беше изложена во Галеријата „Ко-Ра“ е производ од повеќемесечно истражување, кое вклучи aудио-визуелно снимање на локации, разгледување по разни архиви, интервјуа/разговори со еко-активисти, археолози и инженери. Во процесот на истражувањето и продукцијата безрезервно ми помагаа една дружина на соработници и пријатели – објаснува Мирчевска.

Мултимедијалниот пристап е карактеристика на нејзиното творештво. Во уметничката практика често го користи есеистичкиот пристап како рамка која врзува различни субјективитети од сегашноста и минатото, манифестирани како слики, алтер ега, документи, површини или гласови. Во процесот на создавање на делата Мирчевска се консултира и со различна литература и простори на знаење од уметничката теорија и студиите на визуелните култури и медиуми, феминистичките епистемологии и теоријата на афект.
Таков пристап имаше и на колаборативен проект заедно со визуелните уметници Елена Чемерска и Филип Велковски (Иконографија на ритуалот: Пливање во лепливото езеро), кој беше поставен во МКЦ, а објави и книга со наслов „Под агол од 45 степени (At an angle of 45 degrees)“ во соработка со „Приватен принт“ и „Принц Клаус Фонд“.
– Концептот на мојата прва книга произлегува од мојот уметнички ангажман со сликите во движење и се стреми кон нивното „преведување“ во поинаквата временост што ја предлага самиот медиум на книга. За потребите на ова истражување одлучив да се фокусирам кон материјалната функција на екранот како средство во практиките на ориентација, заштита и маскирање. Преку користењето со различни дигитални и аналогни технологии на визуелното (огледала, површини, екрани, тела), поставени како агенти на подвижни хоризонти, внатрешни и надворешни пејзажи, предлагам спекулативен и перформативен начин на гледање „Под агол од 45 степени“. Овој агол е лоциран во меѓупросторот на допирот и окото, телото и просторот, вертикалната и хоризонталната оска и неговата цел е да ја дестабилизира нормативната перцепција на читателот, односно да отвори простор за гледање поинаку од даденото.
Додека „Иконографија на ритуалот: Пливање во лепливото езеро“ е проект кој гради врз просторот на колективност преку имагинариумот на водата. Лепливото езеро е замислениот простор составен од слики и објекти чија леплива материјалност дозволува да се ослободиме од стегите на нашиот индивидуализам (уметнички, јазичен и културен) и да се впуштиме во ритуален процес на „пливање“ во кој за момент можеме да бидеме и други и со други – истакнува Мирчевска.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 111, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26 декември 2021)