Базенот на Кале, некогаш и сега

Хаотична е состојбата со спортските објекти во Македонија: Не се знае кој пие, кој плаќа

Ревизорите го „чешлаа“ Јавното претпријатие за стопанисување со објекти за спорт. Не е јасно со кој имот реално располага ЈП, закупците прават што сакаат, објектите се даваат под закуп на долг период со мала закупнина, се отуѓува имот од јавен интерес… ЈП правно не постои од 20017 година, но се уште функционира…

Состојбата со повеќето спортски објекти во земјава што се во државна сопственост е хаотична, се наметнува оценка по прегледувањето на извештајот на Државниот завод за ревизија, кој изврши ревизија на финансиските извештаи на Јавното претпријатие за стопанисување со објекти за спорт за 2023 година.

Извештајот е за 2023 година, но состојбата досега не е многу променета. Можеби само на полошо. Долговите од закупците кон Јавното претпријатие за стопанисување со објекти за спорт (ЈП) се околу 200 милиони денари и тоа по разни основи. Во исто време ЈП должи за неисплатените плати кон вработените и други надоместоци околу 62 милиони денари. Долговите на ова ЈП кон добавувачи се малку над 32 милион денари, а за 30 отсто од нив не е можно да се утврди основаноста и законитоста?!

– Јавното претпријатие не располага со податоци и информации за спортските објекти во сопственост на државата со кои управува, не е извршено запишување во јавните книги, што создава ризик за незаконско постапување со државниот имот – стои во извештајот на ревизорите.

Јавното претпријатие располага со имот од вкупно околу 32 милиони евра. Меѓутоа…

– За евидентираните земјишта и градежни објекти, ЈП не располага со податоци со кој имот реално располага, нема одлуки на Влада и имотни листови како доказ за стекнато право на користење или нивна сопственост, ниту пак постојат историски податоци за нивната вредност, исправка на вредноста, вредносно усогласување низ годините или извршена процена – велат ревизорите.

Државни објекти, приватен профит

Ревизорите извршиле анализа на договорите за дел од објектите кои се дадени на користење на други правни субјекти при што се утврдени загрижувачки состојби.

– Објектите се даваат под закуп на долг период 20-30 години, а закупнините се мали во однос на просторот што се дава, а закупецот може истите да ги дава во под закуп… Не постои документација за промените запишани во имотните листови во однос на сопственост од легализација, приватизација или по друг основ. Се отуѓува имот од јавен интерес преку извршни постапки. И покрај раскинатите договори, закупците не ги напуштаат објектите и понатаму бесправно ги користат. Непреземањето на објектите од страна на единиците на локална самоуправа придонело за поголемо запуштање, руинирање на објектите, нивно користење за намени кои не се во насока на спортот како и бесправно владеење… – стои меѓу другото во извештајот, во кој има и други во најмала рака загрижувачки информации.

Како поинаку да се опише оваа состојба ако не – хаотична. Ваквата состојба отвора многу можности за злоупотреба и финансиски добивка на поединци.

Скопското лизгалиште некогаш и сега

ЈП законски не постои велат ревизорите

Во извештајот се нагласува дека ова јавно претпријатите законски престанало да постои на први мај 2017 година, но поради административни причини, тоа се уште опстојува.

– Обелоденуваме состојби што се однесуваат на непреземање на мерки и активности за спроведување на законските одредби од страна на Владата и Агенцијата за млади и спорт по укинувањето на ЈП, поради што ЈП се уште опстојува и работи, има активен статус во Централниот регистер, не е решен статусот на вработените, се генерираат нови обврски и загуби од работењето како и загуби на имотот на државата – стои во извештајот.

Ревизорите му укажуваат на Министерството за спорт дека има потребата за утврдување на сите објекти кои биле во надлежност на ЈП и нивниот статус, како и преиспитување на законитоста на сите договори за закуп склучени помеѓу ЈП и трети лица со цел преземање на мерки за минимизирање на правните и финансиските ризици и заштита на државниот имот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот