
„Ханделсблат“: Европа ќе ги оптовари кинескиот челик со високи царини
Европската унија ќе воведе заштитни царини во опсег од 25 до 50 отсто на кинескиот челик и производите од челик, најави весникот „Ханделсблат“ повикувајќи се на анонимен висок европски функционер во Брисел.
Препорачано
Како што пренесе „Ројтерс“, овој чекор е дел од пошироката стратегија за враќање на конкурентската рамнотежа на европскиот пазар, кој се соочува со масовен увоз од Кина и затворањето на американскиот пазар.
Покрај тоа, Европската унија планира јавните набавки, вклучително изградба на метро, железнички пруги и мостови, да ги поврзе со правилата „Купи европско“, кои фаворизираат користење на европски „зелен челик“ и електрични возила.
Големите компании и лизинг-центри ќе бидат обврзани дел од своите возни паркови да го сочинуваат електрични автомобили произведени во Европската унија.
Европскиот комесар за индустрија, Стефан Сежурн, истакна дека Европа „нема друг избор освен да најде нова рамнотежа“ преку намалување на внатрешните трговски бариери и истовремено зајакнување на надворешните заштитни мерки кон трговските партнери кои, како што рече, „повеќе не се придржуваат до никакви правила“.