
Хајрулахи вели дека поднел кривична против Коцевски, од ОЈО велат – досега не поднел
„До овој момент не е примена кривична пријава поднесена од вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи против државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, а доколку биде, ќе биде распоредена кај надлежен јавен обвинител“, информира Основното јавно обвинителство (ОЈО) откако Хајрулахи објави дека поднел пријава против државниот јавен обвинител и негов шеф.
Препорачано
Хајрулахи е суспендиран од раководната позиција во Вишото обвинителство Скопје, по поднесена кривична пријава заради основано сомнение за сторено продолжено кривично дело „малтретирање во вршење на службата од член 143“, како и за продолжено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик“, а Советот на јавни обвинители ја отфрли неговата жалба со која бараше укинување на одлуката за негово оддалечување од функцијата, донесена од државниот јавен обвинител Коцевски. Пред околу четири месеци Основното јавно обвинителство Штип донесе наредба за спроведување истражна постапка против Хајрулахи поради сомнение дека вршел мобинг.
Од Основното јавно обвинителство Штип известуваат дека во постапката против осомничениот се постапува целосно согласно закон, а истрагата е во финална фаза.
-Надлежниот јавен обвинител не подлегнува на притисоци и испрати покана до осомничениот тој да даде исказ во своја одбрана, меѓутоа поканата е вратена со забелешка дека тој се иселил од адресата наведена за лицето во полномошното и во системот на МВР, велат од ОЈО.
ОЈО потоа и ја објави потврдата од неуспешната достава на покана за распит на суспендираниот виш јавен обвинител Мустафа Хајрулахи.
„Поради интересот на јавноста, Основното јавно обвинителство Штип ја објавува потврдата од неуспешната достава на покана за распит за г-динот Хајрулахи. Заради заштита на личните податоци адресата е прикриена и е истата официјална адреса на конкретното лице“, велат оттаму.
Хајрулахи денеска информира дека поднел кривична пријава против Љупчо Коцевски, јавен обвинител на Република Северна Македонија, Татјана Кацарова, јавен обвинител во ОЈО Штип, Ристо Бојаџиски, Виш ЈО на ВЈО Штип и Ермон Незири, член во Совет на јавни обвинители за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување по чл. 353 од Кривичниот законик“.