Вицепремиерката Славица Грковска во емисијата „Трилинг“’

Грковска ги повика судиите да ги пријават оние што им вршат притисоци

Неподелени се мислењата дека сме далеку од тоа да бидеме задоволни од резултатите од борбата со корупцијата и организираниот криминал во изминатите две години, што е прилично краток период за радикален исчекор напред, рече вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска во интервју за емисијата Трилинг на ТВ24.

– Еден добар дел од резултатите или мислењето во јавноста се однесува на институции врз кои владата нема ингеренции, тоа значи на правосудниот систем, затоа што изостанува ефективна завршница на крупни корупциски и криминални случаи, што е разочарувачки за сите нас, за секој граѓанин на нашата држава – истакна Грковска.

Грковска изјави дека очекува од судиите да ги посочат јавно тие коишто им вршеле притисок и да поднесат пријава, затоа што разочарува тоа што нема конкретна и суштинска институционална процедура за ваквите обвинувања. Според неа, не само во правосудниот систем, туку и во другите фели треба да се најде механизам како да се изолираат тие кои фрлаат црно петно и го рушат целото општество од внатре.

– Јас сум сигурна дека доколку се најде некој храбар во истражните и судско обвинителските органи да покрене кривична постапка, се разбира доколку има сериозна аргументација, за судии и обвинители коишто се во ланец на корупција и организиран криминал и доколку успешно заврши таа постапка, дури тогаш може ние да зборуваме дека граѓаните ќе почнат да ја враќаат довербата во правосудството и генерално во институциите – истакна вицепремиерката Грковска.

Не мислам дека единствените виновници се во правосудството, додаде таа, меѓутоа се покажува дека најслабата алка е токму правосудниот систем.

– Нам ни требаат храбри, чесни и со интегритет вработени во сите институции коишто се во ланецот институции за борба против корупцијата и организираниот криминал. Со плашливи луѓе не може да има успех во оваа битка. А со калкуланти, исто така. Ако калкулирате однапред, дали ако преземете нешто согласно закон можете да имате последици или не или како тоа ќе се одрази на вашата кариера, тогаш подобро одете си од таа позиција – изјави Грковска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот