Претседателот на Франција и премиерот на Грција / Фото: EPA-EFE/LUDOVIC MARIN / POOL MAXPPP OUT

Грција набавува три француски фрегати, потпишан Договор за стратешко партнерство за одбранбена и безбедносна соработка

Набавка на три модерни француски фрегати „Belharra” вклучува Договорот за воспоставување стратешко партнерство за одбранбена и безбедносна соработка меѓу Франција и Грција, што утрово во Париз го потпишаа министрите за надворешни работи и за одбрана на двете земји, во присуство на францускиот претседател Емануел Макрон и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.

Макрон и Мицотакис, на прес-конференцијата по потпишувањето ја истакнаа важноста на Договорот и блиските и зајакнати односи меѓу двете земји.

Францускиот претседател истакна дека  Договорот е плод на 18-месечна интензивна работа и ја изразува заедничката волја на двете земји за зајакнување и интензивирање на соработката во одбраната и безбедноста врз основа на взаемните интереси, но и на солидарност, а намерата е „да се заштитат суверенитетот, независноста и интегритетот на двете земји”.

Грчкиот премиер изјави дека е историски ден за Грција и Франција, бидејќи двете страни решија да ја надградат билатералната одбранбена соработката, а двете земји „прават прв храбар чекор кон европска стратешка автономија”, но и дека овој договор го отвора патот за силна Европа во иднина.

Тој нагласи дека по 24 француски воени авиони „Rafale”, Грција ќе добие и три фрегати „Belharra”со можност да се набави уште една.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот