Фото: Театарски фестивал "Битолино"

Гран при на ИДТ фестивал “Битолино” за претставата од Кипар

Наградата Гран При за најдобра претстава во целина, жири комисијата на годинашното 12 издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“ , ја додели на претставата „Мирно! Статуата што го обиколи светот“, во режија на Костас Силвестрос, Панајотис Тофи, а во продукција на театарската група STILL! од Кипар .

Наградата на гостите од Кипар ќе им биде врачена на состанокот на Асоцијацијата на театри за деца Аситеж на состанокот во Белград во ноември, соопштија организаторите.

Детскиот театарски фестивал “Битолино” во организација на „Бабец театар“ оваа година во Битола се одржуваше под мотото „Следи ја светлината“, а публиката имаше можност да ја проследи театарската работилница „Митови и легенди за Битола“ на режисерот Благојче Божиновски и претставите „Лажеш Мелита“ во режија на Драгана Милошевска Попов, во изведба на македонскиот професионален детски театар НУ „Театар за деца и младинци“, претставата „Срце во темнината“ во режија на Тања Лужар, во изведба на „Куклениот театар Марибор“ од Словенија, „Мил Рострос“ театарот од Мексико ја изведе куклената претстава „Малиот џин“ во режија на Ним Гардуњо, претставата-мјузикл „Исландска авантура“ во продукција на групата за изведувачки уметности „Знаци на север“ од Исланд, а во режија на Џени Лара Арносдотир.

Фото: Театарски фестивал “Битолино”

На “Битолино” настапи групата од Грција, „Хипо“, кои ја изведоа претставата „Скитници“ во режија на Александрос Раптис, Фотис Доусос, претставата „Под половина капка вода“ од Србија во продукција на „Станица – сервис за современ танц“, во режија на Јована Ракиќ Марко Милиќ, Милица Писиќ и Милена Тодоровиќ .

Претставата „Каде е Фофо?“ авторскиот проект на Рути Тамир од Израел беше дел од театарскиот фестивал а членовите на детската театарска школа “Бабец” ја изведоа претставата „Сомнително лице“ во режија на Јулијана Мирчевска.

-Оваа година публиката имаше можност да погледне 12 претстави од 10 театри од девет земји од светот. Фестивалот имаше 100 учесници и над 2.100 посетители.

Претставите оваа година секоја на свој начин го доближија театарот до децата преку иновативното користење на просторот и начинот да се раскаже приказна за моралните вредности, потоа прекрасно визуелно доживување со употреба на нови технологии зборувајќи на теми за кои не секогаш се зборува, како аутизмот, емотивна приказна со употреба на кукли или традиционална приказна со прекрасна музика и песни, потоа интерактивна претстава за подигнување на свеста за околината, екологијата и бездомните кучиња-вели директорот на ИДТФ “Битолино” актерот Васко Мавровски.

Фото: Театарски фестивал “Битолино”

Фестивалот се одржа на сцените на НУ Центар за култура Битола, а дел од настаните надвор од натпреварувачката конкуренција се одржаа на сцената на Битолскиот Народен театар.

Фестивалот како проект од национален интерес во културата за 2023 финансиски беше поддржан од Министерството за култура и Општината Битола во програмата на Битолското културно лето “Битфест”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот