
Граѓаните немаат кому да се пожалат од управителите на зградите, инспекторите се бројат на „прсти“
Во некои скопски општини има инспектори за домување. Друго прашање е колку се тие во можност да одговорат на големиот број поплаки од граѓаните, со оглед на фактот дека таму кај што ги има – има само по еден.
Скопјани што живеат во згради не знаат кому да се обратат доколку имаат проблем со управителите. Некои се жалат дека управителите не си ги исполнуваат обврските од договорите, дека тие сами бараат мајстори за поправки во објектите каде што живеат, дека некаде хигиената не се одржува како што треба, но дека сметките за управување редовно стигаат и мора да се платат.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Има и сопственици на станови што склучиле договори со фирми за управување кои немале лиценца, па потоа едвај успеале да ги раскинат договорите за да изберат друг управител.
На проблемите со кои се соочуваат граѓаните беше укажано и на панел дискусијата одржана месецов посветена на предизвиците со домувањето во земјава. Претседателот на Регулаторна комисија за домување Зоран Маџовски проблемите со кои се соочуваат граѓаните ги детектираше во недостатоци во Законот за домување, како и многу слабата контрола над управителите, што е резултат на фактот дека општините немаат инспектори за домување во општините што вршат надзор над работата на управителите кои се лиценцирани за домување.
Тој смета дека граѓаните не се доволно информирани и сметаат дека Регулаторната комисија за домување врши надзор, па најчесто се жалат до комисијата за своите проблеми.
Во некои скопски општини има инспектори за домување. Друго прашање е колку се тие во можност да одговорат на големиот број поплаки од граѓаните, со оглед на фактот дека таму кај што ги има – има само по еден.
Од Гази Баба велат дека тој врши редовни инспекциски надзори во согласност со годишниот и месечниот план, а во врска со управувањето на колективните станбени згради од страна на управителите и заедниците на сопственици на територијата на Општина Гази Баба и вонредни инспекциски надзори, по пријави од станарите.
Слична е состојбата и во Општина Центар.
-Во Општина Центар се вршат редовни инспекциски надзори над управителите што управуваат со станбени згради. Општината редовно постапува по сите поднесени претставки, поплаки и пријави на граѓаните на Центар во однос на давањето на услуги на управителите од страна на Заедницата на сопственици на станари или фирмите-управители – велат од општината.
За првите шест месеци од годинава до инспекторот за домување во Општина Карпош се поднесени 46 писмени барања од граѓани, од заедница на станари и институции, како и 32 барања за инспекциска постапка. Во истиот период инспекторот подготвил 15 записници за извршен инспекциски надзор и издадени се 15 решенија и 25 известувања. Во Извештајот се содржани барањата од граѓаните доставени до Општина Карпош, кои се поднесени од заедници на сопственици и од индивидуални лица (станари), а кои се однесуваат на проблематиката сврзана со функционирањето на Законот за домување.
Во Општина Чаир е предвидена позиција за инспектор за домување согласно Законот за домување, но, како што велат оттаму, претходниот инспектор заминал во пензија, а моментално трае обуката на нов, кој до стекнување лиценца не смее да врши инспекции на терен.
Според правилникот за систематизација на работните места во Општината Ѓорче Петров од октомври 2019 година, кој сѐ уште е во важност, не е предвидено вакво работно место.
-Во тек е спроведување на функционална анализа која како и законската одредба покажа потреба од ова работно место и според неа ќе биде предвидено во новиот правилник – тврдат од Ѓорче Петров.
Инспектор за домување моментално нема ниту во Општина Бутел, а како што објаснуваат од општината, инспекцискиот надзор во однос на управувањето со станбените згради, во име и за сметка на Општина Бутел го вршат инспектори од Државниот комунален инспекторат.
– Во изминатата година до Општината Бутел беше доставена само една жалба од граѓани на станбена зграда за колективно домување во однос на начинот на вршење на управувачките работи од страна на управителот на таа станбена зграда. Истата жалба беше спроведена до регулаторната Комисија за домување како и до Државниот комунален инспекторат и успешно беше разрешена. Општина Бутел интензивно работи на усогласување на предвидените надлежности во законските регулативи, со потребата за ангажман на дополнителен соодветен стручен кадар – објаснуваат од Бутел.
Од општините Кисела Вода и Аеродром и покрај тоа што неколкупати им упативме прашање, не добивме одговор дали имаат вработено инспектор за домување кои би им помагал на граѓаните да ги разрешат проблемите, пред сѐ, со управителите на зградите.
Во Скопје има 40 лиценцирани управители
Регулаторна комисија за домување досега на 115 управители им издала лиценци, а од нив само 63 се активни во моментов. Останатите 52 се или истечени или одземени.
Од фирмите со активни лиценци за управители 40 се во Скопје и со некоја од нив сопствениците на станови треба да склучат договор доколку решат управувањето на зградата да го доверат на лиценциран управител. Сепак, за проблемите со нив можат да се обратат до општинските инспектори – онаму каде ги има.